1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врие од незадоволство - протести во Царина и УЈП

ДТЗ
14 јуни 2023

Синдикатите најавуваат радикализирање на протестите, генерални штрајкови и блокади. Незадоволство има во повеќе институции. Не` очекува ли жешко синдикално лето?

граничен премин царина
Протестите и незадоволство во јавниот сектор, како и најавите за генерален штрајк и блокирање на границите најавуваат „жешко лето“ за синдикатите.Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Протестите и незадоволство во јавниот сектор, како и најавите за генерален штрајк и блокирање на границите најавуваат „жешко лето“ за синдикатите. Неисполнетите ветувања за корекција на платите, напротив енормниот пораст на платите на функционерите за 78%, предизвикаа бран незадоволство. Царинската управа за петок (16 јуни) најавува протест, поради незадоволството на вработените никако да го добијат додатокот од 30 проценти. Предупредувачкиот штрајк е можно и да се радикализира. Се размислува и за затворање на граничните премини. Во вторникот (13 јуни) своето незадоволство го изразија и вработените во Управата за јавни приходи кои се заканија со генерален штрајк. Со тоа не само што би се  блокирала исплатата на платите во државата, туку ќе се блокираат и други витални функции во општеството.

Која е причината за незадоволството?

„Огнот“ во Царина ќе треба да го гасне новиот директор, Стефан Богоев, којшто по постави Владата, кој деновиве треба да ја преземе новата функција. Поранешниот градоначалник на Карпош, кој функцијата ја презема од досегашната директорка Славица Кутиров, која поднесе оставка ќе треба да изнајде начин да го смири незадоволството кај вработените, кои како последна мерка најавуваат блокирање на границите. 

„Вработените во Царинска управа веќе со години наназад, иако имаат право согласно закон и колективен договор за исплата на триесет проценти на плата, тој додаток никако не го добиваат“, изјави на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Тој најави дека ова ќе биде првиот од протестите што ќе следат и во други институции

„Ќе имаме жешко синдикално лето -  в петок од 12 часот имаме протест во Царинската управа. Вработените во Царинската управа, иако со години имаат право на додаток од 30 отсто, тие не го добиваат. Тие обезбедија 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии, во други институции не добиваат. Ќе направиме предупредувачки протест за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 50 отсто“, порачуваат од Сојузот на синдикатите.

И вработените во УЈП го кренаа гласот со истите барања. Порачаа дека ќе прекинат со работа доколку не добијат покачување на платите од 30 отсто. Првично тие незадоволството го изразија преку протест пред Министерството на финансии, поради тоа што министерот Фатмир Бесими не прифатил да го потпише новиот колективен договор со кој се овозможува зголемување на платите. 

Неисполнетите ветувања за корекција на платите, напротив енормниот пораст на платите на функционерите за 78%, предизвикаа бран незадоволствоФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Поединечни решенија не се можни

И двете институции чекаат одлука од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Тој пак, им порача дека во процес на преговори е општ колективен договор кој ќе овозможи континуиран, одржлив раст на платите и дека нема простор за поединечни решенија пред тој да биде потпишан.

„Владата се залага за зголемување на сите плати во државата, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните. Поткрепа за ова е континуираниот раст на платите во јавниот и приватниот сектор и покрај неколкуте напоредни глобални економски кризи во изминатите три години“, велат од Министерството за финансии.

Во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите, тие велат дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор.

Систем на плати

Преку Економско социјалниот совет, заедно со социјалните партнери, веќе се работи на утврдување на систем за плати на сите вработени во јавниот сектор. Во подготовка е нов Закон за  плати на вработените во јавниот сектор и нов Општ колективен договор за јавниот сектор, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите. „Во услови кога се очекува да се воспостави вакво системско решение, а за кое се водат веќе разговори во Економско-социјалниот совет, секое поединечно решение, пред финализирање на овие два акта, ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел“, децидни се од Министерството за финансии.

И двете институции чекаат одлука од министерот за финансии, Фатмир бесими. Тој пак, им порача дека нема простор за поединечни решенијаФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Незадоволството следи откако министерот Бесими пред неколку месеци ги зголеми платите на своите вработени со образложение дека на тој начин ќе го спречи заминувањето на незадоволните кадри.

Надлежните уверуваат дека целта на Владата е да се воспостави воедначено, системско решение кое ќе биде фискално одржливо на долг рок и кое соодветно ќе го валоризира трудот на работниците.

Министерот за информатичко општество Азир Алиу на денешната прес-конференција рече дека интензивно се работи и се одржуваат состаноци со цел да се изготви модел за платите во јавната администрација. „Ние немаме модел за плати и како резултат на тоа имаме вработени во јавната администрација со ист опис на работни задачи со вработени во некоја друга институција, а меѓу кои има разлика во плати и до 30-30 проценти“, вели Алиу. 

Тој се надева дека наскоро ќе биде готова последната драфт верзија на законот. „Има некои недоразбирања меѓу институциите, но се надевам дека ќе имаме бази, рамка за сите институции, врз основа на која ќе се креираат платите“, вели министерот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми