1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоФранција

Марин Ле Пен не смее да се кандидира - виновна за проневера

ЖА
31 март 2025

Ле Пен не смее да се кандидира на идните избори поради проневера на европски пари за време на нејзиниот мандат како европратеник. Доби и четири години затвор, две се условна казна, а две носење електронска алка на нога.

Десничарската националистичка француска политичарка Марин Ле Пен
Десничарската националистичка француска политичарка Марин Ле Пен е прогласена за виновна за проневераФотографија: Stephanie Lecocq/REUTERS

Француската десничарска популистка Ле Пен нема да смее да се кандидира на идните избори поради проневера на јавни средства за време на нејзиниот мандат како пратеник на ЕУ. Судија во Париз одлучи дека оваа казна ќе стапи во сила веднаш. Тоа значи дека Ле Пен не смее да се кандидира за Националното собрание на претседателските избори во 2027 година.

Ле Пен инаку се смета за најсериозен предизвикувач на францускиот претседател  Емануел Макрон.

Марин Ле Пен е прогласена за виновна во аферата околу можното фиктивно вработување на вработени во Европскиот парламент, одлучи кривичен суд во Париз. Пресудата вклучува четири години затвор, две од нив се условна казна, а останатите две значат носење електронска алка на нога. Освен тоа, Марин Ле Пен треба да плати казна од 100.000 евра. 

56-годишната Ле Пен, нејзината партија РН и дваесетина други партиски претставници беа  обвинети за проневера на неколку милиони евра  од фондовите на Европскиот парламент за да платат партиски вработени во Франција. Новите европратеници на Национален собир и 12 парламентарни асистенти се прогласени за виновни за потпишување „лажни договори“ дека наводно работат за европратениците. „Се докажа дека сите овие луѓе всушност работеле за партијата и дека европратениците не им дале никакви наредби“, рече судијата претседавач Бенедикт де Пертуис. Марин Ле Пен беше во центарот на овој организиран систем за проневера на средствата на  Европскиот парламент.

Јавниот обвинител претходно побара пет години затвор и итна забрана за учество на избори. Ова ќе ги уништи плановите на Ле Пен да се кандидира на претседателските избори во 2027 година - дури и ако таа поднесе жалба. Ле Пен претходно го опиша таквото сценарио како „политичка смрт“.

Пресудата, во согласност со барањето за итно повлекување на правото на пасивен избор, има сериозни последици за нејзината партија. Националниот собир ќе мора целосно наново да ја планира својата стратегија и персонални решенија за изборите во 2027 година.

Но, партијата очигледно не е подготвена за ова - или не сака да се подготви за тоа. Во секој случај, потпретседателот на партијата Себастиен Чену пред изрекувањето на пресудата ги минимизираше можните последици: „Нашите идеи се поголеми од луѓето што ги претставуваат“, рече Чену за Франс Инфо. „Нашиот претседателски кандидат се вика Марин Ле Пен. Таа е подготвена, има формат. Така се организиравме - и ако треба да се реорганизираме, тогаш ќе се прилагодиме на новата ситуација."

Според убедувањето на судиите, актуелната лидерка на пратеничката група на  партијата Национален собир  е виновна затоа што незаконски користела четворица парламентарни асистенти на ЕУ за задачи што не одговарале на нивните функции, вклучително и како телохранители и лични асистенти, за време на нејзиниот мандат како европратеник. Ваквиот пристап ги прекршува регулативите на ЕУ. Ле Пен и нејзините сообвинети негираа дека направиле некаков прекршок.

Се очекува Ле Пен да поднесе жалба на пресудата. Веројатно ќе следи долг судски процес низ повеќе инстанци. Без разлика на казната што допрва треба да биде објавена, Ле Пен во секој случај до крајот на изборниот мандат може да продолжи да биде пратеничка во парламентот, каде што е лидер на пратеничката група на нејзината партија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми