За што најмногу се задолжуваат македонски граѓани?
19 септември 2025
Македонските граѓани најчесто се задолжуваат со потрошувачки кредити и за купување на станови, но дел од клиентите на банките бараат заеми и за купување на автомобил. Ваквите трендови продолжиле и во текот на летото, кога најчесто граѓаните се задолжуваат со потрошувачки кредити, кои најчесто треба да им ги покријат трошоците за одење на одмор или за реновирање на домот.
Најновите податоци на Народната банка за за монетарните движења во Македонија во текот на август покажуваат дека кај физичките лица најзастапени во август биле потрошувачките и станбените кредити кои бележат годишно зголемување од 9,9, проценти и 15,5 проценти, додека автомобилските кредити бележат годишен пад од 2,5 проценти. Кај кредитите одобрени на кредитните картички има намалување на годишно ниво од 7,1 процент.
„Кај вкупните депозити има зголемување од 12,4 проценти на годишно ниво, а кај кредитите раст од 12,9 проценти. Кај депозитите поизразен е растот во секторот домаќинства, а кај кредитите во корпоративниот сектор“, информираат од Народната банка.
Граѓаните и фирмите имаат чуваат во банките 10,2 милијарди евра, а должат 8,6 милијарди евра.
Полесно до кредити за стан?
Народната банка неодамна донесе мерки за олеснување на кредитирањето при купување прв станво Македонија. Сите лица кои немаат стан на свое име можат да добијат станбен кредит со учество од 10 отсто од вкупната вредност на објектот. За останатите учеството се зголемува од 15 на 25 отсто. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година и насочени се пред се кон младите и брачните парови кои немаат сопствен дом.
Исто така, беше покрената и иницијатива за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги во Македонија. Во план е да се покрене и иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со тоа граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории ќе биде бесплатно.