1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За првпат по три години: Германија депортираше Авганистанци

СН/агенции
30 август 2024

Во раните утрински часови, 28 авганистански криминалци беа депортирани од Германија за првпат откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан пред три години.Акцијата, се вели, била подготвувана два месеца.

Депортацијата ја организираше и спроведе германското сојузно Министерство за внатрешни работи
Депортацијата ја организираше и спроведе германското сојузно Министерство за внатрешни работиФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германија соопшти дека денеска ја извршила првата депортација на Авганистанци назад во нивната матична земја откако талибанските власти ја презедоа власта во август 2021 година, додека Берлин се соочува со притисок да ја запре миграцијата.

„Тоа се авганистански државјани, кои сите беа осудени престапници кои немаа право да останат во Германија и против кои беа издадени наредби за депортација“, вели во соопштението на владиниот портпарол Штефен Хебештрајт.

Во чартер летот на „Катар ервејс“, кој полета од аеродромот во Лајпциг за Кабул нешто пред 5 часот по Гринич, имало 28 Авганистанци, објави магазинот Шпигел, цитирајќи безбедносни извори.

Операцијата била резултат на двомесечни „тајни преговори“ во кои Катар учествувал како посредник меѓу Берлин и талибанските власти, пишува Шпигел.

Полицајци придружуваат Авганистанец на аеродромот Лајпциг-Хале во авион за депортацијата на летот во Кабул (архивска фотографија)Фотографија: picture alliance/dpa

Хебештрајт рече дека Германија „побарала поддршка од клучните регионални партнери за да се олесни депортацијата“, без да даде повеќе детали.

Германија целосно ги запре депортациите во Авганистан и ја затвори својата амбасада во Кабул откако талибанската администрација ја презеде власта во 2021 година.

Денешната депортација доаѓа во момент кога германската влада се соочува со зголемени повици да ја спречи илегалната миграција и да преземе построги мерки против опасните и осудени баратели на азил, по серијата злосторства од висок профил на осомничени мигранти.

Германија е сè уште во шок од минатонеделниот напад со нож на уличен фестивал во  градот Солинген, во западна Германија, во кој загинаа три лица, и кој беше извршен од 26-годишен Сириец, поврзан со терористичката група Исламска држава.

Осомничениот требало да биде депортиран во Бугарија пред неколку недели, но операцијата пропадна откако властите не успеаја да го лоцираат.

Во мај, 25-годишен Авганистанец беше обвинет за убиство на полицаец во напад со нож на плоштадот во градот Манхајм.

Нападот ја шокираше Германија и ја оживеа дебатата за депортирање на сериозни криминалци дури и ако тие доаѓаат од земји кои се сметаат за небезбедни како Авганистан или Сирија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми