1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп го нарече убиенот десничарски активист Кирк -„маченик“

ЖА /АРД
22 септември 2025

Десетици илјади луѓе му оддадоа почит на убиениот десничарски активист Чарли Кирк на комеморација во Аризона. Трамп го нарече „маченик за американската слобода“. Вдовицата на Кирк, Ерика, понуди помирувачки зборови.

Доналд Трамп и вдовицата на Чарли Кирк, Ерика, присуствуваа на комеморацијата за Чарли Кирк
Доналд Трамп и вдовицата на Чарли Кирк, Ерика, присуствуваа на комеморацијата, како и неколку високи функционери во кабинетот на ТрампФотографија: Mandel Ngan/AFP

Во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс и други членови на владата, десетици илјади луѓе низ  САД се потсетија на убиениот десничарски активист Чарли Кирк. Со силно религиозно набиен речник, Кирк беше прикажан не само како починат, туку и како симбол за иднината на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“, во чие обликување тој помогна.

За време на церемонијата што траеше неколку часа на фудбалскиот стадион во Глендејл, Аризона, американскиот претседател  Доналд Трамп  повторно го нарече Кирк „маченик за американската слобода“. Трамп изјави дека Кирк бил „грозоморно убиен од радикализирано, ладнокрвно чудовиште“. Тој ја повтори и својата изјава дека  „радикалната левица“ е одговорна за убиството, без да даде никакви докази.

Атентатот го направи Кирк „бесмртен“

31-годишникот беше убиен затоа што „се залагаше за слобода и правда, за Бог и својата земја, за здрав разум“. Атентатот го направи „бесмртен“. Трамп рече дека Кирк не ги мразел своите противници, туку им го сакал најдоброто. „Не се согласував со Чарли околу тоа“, додаде потоа американскиот претседател. „Ги мразам моите противници и не им го посакувам најдоброто“.

Потпретседателот Венс рече дека Кирк „го променил лицето на конзервативизмот во нашето време и, правејќи го тоа, влијаел на текот на американската историја“. Тој додаде: „Вечерва, зборуваме погласно од кога било со Чарли и за Чарли“, Кирк беше убиен затоа што ја зборуваше вистината, потенцираше Венс, кој ја истакна улогата на Кирк во мобилизирањето на младите гласачи за изборната победа на Трамп минатата година: „Знаеме дека не би биле тука без него“.

„Немате поим каков змеј сте разбудиле"

Влијателниот советник на Белата куќа, Стивен Милер, се заколна дека ќе ја искористи смртта на Кирк како движечка сила за да ја заврши својата работа. „Немате поим каков змеј сте разбудиле“, рече Милер, обраќајќи им се, според неговите зборови, на „непријателите“ и „силите на злото“.

Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, изјави дека обидот за замолчување на Кирк го направил неговиот глас „сега погласен од кога било“. Други говорници го пофалија Кирк како пример за углед кој ги охрабрува младите мажи да се женат и да имаат деца.

Вдовицата на Кирк му простува на стрелецот

И вдовицата на Кирк, Ерика, зборуваше на комеморацијата. За разлика од некои од претходните говорници, таа го заврши својот 20-минутен, емотивен говор повикувајќи на помирување. Таа му простува на убиецот на својот сопруг, затоа што одговорот на омразата не е омраза. Одговорот од Евангелието е секогаш љубов. „На овој човек, на овој млад човек, му простувам. Му простувам затоа што тоа го направи Христос и затоа што тоа би го направил Чарли“, рече таа, добивајќи аплаузи од публиката.

Ерика Кирк го презеде раководството на неговата младинска организација  „Turning Point USA", која промовира радикални десничарски позиции во училиштата и колеџите.

Кирк беше тесно поврзан со семејството Трамп

Кирк беше близок со администрацијата на Трамп  и неговото семејство - особено неговиот син, Дон Џуниор. Поради големиот број претставници на Белата куќа и други владини претставници кои присуствуваа на комеморацијата, новинарите објавија дека биле потребни два авиона за патување од Вашингтон до Аризона. На комеморацијата присуствуваше и поранешниот шеф на ДОГЕ и извршен директор на Тесла, Илон Маск.

31-годишниот Кирк беше застрелан на настан во Јута на 10 септември.  Осомничениот убиец се соочува со смртна казна. Кирк се сметаше за едно од најпознатите лица на американската десница. Тој достигна милионска публика преку подкасти и настапи во живо. За време на изборната кампања, тој помогна Трамп да стане попопуларен меѓу младите гласачи. Критичарите го обвинија за расистички, хомофобични, трансфобични и сексистички ставови.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми