1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За учебници нема време, за лекција до родителите - има!

6 септември 2023

Каде поминува патот до европско образование - низ Министерството за образование и наука или низ Собранието?

Новата школска година започна со старите проблеми. Фотографија од првиор училишен ден за првачиња во едно скопско училиште
Новата школска година започна со старите проблеми. Фотографија од првиор училишен ден за првачиња во едно скопско училиштеФотографија: Petr Stojanovski

Од вкупно 126 учебници потребни за сите предмети во основното образование, на почетокот на училишната година МОН не обезбедило дури една третина од нив, поточно 43 учебници или 34%. Наместо министерот за образование на РСМ да им даде објаснување на родителите како во такви услови ќе се одвива наставниот процес, тој им објасни дека за образованието е важно интегрирањето во ЕУ.

„Интегрирањето на нашата земја во Европската Унија е многу важен момент. Ви се обраќам на сите вас родители (...) Дали би одбрале да се движите понатаму за напредок или би останале во истата точка уште неколку години, бидејќи друга алтернатива нема. Интегрирањето во ЕУ значи помодерни училишта за вашите деца, дигитализација, универзитети со повисок квалитет, отворен пазар за сите насоки во образованието“, напиша министерот на Фејсбук.

На родителите им посочува кој е патот и овде да се стигне до успешна европска приказна во образованието, но тој пат како да не зависи од МОН, туку од Собранието.

ЕУ нема потреба од нас, ние имаме потреба да се интегрираме бидејќи тој е моделот според кој сакаме да живееме, нели? Секој ден им завидуваме на европските земји за нивниот убав живот, дигитализираните училишта, заради тоа ајде и ние да бидеме успешна, модерна и интегрирана приказна. Вие имате интелектуален капацитет да размислувате што е најдобро за вашите деца, токму затоа не треба да дозволиме да живееме со совеста дека другите се интегрираа, а ние згрешивме. Јас сум сигурен дека ќе одвоите време уште еднаш да размислите што е најдобро за сите нас, но најважното е што е најдобро за вашите деца. Имате потполен легитимитет да го побарате тоа од вашите претставници во Собранието“, им сугерира Јетон Шаќири на родителите пред почетокот на учебната година, на 26-ти август.

Министерот за образование Јетон ШаќириФотографија: Government of North Macedonia

Недовршена импровизација

Пораката е испратена во време кога трета година по ред недостасуваат дел од учебниците, а наставниците се жалат дека образовниот процес најмалку личи на образовен без учебници и со реформи кои наликуваат на недовршена импровизација. Сметаат дека ваковиот третман на образовниот процес ќе донесе изгубени генерации.

Додека ресорниот министер објаснува како изгледа европско образование, поради повредено право на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), вчера донесе одлука да поднесе до Министерството за образование и наука (МОН) тужба од јавен интерес за заштита од дискриминација (Actio popularis).

Согласно со препораката на КСЗД, пред почетокот на учебната 2023/2024 година МОН требаше да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите јазици на кои се извршува наставата во основното образование. Но, епилогот беше овој: од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно 34%.

„МОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование“, наведе КСЗД во соопштението.

Единствено учениците од прво и второ одделение оваа година ќе ги имаат учебниците по сите наставни предмети и на сите наставни јазици. За разлика од нив оние учениците од трето и шесто одделение немаат ниту еден. За третоодделенците некои од учебниците биле во „завршна фаза“, но таа фаза и не е толку кратка бидејќи по неа допрва ќе следи преведување, печатење и дистрибуција. Учебник по математика ќе нема, бидејќи досега не е ни распишан јавен повик за формирање на авторски тим.

Во училница без учебници: секојдневие за бројни македонски ученици и оваа школска годинаФотографија: P. Stojanovski

Кај шестодделенците за вкупно 10 наставни предмети сè уште нема одобрување за учебниците, а за учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис. Учебникот по математика бил „во завршна фаза на одобрување“ но ќе треба време за да се преведе и на другите јазици.

Учениците од седмо, осмо и деветто одделение учебната година ќе ја следат според старата наставна програма и старите учебници, освен учебникот по географија кој иако е одобрен не можел да се користи поради „проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот“. КСЗД соопшти дека за предметот историја за седмо, осмо и девето одделение МОН „во моментов не нарачува дополнителен тираж заради Историската комисија“.

„Комисијата не може да утврди дали ова значи дека учениците ќе ги користат постоечките одобрени учебници по историја или не“, велат од КСЗД.

Од ПДФ до дигитализација

Од МОН се правдаат со комплексноста на процесот на изработка на учебници, кој зависи од повеќе фактори.

„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници", објаснуваат од МОН зошто доцни процесот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува дека покрај недостигот на учебници, како нивна замена се предвидени содржини во ПДФ формат, наместо учениците да добијат дигитални учебници.

„Министерството за образование и министерот Јетон Шаќири и оваа година, како и последните две, нема да обезбеди учебници за учениците. Нема ниту дигитални учебници, има само ПДФ формат учебници. Родителите повторно ќе мораат да трошат пари од својот домашен буџет, за да печатат учебници, за да може да учат нивните деца“, реагираше партијата и повика на кривична одговорност за ваквата состојба.

ВМРО-ДПМНЕ критикува дека покрај недостигот на учебници, како нивна замена се предвидени содржини во ПДФ формат, наместо учениците да добијат дигитални учебници.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот Шаќири ветува дигитализација, но на дел од учебниците.

„Интернет, компјутери, скенери, проектори, смарт табли, софтверски програми ќе имаат на располагање учениците во 41 училиште почнувајќи од месец октомври. Ги дигитализираме и учебниците за IV, V и VI одделение. Интензивно се работи на дигиталната инфраструктура со намера учењето да биде поатрактивно“, најавува министерот.

Вели дека процесот за набавка на ИТ опрема се одвивал цело лето, со поддршка од Светска Банка.

Од независноста на земјата до денес се смениле 18 министри за образование, или во просек раководеле со ресорот по една година и седум месеци. Иако секој од нив најавуваше или почнуваше „реформи“, резултатите од тестирањата на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажуваа сѐ послаби резултати кај македонските ученици.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми