1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за Специјален Суд

27 јули 2023

Лекот е во испорака на инјекцијата која ги престрашува сите актери на политичката, медиумската и олигархиската сцена. А тоа значи формирање на Специјално Обвинителство, надградено со Специјален Суд. Пишува Арсим Зеколи

Фотографија: fikmik/YAY Images/IMAGO

Пред неколку години состојбата на нашиот политички, административен и севкупно државен систем ја дијагностициравме како заболен од тромбоза. Со масни наслаги на естаблишментот, затнат крвоток низ кој не протекуваат нови луѓе, нови идеи, нови движења. Од скоро сѐ почесто ја слушаме диагнозата за апатија, безволност на општеството, без енергија, сила, интерес и порив да се менува, да се оттргне од летаргијата во која западна како последица на слабиот крвоток. Денес, таа состојба на тромбозен систем и апатично општество резултира со атрофија на органите на државата, на институциите и самата демократија, која не верува во себе и сопствената сила.

Атрофијата е последица на стареењето или пак предизвикана од бактерии кои ги разјадуваат мускулите или организмот. Во нашиот случај, се чини дека сме подложени на обата фактора – на излитена, остарена политичка номенклатура и бактериите на криминал, корупција, неказнивост и апаштво без скрупули и срам. Таквата состојба на атрофија на институциите и органите како да ја принудија Анџела Ангелер да укаже дека САД може да санкционираат наши првенци, но прашање е дали ние имаме домашни капацитети кои истите ќе ги обвинат, приведат и осудат за неделата поради кои завршиле на црни листи.

Концепт на „Големи Прашања“ и концепт на „Национални Политики“

Највидливиот пример за атрофијата на нашата политичка сцена денес се двете најкриминализирани структури кои себеси се нарекуваат Демократска Унија за Интеграција и Внатрешна Македонска Револуционердна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство. Предводени од Али Ахмети и Христијан Мицкоски. Во двете партии се случуваат драматични процеси предизвикани од забрзаното согорување на клучните концепти од кои зависат судбините на партиите и особено водствата. Од една страна, концептот на „Големи Прашања“ (Ceshtje Madhore) врз кој Ахмети ги добиваше изборите и уште повеќе амнестиите за организираните криминали на неговиот семеен и партиски клан. Од другата страна, концептот на „Национални Политики“ врз кои Груевски и допелгангерот Мицкоски обезбедуваа амнезија и амнестија за гангстерското разбирање на политиката.

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Земете ја како пример изјавата на Ахмети и потоа на Бујар Османи за некакви комплотни дружења на македонската олигархија, политички првенци некаде на периферијата на Скопје, со цел да се „потскратат канџите” на Албанците кои „премногу се осилиле”. Реално, аргументи за таквите обвинувања ќе најдете низ секоја втора колумна на македонските аналитичари, без да има потреба од бркање „дружби во темни периферии”. Од друга страна, кој и да присуствувал на таквите сеанси, тешко дека во последните година-две не бил во некој дил, договор, соработка со некој од интегристичките првенци. Некогаш на взаемно задвоволство, сега на взаемно криење на змиските им нозе.

Изјавата е всушност индикатор за нервозите во ДУИ и Кланот Соравија поради внатрешните превирања и паранојата предизвикана од надворешната изолација. Премногу порази наредени во низа ја растресоа самодовербата на Ахмети – извесниот дебакл во именување Албанец Премиер, Зелени агенди, Отворени Балкани, дистанцирањето на Тирана и Приштина, црно-листењето на Рамиз Мерко, дипломатското одбивање на Теута Арифи.

Заокружено со отцепувањето на моќното чаирско крило, кое напамет ги познава сите интриги и итроштини на Ахмети. Регрупирањата во опозицијата го стеснија маневарскиот простор на Командант Соравија за опортунистичко контрирање преку претставување на другите како закана, а себеси како спас и „неодминлив партнер” на меѓународната заедница. Паничните гневови на „дежурните провокатори” вметнати како агент-спијачи во опозицијата и лежерните реакции на окрупнетата опозиција укажуваат дека старите стратегии за вештачки поделби веќе не минуваат кај гласачките тела. Но затоа, нивното враќање во ДУИ ја подвлекува ерозијата на имиџот на „современост” и ја потенцира реалната опасност од нови, побрутални поделби во интегративниот камп.

Состојбата не е воошто порозова ниту во кампот на ВМРО-ДПМНЕ, поради речиси исти причини како оние поврзани со ДУИ. Навистина, Мицкоски и Николовски не обвинуваат за „тајни сеанси на албански олигарси и политичари” скроени со цел „да се земе лебот на Македонците”. Но затоа имаме панични реакции на взаемниот пријател на Мицкоски - Заев, кој на обвинувањата на ИРЛ поврзани со трагедијата со Модуларната болница во Тетово одговара со жалопојно дефокусирање дека „се прогонуваат единствено македонски стопанственици”. Надоврзано со канонадната галама на порталите на ВМРО и Зоран Заев околу „албанизацијата” вршена од страна на партијата на Ахмети, која токму ВМРО и СДСМ ја воздигнаа до статус на несоборливост и доминација. Не станува збор само за кукавичлукот на Христијан Мицкоски и Зоран Заев од соочување со нивната недокваканост за политика. Станува збор за зависноста на двата актера од „Националните Политики“, низ кои повторно ќе ја прошверцуваат сопствената олигархиска заробеност, маскирана со провинцијална, лузерска, шарлатанска пародија на политиката.

Губитниците во провидните интриги

ДУИ и Албанството се храна за Христијан Мицкоски и Зоран Заев. Доколку ги нема интегративците и Ахмети, дуетот на пара-опизицијата ќе треба да се соочи и нуди одговори за сопствените улоги во разнишувањето на столбовите на македонскиот идентитет, на шурувањето со српските нарко-разузнавачки криминали, на урнисувањето на правосудниот систем. А пред сѐ, токму Христијан Мицкоски ќе треба да одговори пред македонската јавност: каде за овие пет години се истопи поддршката или разбирањето од сестринските партии од европската десница, особено од славофонскиот кампус за прашањата поврзани со македонскиот идентитет, јазик, историја? Надополнето со прашањето: кого точно во спорот Софија – Скопје го поддржува неговиот пријател и партнер Виктор Орбан? И на крај, заокружено со констатацијата: зошто продолжува да ги лаже Македонците со нови договори и покрај јасниот став на ЕУ дека нови договори едноствано нема да има.

Состојбите и односите во ВМРО денес се речиси пресликани од односите во СДСМ во последната бранковистичка фаза. Дотолку повеќе што тогашната улога на Радмила Шеќеринска во СДСМ денес е преземена од Зоран Заев во ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш (Сорос) и сега (Заев), факторот на обединување е диктиран од пари и судови, помалку од „Големи Национални Прашања“. И тогаш и денес, вината се префла врз Албанците, но надградено со Бугарите. Но токму неодговорноста на Заев-Шеќеринска некогаш и Мицкоски-Заев денес се факторите кои однапред навестуваат дека во таа провидна интрига губитници ќе бидат Македонците, а добитник ќе биде ДУИ. Затоа, упатно е Мицкоски да ги проследи случувањата во Шпанија, каде победата на десницата беше најавувана со месеци, како свршен чин, сигурна победа. За на изборниот ден десницата да добие Пирова победа, а левицата да докаже дека граѓаните не подлегнуваат на галмџиски хистерии.

Деблокадата на Македонија треба да дојде однадвор

Како тогаш, да се придвижи организмот, да се надмина атрофијата на органите и летаргијата на општеството? Агелер го постави прашањето, Гир го претстави предупредувањето. Но се чини дека Агелер и Гир, порано или подоцна, ќе бидат принудени да разберат дека имитирањето на минатите искуства подразбира повторување на истите лекови. Политичкиот и особено економскиот естаблишмент во Македонија (без обѕир на етникумите) е папочно врзан со замешателствата од соседна Србија и нејзиниот судбински интерес за спречување на влезот на Македонија во ЕУ, со или без Албанија, но секако не пред Србија. Периодот зад нас докажува дека дури и доколку Софија (реално или привидно) ги релаксира барањата кон нас за да се отпочне процесот на преговори, тоа секако не води кон реципрочно релаксирање од наша страна. Туку напротив – кон уште пожестоки кампањи на бугарофобија и албанофобија од олигархиските кругови и нивните политички и медиумски инсталации. Но тоа е само пропаганда, вистинската цел е саботирањето на интеграциите кон ЕУ и кон Западот.

Затоа, лекот не е во контракампањи на објаснување, разјаснување, убедување, молење, колнење, предупредување. Тоа е само губење време во расправа со пропаганди, во кои вистината тоне пред наслагите на лажното патриотство и граѓанство и нивните замислени прашања „дали ќе, дали значи, дали може”. Лекот е во испорачувањето на инјекцијата која ги престрашува сите редум, сите актери на политичката, медиумската и особено олигархиската сцена. А тоа значи надополнето и проширено формирање на Специјално Обвинителство, но сега надградено со Специјален Суд сместен надвор од границите на земјата. Блокадата на Македонија доаѓа однадвор, конкретно од Србија, виа нејзините испостави во македонските и албанските олигархии. Затоа, деблокадата треба исто така да дојде однадвор.

Агелер и Гир треба да разберат дека општеството и граѓаните одамна ја имаат надминато фазата на верување во изговорите на домашната компромитирана Јустинијана-правосудна фела дека „си имаме ние свои експерти” или „ние сме си суверена држава”. Доколку 90 отсто од граѓаните немаат доверба во домашното правосудство, нема никаков сомнеж дека барем 70 отсто од нив со двете раце, со олеснување и надеж ќе прифатат рестарт на СЈО и формирање Специјален Суд надвор од нашите граници. Доколку 90 отсто не веруваат во нашите судии поради врските со нашите политичари и просрпски олигарси, немам никаков сомнеж дека 95 отсто од граѓаните сметаат дека расчистувањето со нив е суштински и судбински предуслов за враќање на довербата во правосудството, системот, политиката. И на крај, смислата и одржливоста на идејата и државата наречена Република Северна Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми