1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За тендерите во мрак - одговорност на виделина!

10 октомври 2025

Истрагата за злоупотреби во РЕК, ги изнесе на површина измислените, незавршени, но наплатени „работи“, но и играњето со мерката куќен притвор.

Поглед во внатрешноста на РЕК Битола. Од левата страна стојат група луѓе со неонско жолти елеци
Злоупотребите во РЕК Битола со години се во фокусот на јавностаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Основниот суд во Битола вчера не го прифатил предлогот на ОЈО Битола за определување мерка ефективен притвор за двајца осомничени за злоупотреби во РЕК Битола, и наместо тоа им определил мерка - куќен притвор.

„Надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор“, најавија од Обвинителството.

Еден од предлозите за мерката ефективен притвор бил за Борче Марковски, сопственикот на „Марковски компани“, а вториот за раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата биле предложени мерки на претпазливост - одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Што се однесува до останатите двајца – како што објасни Обвинителството, поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола е обезбедено во друга постапка со мерки на претпазливост, кои ги почитувало до овој момент.

Изрекување мерка куќен притвор за лица за кои постоел ризик од бегство, не е новина во домашната пракса. Ваквите случаи обично „тивко“ поминуваат, а вревата се крева откако ќе се утврди дека некој избегал, па дури и ако немал никаков, а камоли „значителен имот надвор од земјата“. 

Измислена, незавршена, но наплатена „работа“

Злоупотребите во РЕК Битола со години се во фокусот на јавноста. Основното јавно обвинителство Битола вчера донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. Со предистражните дејствија на Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, биле обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека пет осомничени лица во РЕК Битола (поранешен директор на комбинатот и четвири раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола), во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. 

РЕК Битола со години е синоним за тендери од кои многумина се „омрсиле“Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

„Со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“, организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони)“, наведе Обвинителството.

Тие, при дефинирање на условите за јавната набавка ги повредиле и начелата на сразмерност и конкурентност, па и овозможиле на конкретната фирма да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка и да се стекне со противправна имотна корист од големи размери. Нејзиниот сопственик/управител (Борче Марковски) и уште едно лице вработено во компанијата, се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконски наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело - Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.

Главната ѕвезда во РЕК

Кој од осомничените има значителен имот надвор од земјата не е посочено, но РЕК Битола со години е синоним за тендери од кои многумина се „омрсиле“. Во декември лани Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето за 50-те фирми кои добиле најмногу пари во јавните набавки во период од пет години (2019 - 2023 година).

Прворангирана е „Марковски компани“, која за пет години имала склучено вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра, од кои дури 66 биле склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра, односно 93% од вкупната вредност на тендерите.

„Договорите се за ископ на јаловина со градежна оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола), за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола), ремонтни активности, високостручни машински интервенции со работна рака, услуга од работна рака за тековни машински интервенции итн. Дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, фирмата Марковски Компани ги добила во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас за јавна набавка", е наведено во истражувањето на ЦГК.

Коруптивни злоупотреби во РЕК Битола во милионски сумиФотографија: Action Pictures/Imago

Ресет на системот

Неповрзано со овој случај, но генерално, за „систем на двојни аршини и тендери во мрак", вчера говореше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Општина Илинден. Рече дека СДСМ ја претворил државата во партиски бизнис и во систем кој ги гуши институциите.

„Систем на двојни аршини, политички прогон и тендери во мрак... Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат државата, кочници вградени во институциите, кои делуваат тајно или откриено и го кочат напредокот на секое едно семејство. На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции и тоа мора да заврши“, рече Мицкоски.

Најави дека сега е време за ресет на системот, кој нема да биде политички, туку институционален и морален.

„Време е да ги скршиме ланците на неправдата и конечно да изградиме држава на правда, слобода и држава која што ќе се грижи за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин, брза, достапна и ефикасна“, порача Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми