1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жак Делор - архитектот на Европската унија

Лусиа Шултен
28 декември 2023

Беше татко на заедничкиот европски пазар и на заедничката валута– еврото и даде голем придонес за европското обединување. Поранешниот претседател на Европската комисија Жак Делор почина во 98-та година од животот.

Живот посветен на Европа: почина поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор
Живот посветен на Европа: почина поранешниот претседател на Европската комисија, Жак ДелорФотографија: Berliner Zeitung/dpa/picture-alliance

Французинот Жак Делор кој беше на чело на Европската комисија од 1985 до 1995 година, почина во Париз на 27 декември 2023 година во u 98-та година од животот. Неговата ќерка, градоначалничката на Лил, Мартин Обри, објави дека Делор починал во сон. Шефовите на држави и влади уште во 1994 година кога Делор си заминуваше од функцијата знаеја дека „неговите заслуги за Европа нема да бидат заборавени“. Делор беше еден од последните големи Европјани на својата геренација, која беше обележана од ужасите на Втората светска војна од која црпеше снага за обликиување на заедничката иднина. Од таквото искуство Делор пронајде волја да ги постави темелите на денешната Европска унија.

Татко на заедничкиот пазар

Половина година по преземањето на должноста, во јануари 1985 година Жак Делор ја објави „Белата книга за довршување на заедничкиот пазар“. Тоа беше мајсторско дело. Тој работеше на остварување на целите од документот се до 1992 година. Во книгата се зборува за правата на граѓаните на Европската унија слободно да избираат место на престој и работа, како и право да се ангажира мајстор или занаетџија од соседна земја или на пример саламата од Милано да може да се продава во далечната Финска. Неговите заслуги не се само во заокружување на заедничкиот европски пазар, туку и потпишувањето на Шенгенскиот договор, како и почетокот на остварување на економската и монетарна унија која доведе до воведување на еврото. Во моментов 343 милиони граѓани на ЕУ ја користат заедничката валута.

Спор со Маргарет Тачер

Делор немаше само пријатели и сојузници меѓу тогашните европски државници. Британската премиерка Маргарет Тачер со своето познато трократно „не, не, не“ ги одбиваше неговите реформски предлози за европските институции. Често во препирките меѓу нив двајца не недостигаат остри зборови.

Самит на Г7 во Минхен 1992 година: Франсоа Митеран, Борис Елцин, Хелмут Кол, Џорџ Буш, Брајан Малрони, Кичи Мијазава и претседателот на Европската комисија Жак Делор (од лево кон десно)Фотографија: picture-alliance/ dpa

Сепак, големите заслуги на Делор за развојот на Европската унија беа јасни уште додека беше на должноста претседател на Европската комисија. во декември 1994 година шефовите на држави и влади на неговиот проштален самит на ЕУ за него имаа само пофални зборови велејќи дека се тоа „десет најуспешни години на европското обединување“.

Прво банкар, па политичар

Жак Делор е роден во Париз на 20 јули 1925 година во семејство на обични луѓе. Бил син единец. Стапил во брак со Мари Лефаљ во 1948 година и имале две деца, ЌЕРКАТА мартин и синот Жан-Пол. Ќерката трганала по стапките на татка си – Мартин Обри е градоначалник на Лил. Синот му починал од леукемија во 1982 година, а сопругата во 2020 година.

Делор кариерата за започнал во Француската централна банка. Дури во очи на неговиот 50ти роденден, во 1974, економистот започна политичка кариера. Тој и пристапил на Социјалистичката партија во која релативно брзо бил избран во претседателството, а во 1979 година како пратеник на Европскиот парламент дошол во Брисел.

Меѓу Брисел и Париз

Тој се враќа во Париз уште во 1981 година и во кабинетот на претседателот Митеран ја презема должноста на министер за економија и финансии. Митеран е заслужен за неговиот избор на местото на претседателот на ЕК во 1985 година. Кога се прости од должноста, Делор не се кандидираше за претседател на Франција во мај 1995 година, иако се зборуваше за тоа. Сепак, не мируваше, туку се ангажираше за Унеско и ОБСЕ, а во 1996 година ја основаше и својата фондација „Наша Европа“, позната и како Институт Жак Делор.

По Жан Моне, Хелмут Кол, Волфганг Шојбле, си замина и Жак Делор, последниот „почесен граѓанин на Европа“. Храбро ја обмислуваше иднината, но умееше и своите визии прагматично да ги претвори во реалност. Жак Делор во добар дел учествуваше во конституирање и обликување на Унијата каква што ја знаеме денес, со сите нејзини предности и недостатоци.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми