Во Германија се чека 42 дена за преглед кај специјалист
5 февруари 2026
Податоците на германското Сојузно министерство за здравство покажуваат дека чекањето за преглед кај лекар-специјалист во Германија продолжува да расте за задолжително осигурените пациенти. Според одговорот на министерството на пратеничко прашање на партијата Левица, времето потребно за добивање термин кај специјалист бележи континуиран пораст.
Во 2024 година, просечната временска рамка за државно осигурените пациенти во Германија изнесувала 42 дена. За споредба, во 2019 година пациентите чекале во просек 33 дена. Податоците се темелат врз анкета спроведена меѓу членови на задолжителните здравствени осигурувања кои чекале најмалку еден ден за специјалистички термин.
Раст на трошоците за отворени амбуланти
Паралелно со подолгите листи на чекање, растат и трошоците што задолжителните осигурителни фондови ги плаќаат за таканаречените отворени амбуланти. Од септември 2019 година одредени групи лекари се обврзани да нудат отворени термини без претходно закажување. За овие услуги тие добиваат дополнителен, вонбуџетски надомест.
Целта на мерката е да се подобри пристапот до здравствена заштита за законски осигурените пациенти. Според податоците на Министерството за здравство, во 2023 година трошоците на државните здравствени осигурувања за овие дополнителни надоместоци изнесувале околу 814 милиони евра. Во 2022 година сумата изнесувала 547 милиони евра, а во 2020 година околу 291 милион евра.
Недоволно лекари
Според статистиките од 2022 година, во Германија работат повеќе од 416.000 лекари, но и покрај високата бројка, има огромен недостаток, во прв ред, на млади лекари.
Многу млади лекари веќе не сакаат да работат со полно работно време. Статистички, потребни се 1,2 млади лекари за замена на лекар кој заминува во пензија. Причината за ова е тоа што две третини од сите студенти по медицина се жени.
Тие почесто од машките колеги мораат да ги усогласат професионалниот и семејниот живот. Ова по правило не соодветствува со 24-часовните смени во болница.