1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Второмајски слики од скопското егејско минато

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
4 мај 2026

Токму заради цинизмот на реалноста денес, многу важно е да се потсетиме на вербата на нашите родители и роднини, но и на нашата увереност, на денешните постари генерации во тоа дека со чесен труд може да се постигне се‘.

Денешно СкопјеФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Денес ми се чини дека секој Први Мај во моето детство во југословенското време врнеше. Често се прашував зошто Први Мај често почнуваше со облачност и „мајски” дожд, а дури попладнето светнуваше сонце, а Втори Мај почнуваше со сонце, а од пладне се истураше пороен дожд со грмотевици?

Додека возбудена трчав попладне, кога дождот правеше куса пауза, по џадето кон Автокоманда, за да се договориме со роднините каде ќе одиме на второмајскиот излет, ми се чинеше дека сета природа блеска под крупните капки врз кревкото зеленило. И дека тој ритуал природата секоја година го повторува само за мене!

Дури и да не одевме на „Парадата” во градот, ние, децата, за празникот ја носевме првомајската облека, купена недела-две претходно, што често беше за Велигден. И денес јасно ги гледам моите стапала во белите чорапи-доколенки, во новите сандали од „Пеко”. Бидејќи сакав новите нешта да останат долго нови, морав многу да внимавам каде газам на патот крај џадето, за да не ги извалкам белите чорапи. Денешните деца не можат да си замислат што значеше новата облека за децата во доцните педесетти во социјалистичкото време.

Од центарот на градот се враќаа пешки кон дома фамилиите од парадата која штотуку беше завршила, па затоа автобусите беа преполни. Мајките ги носеа в раце заспаните бебиња. Боси, со штиклите заврзани со италијанската шамија со слики на венецијански гондоли, за ременот на чантата преку рамото. Татковците ги носеа на грб заспани поголемите деца.

Сликата е предземјотресна, кога тие што живееја во предградието, но особено во егејската дијаспора во Автокоманда, немаа автомобили. Првото „Фиќо” во нашата голема егејска роднинска заедница го купи по земјотресот тетин ми Ѓорги Доневски. Итав по џадето кон тие роднини, за да ги прашам дали ќе одиме на излет во ливадите крај Хиподромот, како минатата година, или во Трубарево. Не го сакав ниту едното ниту другото излетничко место. Хиподромот не го сакав зашто се плашев од коњите, а што ме одбиваше во Трубарево повеќе не паметам.

Излетите секогаш беа комичен или трагичен „театар”

Всушност, ме восхитуваше само возбудата во подготовката да се замине на излет! Ја сакав сликата што си ја замислував за излетот, додека ги слушав договорите на возрасните роднини. Таа никогаш не беше еднаква со реалната. Затоа што уште од дете научив дека фамилијарните, но и социјалните прослави, имаа непредвидлива динамика. Не зависеше се‘ од временската прогноза, туку повеќе од непредвидливите човечки карактери.

Дали одамна скараните роднини ќе се сретнеа случајно кај заедничките роднини и по мала учтива пауза, ќе започнеа гласно да расправаат за причината поради која не зборуваат две години. Само ние, децата, ги слушавме (тие самите од викање не се слушаа!) и сознававме брзо дека секој има своја верзија на причината за кавгата.

Дали излетот ќе остане идиличен зависеше и од тоа какво пијанство имаа татковците, лесно или тешко. Со еден збор, излетите секогаш беа комичен или трагичен „театар”, но со невидлив режисер.

За среќа, нашата егејска роднинска дијаспора беше многу сложна, а и да имаа недоразбирања, тие не ги разгледуваа јавно, а најмалку на второмајски излет. Ние, егејските фамилии, од Автокоманда и од предградието, стигнувавме со автобус во Маџари, а оттаму, товарени со тешки торби, одевме пешки кон ливадите во Хиподром.

Сите ја носевме најновата облека, купена во „НаМа” или од „демите”, пакетите со облека од роднините од Америка. Можеби затоа бевме сомнителни за соседите кои не беа Егејци, затоа што нашата американска облека не одговараше на сликата што ја имаат сите луѓе за бегалците.

Тоа беше парадоксот на бегалскиот почеток на моите родители во бегалските прифатилишта. Тие имаа свилени машки костуми од пакетот од вујкото од Чикаго, а немаа доволно „точки” за брашно или за масло. Затоа ја „трампеа” американската облека за едно торбуле со брашно.

На крајот на педесеттите измина времето на точките и дојде времето на точаците. Имав чувство дека за моите млади роднини најважната работа беше да се има точак. На неколку семејни второмајски фотографии сите млади вујковци и стриковци се качени на точак, застанати лево и десно од младите женски роднини, како некоја првомајска гарда.

Радоста во нивниот поглед, додека качени на точакот гледаат во камерата, за мене, девојчето на 6–7 години, остана симбол за тајната на егејскиот живот. Бабите, тие што постојано плачеа на секоја свадба и прослава, не доаѓаа со нас на излет. Второмајските излети беа царството на младите и на фамилиите со малечки деца.

Извор на заедничка чиста радост

Затоа тие излети имаа нешто од еден бескраен празник на пролетта и на младоста. Моите млади егејски роднини, но и моите родители, ги обожаваа свадбите и второмајските излети. Затоа Втори Мај беше незамислив без егејскиот оркестар.

Брзо откако ќе започнеше првото оро, кревката трева на мајските ливади во Ергеле и во Хиподром се претвораше во ораница од острите штикли на девојките. Кога ќе почнеа да се заглавуваат во земјата, чевлите се соблекуваа.

Со восхит и со чудење, скриена зад стеблото на некое дрво или клекната крај некоја грмушка, за да бидам на безбедна далечина од тој виор од радост и младост, ги гледав моите роднини и се прашував што е тоа што ги преобразува на секој Втори Мај во силен виор од радост. Небаре се наоѓаа во некоја друга димензија.

Денес ми е јасно дека во тој миг, нивната желба за најобичната среќа на младоста, беше слеана во еден извор на заедничка чиста радост. Затоа што беа млади, затоа што повеќе не беа во детски домови во странски земји, затоа што веруваа дека во новата татковина ќе ја изградат својата идна среќа.

Иако бев дете, насетував од радоста на моите родители дека за нив Први Мај означуваше нешто многу важно: дека со макотрпна работа, со чесен труд во животот може да се постигнат сите посакувани цели.

Денес, во времето на корупција, криминал и непотизам, вербата на генерацијата на моите родители, на моите помлади роднини, но и таа на мојата генерација сигурно се чини како незамислив, наивен идеализам.

Токму заради цинизмот на реалноста денес, ми се чини дека е многу важно да се потсетиме на вербата на нашите родители и роднини, но и на нашата увереност, на денешните постари генерации во тоа дека со чесен труд може да се постигне се‘. За жал, денешните постсоцијалистички општества првото нешто што го девалвираа и уништија беше токму таа верба во успехот со чесен труд.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми