1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од ХИВ/СИДА починале 123 лица во С. Македонија

ДТЗ
1 декември 2022

Тестот за ХИВ се препорачува да се направи најмалку три месеци, а во некои ситуации и до шест месеци од ризичното однесување.

ХИВ/СИДА
Од ХИВ/СИДА починале 123 лица во МакедонијаФотографија: Saikat Paul/Pacific Press/picture alliance

Во Северна Македонија досега починале 123 лица од ХИВ/СИДА, а 451 лице живее со болеста. Според податоците на Институто за јавно здравје,во текот на октомври се регистрирани пет нови случаи. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.

Една од главните пречки во успешното справување со ХИВ-инфекцијата претставува сè уште распространетата стигма. Во текот на 2022 година, Здружението „Заедно посилни“ документирало 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациенти поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци.Тестот за ХИВ се препорачува да се направи најмалку три месеци, а во некои ситуации и до шест месеци од ризичното однесување. 

Одговорност 

На Светскиот ден на СИДА,кога се одбележува солидарноста со луѓето што живеат со ХИВ и здружените напори на светот за ставање крај на оваа епидемија, од здружението „Заедно посилни“, посочуваат дека државата има одговорност да вложи во докажаните мерки што ќе придонесат за намалување на бројот на нови инфекции и конечно ставање крај на оваа епидемија. 

За ХИВ/СИДА не постои лек, но постојат лекови што ја успоруваат болеста. Фотографија: Science Photo Library/imago

Северна Македонија, како и другите земји, има преземено меѓународни обврски да инвестира во справувањето со епидемијата на ХИВ, во согласност со Декларацијата за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации од 2021 година, како и со Акциските планови на Светската здравствена организација за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции до 2030 година. Мерките вклучуваат широка достапност на бесплатно ХИВ-тестирање, достапност на можноста за самотестирање за ХИВ, услуги за сексуално здравје ослободени од стигма, обезбедување средства за превенција, како кондоми и лубриканти, предекспозициска профилакса и стерилен прибор за инјектирање, подигнување на свесноста, како и сексуално образование прилагодено на возраста.  

Превенција 

ХИВ-инфекцијата е една од сè уште активните пандемии, но светот бележи значителен напредок во намалувањето на бројот на нови инфекции и бројот на смртни случаи поради СИДА. За ХИВ/СИДА не постои лек, но постојат лекови што ја успоруваат болеста. Се проценува дека до крајот на минатата година со ХИВ живееле 38,4 милиони луѓе во светот, од коишто 85% биле свесни за својот статус, а 75% примале антиретровирусна терапија. 

Наспроти тоа, во истата година само 66% од проценетите околу 550 лица со ХИВ во Северна Макеоднија биле свесни за својот ХИВ-позитивен статус, а 59% биле на терапија. „Ова укажува дека нашата земја треба да вложи многу посериозни напори за унапредување на насочените програми за превенција и тестирање, за кои е докажано дека даваат резултати и се дел од националната програма за ХИВ“, укажуваат од здружението „Заедно посилни“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми