1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Врева околу Меркел: Критики од пријатели, пофалби од Москва

Гжегож Шимановски
8 октомври 2025

Полска и балтичките држави, вели поранешната канцеларка, ги блокирале можните разговори на ЕУ со Владимир Путин пред војната во Украина. Споменатите земји реагираа остро. Меркел доби поддршка од Москва.

Жена со светло палто (поранешната германска канцеларка Меркел) зборува гестикулирајќи со рацете
Ангела Меркел на презентацијата на нејзината биографија (архивска фотографија)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Кога политичката пензионерка Ангела Меркел ќе се јави за збор, таа е внимателно слушана. Особено кога станува збор за позадината на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година. Меркел, која беше германска канцеларка до декември 2021 година, значително ја обликуваше европската политика кон Русија.

Во интервју за независниот унгарски портал „Партизан“, Меркел зборуваше за последните месеци пред војната. Зборуваше како коронавирусот го отежнал контактот со рускиот претседател Владимир Путин.И како, како канцеларка, таа иницирала разговори меѓу ЕУ и Русија во јуни 2021 година за стабилизирање на кревкиот прекин на огнот меѓу Украина и Русија.

Според Меркел, таа сакала „ние како Европска Унија да разговараме директно со Путин. Некои не го поддржаа ова. Тоа беа првенствено балтичките држави. Но, и Полска беше против, бидејќи се плашеа дека немаме заедничка политика кон Русија“. Обидот не успеа. „Потоа ја напуштив функцијата. И тогаш започна агресијата на Путин“, вели поранешната канцеларка.

Ангела Меркел со тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц на самитот на ЕУ на 24 јуни 2021 годинаФотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Силни критики од Полска и балтичките држави

Ваквото прикажување на работите предизвика жесток отпор во споменатите земји. „Ова е нечуено“, се возбуди Артис Пабрикс, министер за одбрана на Латвија помеѓу 2019 и 2022 година. „Затоа што таа во суштина нè обвинува дека сме ја овозможиле инвазијата. (...) Таа ги превртува работите наопаку и не е во состојба да ги признае сопствените грешки, кои всушност имаа висока цена“, изјави тој за ДВ.

Естонскиот министер за надворешни работи, Магнус Цахна на платформата Х објасни дека причината за агресијата на Русија е одбивањето на Путин „да го прифати распадот на СССР“, но и „смирувачката политика на Западот во минатото, која ги игнорираше јасните предупредувачки сигнали“. Ниту агресијата против Грузија во 2008 година ниту анексијата на Крим во 2014 година не добија силен одговор, критикува високиот естонски дипломат.

Критики за изјавата на Меркел стигнаа и од Полска. „Апсурдно“ е да се тврди дека некој не седнал навреме на преговарачка маса со Русија, изјави полската министерка за фондови и регионална политика, Катаржина Пелчинска-Наленч, за телевизијата Полсат њус. На крајот на краиштата, Русија е очигледно агресорот, вели таа. Зборовите на Меркел „денес се сосема несоодветни, тие ѝ одат на рака на руската пропаганда“.

Поддршка од Русија

Навистина, изјавите на Меркел беа со благодарност прифатени од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков: „Може да се замисли дека г-ѓа Меркел е навистина во право во овој поглед“, рече Песков. ЕУ, рече тој, „за жал е заложник на фанатичната политика на балтичките држави и Варшава“ за надворешнополитичките прашања.

Руската Дума соопшти дека Полска и балтичките држави би направиле сè за да „провоцираат“ конфликти. А про-Кремљ политикологот Сергеј Марков го прослави моментот на давањето на забелешките на Меркел на својот Телеграм канал: „Меркел знае и разбира дека во Европа, трендот кон конфликт со Русија се поместува кон желба за мир со Русија“.

За што се работеше на самитот на ЕУ во јуни 2021 година?

Контроверзниот предлог за одржување самит ЕУ-Русија беше дискутиран на состанокот на шефовите на држави или влади на ЕУ во јуни 2021 година. Иницијативата дојде од Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Самитите ЕУ-Русија не се одржуваа од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и ги поддржа сепаратистите во источна Украина.

Во февруари 2014 година, Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд посредуваа меѓу Владимир Путин и украинскиот претседател Петро ПорошенкоФотографија: Tatyana Zenkovich/dpa/picture alliance

Од почетокот на 2021 година, ситуацијата во источна Украина се влоши. Прекршувањата на прекинот на огнот во Донбас повторно се зголемија. Спроведувањето на договорите од Минск за решавање на конфликтот од 2014 и 2015 година одамна беше заглавено.

Сепак, имаше контакти меѓу Западот и Русија. Тогашниот новоизбраниот американски претседател Џо Бајден се сретна со Владимир Путин во Швајцарија кон средината на јуни 2021 година. Кратко потоа, шефот на Кремљ се заложи за „обновување на сеопфатно партнерство со Европа“ во гостински напис во весникот „Цајт“.

Предлогот на Меркел и Макрон за одржување самит на ЕУ со Путин, меѓу другите, беше поддржан од Италија и Австрија. Но, тоа наиде на критики во Полска, Литванија, Естонија и Латвија. Латвискиот премиер Кришјанис Каринш во тоа време изјави дека Путин не треба да биде „награден“ со самит пред да се најдат решенија за ситуацијата во источна Украина. И Холандија исто така беше скептична.

Северен тек 2 ја наруши довербата во Германија

Во тоа време, се спроведуваше и германско-руски проект кој беше трн в око и на источноевропските членки на ЕУ и на Украина: гасоводот Северен тек 2, кој требаше директно да ги поврзе Русија и Германија. На почетокот на јуни 2021 година, Владимир Путин објави напредок во изградбата. Полска и балтичките држави побараа прекин на проектот.

Северен тек 2 трајно ги замрачи односите со Германија, се сеќава Пабрикс, тогашен министер за одбрана на Латвија: „Оваа зависност од Русија ја сметавме за геостратешка грешка и предупредивме на тоа. Но, Меркел тврдеше дека Северен тек 2 е чисто економско прашање и нема никаква врска со политиката“. Северен тек беше уништен од неколку експлозии во септември 2022 година.

Месеци претходно, со руската инвазија на Украина, разликите во рамките на ЕУ првично беа потиснати во втор план. „Денес нема веќе да можеме да разјасниме што ќе се случеше ако...“, рече Ангела Меркел во интервјуто. „Сега времињата се променија“.

Овој тект првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми