1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слупчане: Забранет влез поради стари долгови за струја

ДТЗ
9 јуни 2023

ЕВН со модернизирање на мрежата сака да стави крај на кражбите со струја. Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, за ДВ тврди дека мештаните се согласни да се обнови мрежата, но бараат да им се „простат“ долговите.

долгови струја
Жителите на Слупчане бараат да им се избришат долгови за струја од пред 15 години. Фотографија: Fotolia/kritiya

Долгови постари од 15 години ги мачат жителите на кумановското село Слупчане. По најави дека ќе се реконструира и модернизира мрежата, тие го блокираа пристапот до селото на екипите на ЕВН. Компанијата деновиве се пожали дека нивните вработени добиле и закани по животот и побараа полициска асистенција. По неколкудневни блокади, се чини ситуацијата би можела да добие разврска. Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, кадар на ДУИ, за Дојче веле изразува надеж дека ситуацијата наскоро би можела да се разреши. Вели дека претставници на селото деновиве ќе седнат на заедничка маса со надлежните од ХЕЦ Куманово со цел да се изнајде прифатливо решение на двете страни. 

„Проблем се сметки за струја стари над 15 години, кои жителите ги немаат платено. Велат дека нема судска постапка за овие долгови, но на фактурите им се водат како основен долг. Тие бараат овие долгови да им се избришат“, вели Арифи. 

„Последен бастион“ на неплаќачи 

Селото Слупчане е „последниот бастион“ во Липковскиот регион, каде  со години наназад не се плаќа редовно струја, но се смета дека се големи и кражбите на електрична енергија. Инсталирањето на нова мрежа и опрема би можела да стави крај на оваа појава, која годишно предизвикува дупка од милиони евра. Само за Слупчане проценките се дека се краде 80 отсто од годишно потрошената струја. Ова значи дека се наплаќа само 20 отсто од потрошените количини. 

„Вкупните годишни загуби поради кражбите во село Слупчане изнесуваат над 1 милион евра, односно околу 6 GWh. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа“, велат од ЕВН, кои деновиве алармираа дека жителите на Слупчане не дозволуваат да се реконструира електродистрибутивната мрежа на ЕВН. При обид за започнување со работни активности за реконструкција и модернизирање на мрежата, екипите на ЕВН добиле закани по живот - толпа од 200 селани на организиран начин го блокирале влезот на селото и не им дозволувале на екипите да работат.

„Ваквите реконструкции на мрежата се потребни за да се подобрат напонските прилики и да се овозможи точно мерење на потрошената електрична енергија на корисниците во селото за во иднина да не се соочуваат со дефекти. Се додека корисниците не дозволуваат да се работи, ќе се соочуваат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на континуирани кражби и злоупотреби во мрежата. Дефектите ќе се отстрануваат само доколку се создадат нормални услови за работа“, децидни се од ЕВН. 

Проценките се дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра, а околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион во една годинаФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Мрежата не е проблем - туку долговите 

Но, градоначалникот на Липково за ДВ вели дека мрежата не е проблем - туку долговите на жителите на Слупчане. „ЕВН изминатиот период вршеше санација на мрежата во повеќе села во регионот. Слупчане остана последното село каде треба да се изврши модернизација на мрежата, како и уште неколку планински села“, вели Арифи. Тој тврди дека жителите немаат ниту против ваквите зафати на ЕВН - напротив и тие сами бараат да се реконструира целата мрежа.

Ваквиот зафат ќе ги извади на површина сите кражби на струја и ќе го минимизира овој процес во иднина. Арифи вели дека сите се свесни за тоа, но подготвени се да ги плаќаат сметките во иднина. „Проблем се старите долгови од пред 15-20 години кои што ги имаат и бараат да им се поништат. Нема ниту една постапка, а долгот им стои“, објаснува Арифи. 

За колкави долгови точно станува збор, според Арифи не знаат ниту самите жители на Слупчане. Претпоставките се дека долговите толку имаат пораснато за изминативе 20-тина години, што многумина ќе треба да продадат имоти за да можат да го покријат тоа што го должат. Со проблеми со кражби на струја и наплата екипите на ЕВН се соочуваа и во скопско Арачиново. Проблемот таму е надминат и се работи на модернизација на мрежата. Пред почнување на проектот за реконструкција минатата година кражбите во Арачиново изнесуваа 80 %. Сега се очекува тие да се сведат на околу 10%.

Проценките беа дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра, а околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион во една година. Загуби на струја има и во други општини, како на пример Куманово - 16%, Тетово - 12%, Гостивар 19%, Кичево 12%... 

Министерот за економија Крешник Бектеши во август минатата година најави дека ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.

Крадење на струја или незаконски приклучок во дистрибутивната мрежа е кривично дело. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми