Зајакнати контроли и казни за загадувачите
27 декември 2022Северна Македонија се гуши во смог и магла. Главниот град Скопје повторно е на осмата позиција на платформата „IQair“ со индекс на квалитет на воздух од 174, во друштво на градови од Ирак, Пакистан, Кина и од Индија. Од регионот, загаден воздух дишат и жителите на Приштина во Косово, кои се само едно место подолу од скопската метропола. Иако веќе неколку дена се на сила препораки и мерки за намалување на загадувањето во повеќе градови, поголемите градови во земјата и понатаму се гушат во смог и магла. Надлежните издадоа препораки, но немаат ингеренција да ѝ наложат на локалната самоуправа да ги спроведува. Се препорачува користење на јавниот превоз, со цел да се намали огромното загадување од возилата, но скопјани веќе подолг период се соочуваат со хаос и застој во јавниот превоз, поради што се принудени да патуваат со возила.
„Без здрава животна средина нема здрава нација. Животната средина треба да е приоритет. Заштитата на животната средина не се само проекти, туку и начин на живеење и работење“, вели министерот за животна средина Насер Нуредини.
Министерството годинава ќе има двојно поголем буџет во споредба со 2019 година (978 милиони денари), но без зајакната соработка со локалната самоуправа и со инспекциските служби, тешко дека може да направи нешто за менување на ситуацијата, за која „со децении не е мрднато со прст“. За почеток, жешките еколошки точки се детектирани и граѓаните бараат итни мерки кои ќе го прочистат опасниот воздух кој го дишат.
Контроли и казни
Зголемени вонредни инспекциски контроли на индустриски капацитети и градилишта, зачестено чистење на улиците и пешачките зони во надлежност на градот, како и активирање на мерката бесплатен јавен превоз, се само дел од мерките кои што ги најави Градот Скопје со цел намалување на загадувањето. На сила се и владините препораки за ослободување од работа на трудниците и постарите лица, за реорганизација на работното време на лицата кои работат на отворено, како и укажувањето дека спортски и културни настани не треба да се одржуваат на отворен, сѐ до завршување на алармантната состојба.
Во изминатите денови биле извршени над 20 вонредни инспекциски контроли на градилишта. Две градилишта во Скопје веќе се казнети со по 12.000 евра поради загадување на воздухот, откако е утврдено надминување во дозволените емисии. Инспекторите констатирале дека Топлана Север и топланата на Клинички центар работат на гас и не ги надминуваат дозволените мерења на емисии.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната прес-конференција, повикувајќи се на истражувањето на Универзитетот во Штип, повторно укажа дека 35 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од биомаса, на второ место се возилата, кои во просек се стари по 25 години и на трето место се градежните материјали.
„Мора да се смени начинот на греење, да се употребува биомаса којашто ги задоволува еколошките стандарди, да не се користат канцерогени материјали за загревање“, вели Нуредини. Според него, неопходно е да се инвестира во јавен транспорт и да се менуваат навиките на граѓаните. Неопходни се и поголеми контроли во градежниот сектор и редовни контроли во индустријата.
Апели
Дел од општините деновиве исто така апелираа до граѓаните да го намалат користењето на возила, да не се користат отпадни материјали за затоплување на домовите, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците.
Со новиот закон за индустриски емисии, сите инсталации кои имаат А-интегрирана дозвола ќе бидат обврзани да имаат мерна станица што ќе го мери загадувањето 24 часа. „Со новиот закон за индустриски емисии, кој сега го завршивме и е во владина процедура, ние ќе ги обврземе сите инсталации во државата кои имаат А-интегрирана дозвола самите да имаат мерни станици внатре во инсталацијата, што ќе мерат 24 часа и тие податоци да бидат достапни за јавноста во секој час“, вели Нуредини.