1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пожарите - забрани, протести и петиции за депониите

ДТЗ
12 септември 2025

Жителите на Скопје со петиции и протести бараат решавање на проблемот со депониите, коишто ја загадуваат почвата и воздухот и се сериозна закана за здравјето на граѓаните.

Отпад на депонија
Забрани и петиции за депониите - граѓанскиот револт не стивнуваФотографија: DW/M.Smajic

Пожарот кај депонијата Дрисла е ставен под контрола, но не стивнуваат реакциите во јавноста поради енормното загадување на воздухот во главниот град. Жителите на Скопје со петиции и протести бараат решавање на проблемот со депониите, коишто не само што ја загадуваат почвата, туку поради честите пожари го загадуваат и воздухот и се сериозна закана за здравјето на граѓаните. 

Министерството за животна средина и просторно планирање изврши вонреден инспекциски надзор по пријава од полициската станица Гази Баба, поради пожарот кој деновиве избувна на депонијата за комунален отпад „Дрисла“. Од надзорот е изготвен записник, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина.

„ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“, соопштија од ресорното министерство.

Во меѓувреме, агенција за обезбедување патролира кај Вардариште, а се најавуваат и други зголемени контроли со цел да се спречи потпалувањето на депониите. Обвинителството, пак, поднесе обвинение за три лица за неодамнешниот пожар во Вардариште, поради загрозување на животната средина и природата со отпад. Издадени се и наредби за откривање на други лица за кои постои сомнеж дека фрлале и непрописно транспортирале отпад, со што создале диви депонии.

Забрана за движење на „Вардариште“

Со цел да се спречат вакви дејства во иднина, донесена е забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека на Вардариште веќе патролираат екипи на агенција за обезбедување.

„Исто така, ќе се изработи план со кој детално ќе биде обезбедена оваа дива депонија за да се спречи непосaкуван влез во неа и нејзино повторно потпалување, бидејќи постојат сомневања дека и двете депонии се намерно потпалени“, рече Ангелов на прес-конференција.

Министерот за здравство Азир Алиу им препорача на скопјани да не се движат на отворено, ако немаат потребаФотографија: Emilija Petreska/DW

Препораки за заштита

Министерот за здравство Азир Алиу им препорача на скопјани да не се движат на отворено, ако немаат потреба. Според него, загадувањето деновиве не предизвикувало проблеми по здравјето на граѓаните. Но, жителите на Скопје се жалат на печење на очите и отежнато дишење поради чадот и миризбата на изгорени гуми којашто се чувствуваше во повеќе скопски населби. 

„Заедно со Институтот за јавно здравје анализиравме дали постои некој тип на загадување со штета по здравјето на граѓаните. Мирисот на чад се чувствува и не е пријатен. Воздухот во моментот не е на ниво на загаденост, кој што предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Препорачувам граѓаните да не се движат надвор, ако не е неопходно“ , рече Алиу по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина, надлежните најавија трајни мерки за решавање на проблемот со депониите - но по изборите. 

„Како многу други работи што решивме во овие 15 месеци, ќе го решиме и овој проблем, а со новиот градоначалник во Скопје, јас сум убеден дека овој проблем трајно ќе се реши. Затоа што тука е потребна фабрика за отпад, тука е потребна производна единица која што метанот ќе го користи за електрична енергија и имаме планови за трајно решение на овој проблем за Скопје, но и на целата територија на Македонија“, порача премиерот Христијан Мицкоски. Според него, палењето на депониите се користи во период на предизборие и со цел предизвикување паника и негодување во Македонија.

Стратегија за „нула отпад“

Мицкоски најави дебата во врска со планот за јавно-приватно партнерство за депонијата „Дрисла“ откако ваквата негова најава наиде на критики кај граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ). Тој смета дека дебата е неопходна пред да се донесе каква било одлука.

Според ЗХГ, решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку „нула отпад“. Од О2 Иницијатива иницираа Дрисла да остане во јавно владеење. Тие ги повикаа граѓаните да ја потпишат петицијата за Дрисла да остане под јавно управување на Град Скопје, а идните кандидати за градоначалници да се обврзат дека нема да склучуваат јавно-приватни партнерства, туку ќе инвестираат во трансформација на депонијата во современ центар за управување со отпад по примерот на Љубљана, каде се депонира помалку од 5% од отпадот.

„Во Словенија инвестицијата чинеше околу €150 милиони, каде 50% беа обезбедени од европски фондови. Изградбата одеше во фази, а јавното претпријатие е самоодржливо и не му се потребни субвенции за да функционира. Бараме да се преземе истата стратегија и за Дрисла и да престане системот на просто депонирање на отпад! Се угушивме од чадовите на запалени депонии! Доста ни е од застарен начин на постапување со отпадот каде само се трупа во депонии“, велат од О2 Иницијатива.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми