1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

WWW слави 30 роденден- Ова не беше оригиналната идеја!

БГ /АП
12 март 2019

Пред точно 30 години на денешен ден, Британецот Тим Бернерс-Ли го активираше ткн. http систем кој овозможуваше пренесување на текст и фотографии. Се роди интернетот. Неговиот творец не е задоволен од развојот

Tim Berners-Lee Erfinder von World Wide Web
Тим Бернерс-Ли, творецот на World Wide WebФотографија: Imago/Leemage/CERN

На зрела возраст од 30 години и користен од половина од планетата, World Wide Web (Светската глобална мрежа) се соочува со растечки проблеми како говорот на омраза, загрозена приватност и државно спонзорирано хакирање, вели нејзиниот креатор, и бара мрежата да се подобри во корист на човештвото.

Тим Бернерс- Ли (насловна фотографија) денеска (12 март) ѝ се приклучи на прославата на роденденот и се потсети на својот изум токму во ЦЕРН (Европската организација за нуклеарно истражување) каде и го даде оригиналниот предлог на 12 март 1989 година. Тоа го отвори патот кон технолошка револуција која го промени начинот на кој луѓето комуницираат, разменуваат идеи, купуваат добра и добиваат информации.

Но, World Wide Web исто така стана и место во кое технолошките гиганти собираат лични информации, владите шпионираат и се мешаат во избори, а царуваат говорот на омраза и навредите- сето тоа е далеку од целта поради која беше формирана мрежата- како место за соработка на напредно ориентирани луѓе.

На крајот на 2018 година, половина од светското население е онлајн, додека другата половина се мачи да добие пристпат.

Говорејќи на конференцијата во седиштето на ЦЕРН Web@30, Бернерс-Ли оцени дека чувството кај многу луѓе кога ќе се вклучат на мрежата е:„Опаааа! Оваа мрежа не е мрежата која ја посакувавме во секој поглед!“

Неговата фондација наречена World Wide Web сака да ги натера владите, компаниите и граѓаните да преземат поактивна улога во обликувањето на мрежата за добри цели водени од принципите наведени во „Договорот за мрежата“.

Овој компјутер бил користен за создавањето на првата мрежа за онлајн пренос на податоциФотографија: CERN

Во тој договор се бара од владите да им овозможат на сите непречено поврзување на интернет, тој да биде достапен и да се почитува приватноста. Компаниите треба да го направат интернетот ценовно достапен, да ја почитуваат приватноста и да развијат технологија која на прво место ќе ги стави луѓето и јавното добро. Граѓаните треба да креираат и да соработуваат, и притоа да го почитуваат „цивилниот дискурс“, меѓудругото.

Раѓањето на http

Конференцијата во Женева ги собра на едно место интернет и технолошките експерти, но и му даде нова шанса на ЦЕРН да ја промовира својата репутација како отворен инкубатор на идеи. Бернерс-Ли работел таму во втората половина на 1980 години, и се обидувал да го надмине јазот во комуникацијата и документацијата меѓу различните компјутерски платформи.

Како млад софтверски инженер, дошол на идеја за изработка на протокол за трансфер на хипертекст (hypertext transfer protocol или http) со што е поставена основата на интернет мрежата.

Системот http им овозможи на текстот и малите фотографии да бидат пренесувани преку софтвер- првиот пребарувач (браузер)- кој Бернерс-Ли го претстави во 1990 година и се смета за почеток на мрежата. Во пракса, пристапот до пребарувачот на домашен компјутер за првпат им го направи интернетот лесно достапен на потрошувачите.

Тим Бернерс- Ли на дебата во ЦЕРН на 30-годишнината од мрежатаФотографија: Reuters/F. Coffrini

Оттогаш, Бернерс-Ли стана некој вид татко на интернет заедницата, беше прогласен за витез од кралицата Елизабета Втора и именуван за еден од најважните личности на 20 век од магазинот Тајм.

Загриженоста за правецот во кој оди интернетот ја делеа и други панелисти на конференцијата, особено во делот на контролата на интернетот од страна на големите корпорации, и судирите во сајбер просторот меѓу државите.

„Предизвиците доаѓаат од истото место кое ја прават мрежата прекрасна, и тоа е потешкотијата“, рече Зејнеп Туфекчи, професорка на Универзитетот во Северна Каролина, САД.

„Отвореноста е прекрасна, поврзаноста е прекрасна, исто така и фактот дека беше креирана како мрежа за академици кои имаат доверба едни во други...“, вели таа. Но, сега на мрежата „има огромна централизација, а неколку големи играчи стануваат нејзини чувари. Тие неколку големи играчи практично изградија машини за надзор“, рече Туфекчи. „Сето е базирано на набљудување кое не профилира и потоа не таргетира за реклами- а тоа воопшто не беше оригиналната идеја“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми