1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

12.803 обиди за илегално минување на македонската граница

21 октомври 2022

Во Берлин е постигнат договор за поефикасна заштита на границите со поддршка на европската агенција Фронтекс.

Бегалци на грчко-македонската граница
Бегалци на грчко-македонската границаФотографија: Getty Images/AFP/R. AtanasovskiGetty Images/AFP/R. Atanasovski

Министрите за внатрешни работи на Западен Балкан и претставници на ЕУ се согласија во Берлин за мерките зa зауздување на илегaлните миграции на „Балканската рута“, а најважни се хармонизацијата на  визната политика нa западнобалканската шесторка  со стандардите на ЕУ и сузбивање на криумчарењето на луѓе, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.

На средбата бил постигнат договор за  поефикасна заштита на границите  со поддршка на европската агенција Фронтекс и за процедурите за враќање во матичните земји нa бегалците кои немаат правна основа за престој во ЕУ.

Каква е состојбата по овие прашања погледнато низ македонски ракурс? Според македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, бидејќи особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница и  спречување на криумчарењето на мигранти.

„Во периодот јануари - јули 2022 година спречени се вкупно 12.803 обиди за илегално минување на државната граница, што претставува зголемување од 7% во однос на истиот период лани, но и намалување од 27% во однос на истиот период 2020 година, кога беа откриени 17.652 обиди. Миграциските текови во Северна Македонија бележат намалување за 80%, но транзитната ‘Западнобалканска рута’ и понатаму останува активна“, оцени Спасовски.

Договорот со Фронтекс

За справување со миграциските текови, според Спасовски, не се доволни само национални мерки, туку натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји, соработка со земјите на потекло, агенциите на ЕУ и ОН и релевантни меѓународни организации. На маргините од состанокот во Берлин, за овие теми Спасовски разговарал и со еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

„Со особено задоволство ја информирав еврокомесарката Јохансон дека Владата на Република Северна Македонија го прифати усогласениот текст на Договорот со Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС). Воедно, ја информирав еврокомесарката Јохансон дека Договорот којшто го парафирав во 2018 година, конечно ќе биде потпишан на македонски јазик, без додавки“, истакна Спасовски упатувајќи благодарност до Јохансон за континуираната поддршка на РСМ и МВР.

Министрите заседаваа на покана на германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, која порача дека Европа има заедничка одговорност да ги спречи нелегалните влегувања, за да може да им помага на луѓето на кои итно им е потребна поддршка.

„Сакаме да ги заштитиме луѓето кои доаѓаат кај нас поради војни и политички прогон. Остануваме доследни на нашата хуманитарна одговорност. Ниту еден човек не треба да се впушта низ опасни рути и да го загрози својот живот, а  потоа да нема изгледи да остане во Европа“,  рече Фезер, потенцирајќи дека европските партнери се решени да ја спречат илегалната миграција.

Жичена ограда на границата меѓу Грција и Северна Македонија спречува премин на бегалциФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Борба против криминалот и тероризмот

На средбата во Берлин се разговарало и за интензивирање на проектната соработка во борбата против корупцијата и  организираниот криминал.  Во делот на кривично-правниот одговор, Спасовски ја истакнува како посебно важна улогата на регионалната мрежа на специјализирани јавни обвинители, истражители и единици за финансиско разузнавање во државите на Западен Балкан.

„Полициските служби и јавните обвинителства повеќе од кога било се решени ефективно да се борат против прекуграничните закани со преземање координирани и заеднички акции“, потенцира Спасовски.

МВР веќе учествува во работата на мрежата ‘Глоуб’ во рамки на која се разменуваат информации, добри практики и искуства во работата

Во однос на уште една важна тема - „справување со повратници од региони на џихад“, РСМ од 2020 го започна процесот на подготовка за институционaлен одговор за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на странски терористички борци и нивните семејства кои се враќаат од конфликтни подрачја, на радикализрани лица кои не заминале во конфликтни подрачја или не поминале низ затворскиот систем, како и на лица кои поминуваат низ постпенален третман, а биле осудени за дела поврзани со тероризмот. Досега е организирана репатријација на 23 лица, а во Бирото за јавна безбедност, во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, воспоставена е посебна организациска единица со единствена надлежност - борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам.

На средбата во Берлин учествуваа министри за внатрешни работи или други ресорни претставници на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, претставници на земјите од Западен Балкан - Северна Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора и Косово, претставници на ЕУ и на меѓународни организации. Берлинскиот процес  е формат на годишни состаноци, кои ги иницираше германската влада во мандатот на канцеларката Ангела Меркел, во 2014 година. Целта на процесот е  да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан  и интеграцијата на тој регион во ЕУ. За денеска е предвидена средба на шефовите на дипломатиите на земјите учеснички, на 24-ти октомври е закажана средба на министрите за енергетика, а самитот на шефови на држави или влади на Берлинскиот процес ќе се одржи на 3-ти ноември во Берлин.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми