САД и Украина го ревидираат мировниот план на Трамп
24 ноември 2025
Се чини дека состанокот во Женева донесе напредок: претставниците на САД и на Украина заеднички изготвија ревидиран план за завршување на војната. Првичната верзија првенствено им служеше на интересите на Москва.
Двете страни се согласија да продолжат интензивно да работат на оваа нова верзија „во наредните денови“ и да одржуваат тесна координација со своите европски партнери, се вели во соопштението. Советувањата во Женева се опишани како „концентрирани, фокусирани и почитувачки“.
Понатаму, двете страни потврдија дека секој иден договор мора целосно да го почитува суверенитетот на Украина и да гарантира одржлив и праведен мир.
Заедничката изјава издадена од Киев и Вашингтон го продолжи оптимистичкиот тон што веќе се појави веднаш по состанокот во Женева. Американскиот државен секретар Марко Рубио зборува за „огромен напредок“. Преостанатите прашања „не се непремостливи“, рече тој, без да ги елаборира спорните теми. „Цврсто сум убеден дека ќе успееме“, истакна Рубио.
Рубио го ублажи и цврстиот рок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара Украина да се согласи со мировниот план до четврток. Иако би сакал да види договор до тогаш, тој рече дека „дали е четврток, петок, среда или понеделник следната недела“ е второстепено. „Сакаме тоа да се случи наскоро“, подвлече Рубио.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски понуди претпазливо позитивна оценка за состанокот: „Постојат знаци дека тимот на претседателот Трамп нè слуша“, рече тој во своето вечерно видео обраќање.
Покрај заедничката декларација на двете страни, по состанокот следеше уште едно соопштение од САД. Белата куќа одделно објави дека украинската делегација изјавила дека нацрт-договорот „ги одразува нејзините национални интереси“ и кореспондира на „нејзините клучни стратешки барања“.
Во соопштението се истакнува дека за време на состанокот биле дискутирани главните загрижености на Киев, вклучително и безбедносните гаранции. Но, за овие изјави од Белата куќа нема коментар од Украина.
Во неделата во Женева, преговарачите од Германија, Франција, Велика Британија, Италија, ЕУ, Украина и САД во различни формати разговараа за мировниот план на САД од 28 точки.
Оригиналниот план протече во американските медиуми минатата недела и беше критикуван како исклучително поволен за Русија и практично капитулација за Украина.
Според Рубио, преостанатите отворени прашања вклучуваат идна улога на ЕУ и НАТО, како и тоа какви безбедносни гаранции ќе добие Украина.
Според транскриптот, Рубио ги уверил Европејците дека прашањата што директно влијаат на Европа и НАТО ќе бидат разгледани одделно. Сојузниците ќе бидат консултирани за овие прашања. Некои од овие прашања се од семантички по природа, додека други се однесуваат на повисоко ниво на донесување одлуки.