Затоа што често границите на соседните национални држави минуваат и низ нашите семејни биографии, за Македонците мора да е многу важно Македонија да има одлична соработка со првите соседи. Сигурно се ретки македонските фамилии кои немаат роднини што заминале по Илинденското востание или по Втората светска војна во Бугарија, во Србија или во Грција.
Многу од моите пријатели од Скопје отсекогаш раскажуваа за тетките и братучетките во Бугарија, а веројатно истите приказни ги слушале и многу луѓе во Бугарија за роднините во Македонија. А може ли да биде поинаку кај народи чија историја во минатото се „преплетувала“, се „споделувала“, затоа што во одредени политички констелации живееле во еден заеднички географски простор?
Границите што минуваат низ семејствата
Мојата прабаба Софка од Костурско имаше две сестри, од кои едната уште во „Турско“, како што се велеше, пред Балканските војни, се беше омажила во Србија. Таа останала во Србија, кога по Балканските војни другите од фамилијата станале грчки граѓани. Кога сета фамилија по Граѓанската војна пребега од Грција во Југославија, по некоја година синот на сестрата на прабаба ми, од Белград трагал по роднините и ги нашол во Скопје. За баба ми по татко од Леринско, се раскажуваше дека двајца нејзини браќа по Балканските војни заминале во Бугарија, но за нив не знам ништо повеќе од тоа.
Заборавените приказни и споделената историја
Затоа што македонската држава е помлада од соседните национални држави, сосема е разбирливо дека за нас, Македонците, е од огромен интерес да имаме добри односи со првите соседи. Затоа Македонците мора да бидат проактивни во процесот на градење пријателство со сите соседи. Само така ќе го расветлиме мракот на заборавот во кој се потонати многу историски личности од минатиот век. Бидејќи националните наративи се секогаш селективни, многу од тие што не „одговарале“ на духот на времето, паднале во заборав.
Нивните биографии се наоѓаат само во приватните, семејни архиви во соседните држави. Нарушениот биографски континуитет во услови на егзил и војни симболично ќе го „залечиме“ кога повеќе нема да го „заробуваме“ со нашите тесни национални наративи. Траумата на „ранетоста“ на биографиите ја познаваат и тие фамилии кои од Македонија заминувале по востанијата и по војните во Бугарија.
Затоа, како што јас трагам во мојата проза по трагите на минатиот живот на моите роднини во Грција, во близината на Костурското Eзеро, така бугарската писателка Капка Касабова трага по трагите од животот на нејзината фамилија крај Охридското Eзеро. Кога барем народите чии национални држави се наоѓаат во историскиот регион Македонија би ја ослободиле нејзината историја од тесниот „корсет“ на националните наративи, тогаш јас и Капка Касабова би можеле заедно да зборуване не само во Охрид, туку и во Костур и во Софија за траумата на границите, војните и егзилот како вечна човечка состојба.
Само тоа овозможува вистинска емпатија за туѓото страдање. Бидејќи болката на разделбата од татковината била исто толку силна во фамилијата на Капка Касабова, како што беше во мојата.
Македонци и Бугари – соседи кои пропуштаат шанса да се запознаат
Само националните идеологии ја потиснуваат таа лична човечка траума и страдање, создавајќи митови и стереотипи, кои не дозволуваат да се согледа сета сложеност на еден човечки живот во војни и пресврти. Крајно време е да сознаат и Македонците и Бугарите дека тие се губитниците кои ја пропуштаат шансата да се запознаат и да ги споделат своите искуства од минатото. Наместо од фактот што имаат слични јазици да направат предност која ја олеснува комуникацијата, Бугарите и Македонците денес се пак во „невидлива војна“ како во времето на социјализмот.
Нели е донкихотовски кога Бугарија во ЕУ го негира јазикот на својот сосед, на кој се создава македонска литература која, патем, е поддржана од ЕУ-фондовите, од кои се поддржани и преводите на македонски на многу бугарски писатели? Има ли таа негација на јазикот на соседот во ЕУ воопшто врска со првобитниот дух на европското обединување? Колку заеднички македонско-бугарски творечки проекти остануваат неостварени, само затоа што преговорите ги водат политичари, без емпатија и без фантазија? Колку приказни би можеле да си раскажеме едни на други, кои трајно би нѐ приближиле и збогатиле, доколку би преговарале македонските и бугарските писатели, поети, композитори?
Трагично е што токму затоа најмалку знаеме за тие народи кои географски ни се најблиску, со кои нашите предци имале поблиски врски, затоа што се среќавале на пазарот во Битола и Лерин, или на студиите во Софија и Солун.
Исто толку трагично е што ЕУ од мигот кога беа примени земјите од некогашниот „Источен блок“, полека почна да заборава дека таа започна како визија за помирување на соседите во Европа. Како процес на надминување на минатото, најнапред, на соседите како Германија и Франција.
Човек помислува дека „Францускиот предлог“ го блокираше, наместо да го олесни процесот на приближување на Македонците и Бугарите, бидејќи француските „олеснувачи“ очигледно веќе заборавиле во кој дух на времето Де Гол и Адеануер го градеа пријателството меѓу Германците и Французите. Тоа не ќе беше можно без меѓусебната почит и подготвеноста за простување и разбирање за страдањето на другиот.
Време е за нов почеток во македонско-бугарските односи
За жал, ниту во Македонија ниту во Бугарија денес нема политичари со интегритетот и визијата на Де Гол и Адеанауер, а за да се надмине сложеното и болно македонско-бугарско минато се потребни такви гиганти. Затоа никогаш не започна вистински процесот на меѓусебното запознавање на Македонците и Бугарите по „европски модел“.
Темелот на европското обединување е токму почитувањето на националниот интегритет и идентитет на соседот. Француските „олеснувачи“ морале да знаат дека според европскиот модел на „споделена“ и „преплетена“ историја, една историска личност може истовремено да биде значајна кај неколку народи за нивната национална и културна идентифиација. Карло Велики е исто толку Французин, колку и Германец, а тоа што тој навистина бил е тема само за специјалистите, но не за политиката.
И тоа е најнормална работа, затоа што со тоа што една историска личност се „слави“ во повеќе национални наративи, ниту малку не се намалува неговата историска автентичност. Напротив, тоа е најубавото славење на нејзиното дело – во дух на пријателство и мир меѓу соседите.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
