1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Афера Епстин: Принцот Ендру се откажа од кралските титули

18 октомври 2025

Британскиот принц Ендру се откажува од преостанатите кралски титули поради скандалот со Епстин. Овој чекор доаѓа кратко пред објавувањето на мемоарите на жртва, кои содржат обвинувања против Ендру.

Британскиот принц Ендру
Британскиот принц Ендру, кој е длабоко погоден од скандалот со сексуалниот престапник Џефри Епстин, се откажува од преостанатите кралски титули и должностиФотографија: Neil Hall/PA Wire/dpa/picture alliance

Британскиот принц Ендру, кој е длабоко погоден од скандалот со сексуалниот престапник Џефри Епстин, се откажува од преостанатите кралски титули и должности. 65-годишникот го соопшти ова преку објава од кралската палата.

Во разговорите со кралот Чарлс Трети и неговото семејство, тие заеднички заклучиле дека „тековните обвинувања против мене се одвлекување на вниманието од работата на Неговото Височество и кралското семејство“, соопшти Ендру, поради што тој повеќе нема да ја користи својата титула и почестите што му се доделени.

Принцот Ендру во минатото падна во немилост поради неговата  блискост со Епстин,  американскиот милијардер кој беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во 2019 година. Инвестицискиот банкар беше обвинет за  злоупотреба на бројни девојки  и млади жени и нивно подведување на познати личности - вклучувајќи го и Ендру.

Помладиот брат на кралот Чарлс Трети во голема мера се повлече од јавниот живот уште пред години по обелоденувањето на  аферата Епстин.  Тој веќе ја изгуби својата улога како официјален претставник на кралското семејство, воените чинови и покровителствата.

Со оваа изјава, Ендру, вториот најстар син на кралицата Елизабета Втора, пресретнува понатамошни шпекулации и потенцијално уште поголемо понижување: одземање на неговите почести од самиот крал. За неколку дена, на 21 октомври, ќе бидат објавени мемоарите на Вирџинија Робертс Џофре, веројатно најпознатата жртва во скандалот со злоупотреба. Таа го обвини принцот дека ја злоупотребил како малолетничка.  Џофре си го одзеде животот во април.

„Како што веќе изјавив, цврсто ги негирам обвинувањата против мене“, истакна Ендру. Скандалот го мачи кралското семејство со години. 65-годишникот останува принц, титула што ја држи од раѓање. Неговите две ќерки, Беатрис и Евгенија, остануваат принцези.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми