Вториот круг како трето полувреме за Ахмети
24 октомври 2025
Најавата дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети за денеска напладне (24.10) закажал седница на Централното партиско претседателство, веќе предизвика бројни анализи и прогнози околу потезите на ДУИ пред вториот изборен круг, но и по прaшањето дали Ахмети потоа би заминал во политичка пензија.
Некои портали шпекулираат дека Ахмети бил блиску до одлука да се повлече од политиката, наводно после локалните избори, за да не им се наштети на кандидатите на НАИ во вториот изборен круг.
Интересот за идните потези на партијата и нејзиниот лидер, беше поттикната од постизборниот молк на Ахмети за епилогот од првиот круг на изборите. Но, според партиски извори, од седницата на Централното претседателство „нема да произлезат чекори кои би ги хранеле желбите на опонентите“.
Очекуваат да биде потенцирана предноста во гласови на Националната алијанса за интеграција (НАИ) пред опонентската ВЛЕН, но и насоки за силна мобилизација пред вториот изборен круг.
Османи: Единство и одлучност
Слични пораки произлегоа и од објавата на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир кој доживеа пораз во првиот круг од изборите, Бујар Османи.
„Чаир беше лекција, а секоја лекција се прифаќа со достоинство. Ја презедов мојата одговорност и му честитав на победникот, бидејќи дури и во овие околности сакам да оставам зад себе наследство на политичка култура, како што правев во текот на целата кампања. Но, ароганцијата на некои во ВЛЕН станува одвратна. Не прифаќам поради оваа причина да се гази резултатот на ДУИ и коалицијата", напиша Османи на неговиот профил на Фејсбук.
Тој се осврна и на изборниот скор на Националната алијанса за интеграција (НАИ) од првиот изборен круг, со став дека „со 114 илјади гласови, НАИ останува најголемата сила и легитимен претставник на Албанците". Тој изрази безрезервна поддршка за Ахмети во многу поширока смисла - како идеолог и лидер на Албанците.
„Али Ахмети е, и останува неоспорен идеолог и лидер на Албанците. Навредите кон него не се знак на политичка сила, туку знак на морална слабост. Овие ниски напади имаат една цел, да донесат деморализација пред вториот круг, но ќе се случи спротивното: единство и одлучност. Албанците дадоа масовна поддршка во првиот круг, а во вториот круг мора да потврдиме кој навистина ја држи нивната политичка волја. НАИ останува гласот на Албанците, додека Али Ахмети, нивниот морален и идеолошки столб", порача Османи и ги повика сите Албанци тоа да го потврдат ова достоинствено и масовно во вториот круг.
Поддршка за своите
Победата на првиот градоначалник Албанец во општина Чашка од редовите на НАИ (откако ДИК ги отфрли приговорите), се толкува како ветер во грб и дополнителна мотивација за другите кандидати од коалицијата НАИ.
Нивниот кандидат за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи, објави фотографија од средба со лидерот на ДУИ, со порака „Ангажирани, посветени како и досега, кон нови победи!“
Додека од партиите доаѓаат повици за масовна мобилизација, особено во албанскиот блок, таму не стивнуваат критиките дека градоначалници на ВЛЕН победиле со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, а се критикува и најавената поддршка од ВЛЕН за кандидати кои не се етнички Албанци.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи го критикуваат наративот за мобилизација врз етнички принцип, сметајќи ја за недостојна за едно граѓанско општество.
Новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, во интервју за ТВ Алсат-М оцени дека опозициската ДУИ бара изговори за поразот на локалните избори, не само во Чаир, но и во други општини.
„Нема ништо невообичаено - погледнете го Арачиново, каде 100 проценти од населението е албанско. Каде е тука улогата на ВМРО?" праша Меџити.
Тој прогнозира дека НАИ ќе почне да се распаѓа по изборите и дека најголемиот губитник на локалните избори ќе бидат Али Ахмети и ДУИ со добиени три рурални општини.
Загуби заради себе
Додека се лицитира кој успеал повеќе а кој помалку, медиуми на албански јазик ја реобјавуваат колумната на новинарот и аналитичар Батон Хаџиу напишана пред изборите, кој после изборите го потврдила нејзиниот предвидувачки карактер, односно станала документ за недостигот од колективна албанска свест во клучен момент. Во колумната под наслов „Али Ахмети: Крај што самиот го напиша", Хаџиу пишува дека Ахмети не го видел крајот, туку помогнал тој да се случи со разни компромиси што тој ги направил досега.
„Али Ахмети денес стана симбол на немоќ што ја заслужуваат само оние кои немаат храброст да ја напуштат сцената навреме. Затоа што не загуби од своите противници. Тој загуби од најслабата верзија од себе. Поради стравот од градење наследство наместо моќ. Од опсесијата да се биде последен што ќе проговори, дури и кога нема никој што ќе слуша. Додека Албанците влегоа во нов циклус - поделени, разочарани и недоверливи - историјата нема да го прости недостигот на ориентација во овој критичен момент. А недостасувачката ориентација има име: Али Ахмети“, пишува меѓу другото Хаџиу, со оценка дека Ахмети веќе не е фигура во историјата и е име кое веќе не ги плаши Мицкоски или неговите соработници.