1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За шест месеци - депортирани 600 македонски државјани

ДТЗ
27 август 2022

Од МВР потврдуваат дека има рекорден број на депортации на македонски државјани од Германија. Најголемиот број „нелегални гости“ се протерани од градот Кeсфелд.

Депортација
Стотици македонски државјани секоја година бараат засолниште во некоја од европските метрополиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Заминуваат за кратко, а остануваат по повеќе месеци и години. Стотици македонски државјани секоја година бараат засолниште во некоја од европските метрополи, но ретко кој успева да остане подолго време доколку не обезбеди легални документи за работа и престој. Најчеста дестинација на која што заминуваат е Германија, ако се имаат предвид последните податоци на германската Влада, кои покажуваат дека биле откриени стотици граѓани со македонско државјанство, кои се обиделе нелегално да престојуваат во земјата. Најголемиот дел од нив биле откриени во градот Кeсфелд во сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија, потврдуваат од македонското Министерство за внатрешни работи за Дојче веле.

Од овој град, но и градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Трир, Берлин и други, само за шест месеци годинава биле депортирани 454 „нелегални гости“ коишто се македонски државјани. 

Проверки па депортација 

„Македонските државјани кои се депортираат од Германија се наши државјани со нелегален престој во Германија. Депортацијата се врши согласно Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Европската заедница за преземање на лица со кои престојуваат без дозвола (Сл. весник бр. 141 од 22.11.2007 година)“, вели за ДВ портпаролот на МВР,  Тони Ангеловски. 

Согласно претходно утврдена процедура, германските власти се обраќаат до македонското МВР каде се вршат потребните проверки за лицата. Потоа почнува и постапката за депортација. Во случаи на престапници и лица кои се опасни, постојат прописи за олеснување на протерувањето и наредбите за притвор во очекување на нивна депортација. 

Ако во 2021 година биле депортирани околу 500 македонски државјани, оваа бројка е надмината уште во првите шест месеци од годинава. „Заклучно со јуни 2022 година депортирани се околу 600 македонски државјани“, вели Ангеловски.

Најголемиот број лица се депортирани од градот Кесфелд во сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија, а помал број од градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Триер, Берлин и други. Освен од Германија, согласно горенаведената Спогодба, во значително помал број депортација на македонски државјани се врши и од Австрија, Белгија, Италија, Грција и други земји. 

Ако во 2021 година биле депортирани околу 500 македонски државјани, оваа бројка е надмината уште во првите шест месеци од годинаваФотографија: picture-alliance/dpa

Рекорд

Дека македонските државјани го држат неславниот рекорд според бројот на депортации од Германија во првите шест месеци од годинава, покажуваа податоците на германската влада. Меѓу 6.198 странски државјани кои биле депортирани од Германија во првата половина од годината, најбројни се оние кои присилно биле упатени кон Северна Македонија- 454. 

Податоците беа откриени на барање на пратеничката група на Левицата во германскиот Бундестаг.  Втора најчеста дестинација за депортациите била Албанија со вкупно 402, а следуваат Грузија и Турција. 

Според одговорот на сојузната влада на барањето на партијата Левица, властите депортирале вкупно 35 лица од Германија во единаесет „мини чартер летови“ во првата половина на 2022 година. Вкупно 167 полицајци дежурале за обезбедување на депортациите. Трошоците за овие летови ја чинеле државата вкупно 580.000 евра.

Расте и бројот на азиланти

Статистиките покажуваат дека се зголемува и бројот на македонски граѓани коишто се обидуваат да добијат азил во некоја од европските дестинации. Бројот на баратели на азил од Северна Македонија во европските земји е четирикратно зголемен во текот на 2021 година. Податоците на Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA) покажуваат општ тренд на зголемување на бројот на азиланти, како пред пандемијата, но Северна Македонија се посочува како една од земјите каде што има драстично зголемување на бројките. Ако во 2020 година имало 1.230 баратели на азил во европските земји, лани бројката достигна до 4.922 барања поднесени од македонски граѓани. Од нив 2.822 апликанти за првпат си ја пробале среќата да добијат азил, додека 2.170 граѓани повеќепати се обиделе да заминат од земјата во некоја од европските дестинации. Најголемиот број од нив се обиделе да најдат засолниште во Германија.

Се зголемува и бројот на македонски граѓани коишто се обидуваат да добијат азил во некоја од европските дестинацииФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Германската агенција ДПА во јануари 2022 година објави дека лани во Германија азил побарале над 4.500 лица од Северна Македонија. Повикувајќи се на статистиката на Сојузната агенција за миграција и бегалци (БАМФ), агенцијата наведе дека бројот на македонски баратели е значително зголемен во споредба со периодот пред тоа. 

Податоците од извештајот на Агенцијата за азил на Европската Унија, пак, покажуваат дека од вкупно 4.922 апликации, 1.859 барања чекале да дојдат на ред за разгледување повеќе од 6 месеци. Тринаесетмина македонски граѓани побарале статус на бегалци во некоја од европските земји. Минатата година негативно било одговорено на 3.395 апликации поднесени од македонски граѓани, за разлика од 2020 година, кога биле одбиени 1.650 апликанти. Најголем број барања од Северна Македонија за азил во Европа се поднесени во 2015 година - над 15.600, но повеќето барања биле одбиени веќе следната година. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми