1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заканите со бомби не стивнуваат

ДТЗ
16 декември 2022

Дојави за експлозивни направи пристигнаа и во ФФМ, во неколку хотели, трговски центри, спортски сали и училишта. Откажан е настан каде требаше да присуствува премиерот и двајца министри. Полицијата врши проверки.

скопски аеродром
Заканите со бомби не стивнуваат, евакуиран скопскиот аеродромФотографија: Petr Stojanovski

Заканите за поставени бомби во повеќе објекти во Северна Македонија не само што не стивнуваат, туку секојдневно земаат сѐ поголем замав. Дојави за експлозивни направи изутринава го испразнија Меѓународниот аеродром - Скопје, а проверки се вршат и во хотелот „Александар Палас“, „Ист гејт мол“ и средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Од „Александар палас“ се евакуираат гостите и вработените. Откажана е и денешната (16.12) годишна конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски. На конференцијата беше најавено дека ќе учествуваат и министерот за економија, Крешник Бектеши и за финансии, Фатмир Бесими. 

Дојава за поставена бомба утрово пристигнала и на Меѓународниот аеродром „Скопје“, поради што сообраќајот е времено запрен. „Целиот персонал и сите патници и/или минувачи кои беа затекнати на аеродромот беа безбедно евакуирани. Летовите не се откажани, но сообраќајот е моментално запрен, сé додека не добиеме известување од МВР дека е безбедно операциите на аеродромот да продолжат по редовниот распоред”, информираа од ТАВ Македонија.

Привремено е затворен и трговскиот центар „Ист гејт мол“, кој и претходно беше мета на закани за поставена бомба, кои се покажаа како лажни. 

Апел за смиреност

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на социјалните мрежи информираше дека дојави за бомби пристигнале во училиштата „Григор Прличев“, „Наум Наумовски Борче“, „Крсте Мисирков“, „Кирил и Методиј“, „Крум Тошев“, „25 Мај“, „Дане Крапчев“ и „Наум Охридски“. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Дојави за бомби повторно пристигнаа и во скопските училиштаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаеви. Досега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Веднаш по информациите разговарав со надлежните во полициската станица од општа надлежност Гази Баба, со цел веднаш да се преземат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации. Излезен сум на терен заедно со вработени од општинската администрација со цел увид на спроведувањето на протоколите за евакуација. Се ставаме целосно на располагање за безбедно згрижување на сите дечиња“, апелираше Стефковски.

Антитерористички проверки

Дoсега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат од полицијата.

Вчера дојави за бомби добија 49 училишта во Скопје и во Куманово, а по проверките се потврди дека биле лажни.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми