Има нешто поразително кога во колумна мораш да пишуваш за чиста вода во 21-ви век. Сепак, деновиве се мислам дали целосно ја промашуваме суштината на европската дебата. Додека со децении се удираме во гради за идентитетот, историјата, достоинството и други грандиозни поими (со кои лесно се прикриваат слабите резултати), полека, но сигурно, и последните, претходно апсолвирани, оази на секојдневни општествени услуги, сега се веќе загрозени: чешмата, контејнерот, канализацијата. Не знам дали забележувате, но се’ повеќе се бавиме со елементарни работи кои не би требало да бидат предмет на дискусија. Така и треба - основните услуги никој не ги забележува, и никој не ги поврзува со ЕУ, додека функционираат. Водата е само вода се’ додека не стане небезбедна, а ѓубрето е само ѓубре додека не остане на улица. Дури тогаш сфаќаме дека државата не е апстракција, туку систем, а нашиов некако со тек на времето, се’ помалку го бива.
ЕУ не помага само со пари – дава и техничката помош
Во интерес на вистината, и катаклизмичните жалопојки не се точни: случаите со загадена и сомнителна вода во повеќе општини, не значат дека целата водоводна мрежа е небезбедна. Но, покажуваат дека линијата меѓу нормалното и кризата е се потенка, и со тек на времето полека се брише. Еве малку лесно проверливи бројки. Во Гостивар на пример, во вода од отворен канал биле пронајдени нешто под 2,500 колиформни бактерии на 100 милилитри, наспроти дозволени 50. Во каптиран извор биле пронајдени 39 бактериски единици, кадешто референтната вредност е нула. Истата дијагноза се гледа и кај отпадот: од 189 специјални возила на КХС, околу 60 проценти биле неисправни, а просечната старост е 15 години. На државно ниво, 126 од 128 локални јавни претпријатија натрупале долгови од 193 милиони евра. Повеќе од половината работеле со загуба, а годишниот минус изнесувал 17 милиони евра. Токму најголемите должници не произведуваат луксуз, туку вода, чистење, и улици – оние кои треба да ги отстрануваат проблемите, произведуваат долгови.
Редовниот изговор е дека ни требаат повеќе пари. Да, ни требаат. Но земјите од регионот покажуваат дека парите се само пола од приказната - другата половина е токму она кое најмногу ни недостасува, и забрзано го губиме со тек на времето - менталитетот на испорака. Посветеност на проектите, роковите, професионалните тимови, контролата, и секако, политичката волја и обврска започнатото навистина да се заврши. А без преговори, се плашам дека нема да го имаме ни едното ни другото.
За споредба, Хрватска не влезе во ЕУ со совршени водоводи: и таму имаше стари цевки, високи загуби и нееднаков локален капацитет. Но, ЕУ им додели скоро 2 милијарди, кои тие успешно ги искористија, и за водовод и за услуги за отпад. Така, рециклирањето достигнало 34 проценти во 2022 година, додека депонирањето се намалило на 56 проценти. ЕУ интеграцијата не го решила магично проблемот, туку, доста практично, го претворила во мерлива обврска и дала средства. Во Бугарија, на пример, само во Враца, проектот за вода и канализација вреди 57,7 милиони евра, од кои 35 милиони се од европскиот кохезиски фонд. Целта е целото население да се поврзе со мрежата, а загубите на вода да се намалат за 65 проценти. Во Црна Гора, преговарачкиот процес ги претвора комуналните проблеми, во опипливи проекти: во Колашин, Рожаје и Мојковац, само за пример, се инвестираат повеќе од 34 милиони евра во водовод и канализација - 22,5 милиони се европски грант, а 10 милиони заем од ЕИБ, чиста вода за околу 30.000 луѓе. И најважно, ЕУ не помага само со пари – дава и техничката помош, зашто некој мора да го напише проектот, да ја спроведе набавката, да ја надгледува изградбата и потоа да управува со системот.
Жабата и бавното варење
Тоа е, според мене, вистинската, опиплива, корист од преговорите, која ние упорно ја игнорираме и одбиваме, и тоа ни се удира од глава. Имено, да се спасиме од неизвесноста, не пристигнуваат европски службеници да собираат ѓубре, но пристигнуваат пари, и истовремено се инсталираат правила според кои директорот не може да биде поважен од инженерот, а стратегијата да се менува со секој изборен циклус. Во таа смисла, за наше големо разочарување, одблокирањето на преговорите, не гарантира дека водата автоматски ќе стане почиста, зашто ЕУ не е сервисна служба. Но, преговарачкиот процес ќе воведе надворешен притисок, средства, но и финансиска дисциплина, институционална меморија и повеќегодишно планирање без можност за изговори. Преговорите нема да ја заменат домашната одговорност, но ќе ја направат невозможна за избегнување, нешто во кое сме светски шампиони. Според мене, тие бенефити се многу попрактични и потребни, одошто апстрактните и вечни лелекања за нашата историска неправда и непокор. Можеме да дебатираме дали условите се праведни или политички прифатливи, но не можеме да се преправаме дека времето не произведува последици. Цевките стареат додека траат историските дебати, камионите се расипуваат, а инженерите заминуваат додека политичарите го чекаат вистинскиот момент да им порасне нова храброст. Институциите, но и чешмите, не можат да бидат ставени на пауза додека ние бараме гаранции, тие, или се обновуваат, или се трошат.
Тука, ние сме дупло голо – ниту преговараме, ниту самите поправаме. Ако не смениме нешто, или во преговорите, или во односот кон домашните реформи, се плашам дека нашата иднина ќе изгледа како жабата и бавното варење: нема еден ден драматично да престанеме да функционираме, туку ќе еродираме на рати: прво водата повремено ќе мора да се преврива, потоа ѓубрето ќе се собира еднаш наместо двапати, дефектите ќе траат подолго, информациите ќе доцнат, а граѓаните приватно по вторпат ќе ги купуваат услугите кои веќе еднаш ги платиле. На крајот, ненормалното ќе стане нормално. Тогаш нема да разговараме дали сме се оддалечиле од Европа, ќе разговараме дали сме се оддалечиле од елементарната способност да бидеме држава.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
