1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

За Трамп и против демократијата: Што е „Проектот 2025“?

Инес Ајзеле
16 јули 2024

Еден манифест во случај Трамп повторно да биде избран за претседател на САД предизвика бура од реакции. Авторите на „Проектот 2025“ зборуваат за „Втора американска револуција“. Доналд Трамп наводно не знае ништо за тоа.

САД | протести против Трамп
Демонстрант против Трамп на 10 јули 2024 година во Њујорк: „Стоп за проектот 2025“Фотографија: Gina M. Randazzo/ZUMA/IMAGO

До изборот на нов претседател на САД има уште околу четири месеци. Веројатно, како и последниот пат, ќе треба да треба да се бира помеѓу Џо Бајден од Демократите и Доналд Трамп од Републиканците. Ако Трамп успее да победи, ќе го чека веќе готов нацрт од 900 страници за програмата за работа на владата. Според предговорот се работи за „Дело на целокупното конзервативно движење" во САД. Кај Демократите и нивните приврзаници  манифестот кој го носи насловот „Проект 2025" предизвика бура од огорченост и загриженост.

Кој стои зад „Проект 2025“?

„Проектот 2025" претставува десно-конзервативен план за работа на следниот републикански претседател. Неофицијалниот политички концепт за втората администрација под водство на Трамп е подготвен од фондацијата Херитиџ и поддржан од други конзервативни организации и тинк-тенкови. Фондацијата со децении составува такви политички „желботеки“ за можните републикански претседатели и таквото постапување во САД е вообичаено, посочува политикологот Ханс Ноел од универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. „Експерти, аналитичари и други лица го развиваат идеолошкиот правец пред да биде преземен од партиите и политичарите", вели тој.

Фондацијата Херитиџ, која стои зад „Проектот 2025“, се надева дека Трамп ќе победи на изборитеФотографија: Rebecca Blackwell/AP Photo/picture alliance

Во подготовката на документот се вклучени многу личности од опкружувањето на Трамп, како поранешни соработници и луѓе од доверба, меѓу кои и Расел Воут, кој во време на Трамп ја водеше американската сојузна институција за администрација и буџет.

Кои се важните планови?

Во препораките на „Проектот 2025" се работи особено за „четири фронта кои ќе бидат решавачки за иднината на Америка": враќање на фамилијата, укинување на бирократската држава, одбрана на националниот суверенитет и обезбедување на „нашите индивидуални и од Господ дадени слободарски права".

Еве некои од основните предлози:

• Претседателот треба да добие значително повеќе моќ. Замената на сојузни чиновници со соработници верни на Трамп треба да биде олеснета, повеќе сојузни институции како Министерството за правда, треба да бидат реформирани или целосно укинати. „Тоа бирократијата би ја променило на начин што ќе бидат поткопани стручното знаење и независноста", посочува Ноел.

• Треба да дојде до пресврт во енергетската политика и економијата и наместо потпирање на обновливи извори на енергија, повторно треба повеќе да се користат нафта и гас. Фокусот веќе не треба да биде на намалување на емисиите и зелени субвенции. Даноците за фирмите и на личните приходи треба да бидат намалени.

• Поими како сексуална ориентација, полов идентитет или репродуктивни права нема што да бараат во закони и подзаконски акти, се вели во документот. „Штетните учења на 'критичната расна теорија' и на 'половата идеологија' треба да бидат тргнати од државните училишта и од наставната програма за сите школи во земјата“, се препорачува во документот, а во однос на абортусот стои дека задача на следната конзервативна влада е „нероденото да биде заштитено од страна на секој суд во САД ". Таблетата за абортус Мајфпристон треба да биде забранета.

•„Еклатантните дупки во нашиот доселенички систем" треба да бидат затворени, меѓу другото со повеќе средства за ѕидот, за технологија и персонал на границата кон Мексико. Се бараат и построги правила за азил, со кои бегалците ќе мора попрецизно да го докажат ризикот од прогон.

• Меѓународни обврски нема да имаат предност во однос на внатрешноамериканските интереси. НАТО треба да биде реформиран на начин што сојузниците ќе преземаат поголема одговорност, бројот на американски војници во Европа ќе биде намален, но истовремено ќе се вложува повеќе во војската.

Во однос на војната во Украина се претставуваат две гледишта, кои се исклучуваат едно со друго. Имено, некои конзервативци сметаат дека е потребно продолжување на ангажманот на САД, вклучително и воена помош и економска поддршка за Украина, додека други тврдат дека поддршката за Украина „воопшто не е во национален интерес на САД. Украина не е членка на НАТО и е една од најкорумпираните нации во регионот“, се вели во документот.

Какво значење има стратешкиот документ?

Кевин Робертс, претседател на фондацијата Херитиџ, според сопствениот исказ е убеден дека со неговиот стратешки документ ќе започне „Втора американска револуција која ќе помине без крвопролевање ако тоа го дозволи Левицата".

Реакцијата од другата страна уследи брзо, со изјава на Бајден дека Трамп и неговите сојузници сонуваат за „насилна револуција за да ја уништат идејата за Америка".

Политичкиот експерт Ноел смета дека посебност на „Проектот 2025" е неговиот обем во случај претседателот да е републиканец. „Од една страна, со тоа се определува агендата на актуелното конзервативно движење", вели Ноел, а од друга страна - Републиканците добиваат план за постапување со кој веднаш може да владеат, како на програмски, така и на персонален план, што недостигаше во 2016 година, кога Трамп дојде на власт и што често беше предмет на критики.

Зошто Доналд Трамп се дистанцира?

Интересно е што Трамп во јавноста се обидува да се дистанцира од „Проект 2025“ и на неговата социјална мрежа Social Truth пишува: „Немам поим кој стои зад тоа. Со некои нешта кои ги наведуваат не се согласувам целосно, а некои работи кои ги наведуваат се апсолутно смешни и без основа. Што и да прават, им посакувам среќа, но јас немам ништо со нив.“

Ханс Ноел ја објаснува стратегијата зад ваквата изјава, имено дека во минатото за Трамп се покажало од корист да биде неодреден во однос на некои конзервативни цели поради што има успех кај неопределените гласачи. А, многу од мерките во десно-конзервативниот манифестверојатно тешко дека ќе наидат на одобрување кај таквата група гласачи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми