1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД наредија објавување на сите досиеја за Епстин

АРД
19 ноември 2025

По Претставничкиот дом, и Сенатот на САД го изгласа законот за објавување на Епстин-документите со забрзана постапка. Сега недостасува само потпис на претседателот. Но, дали со тоа можат да се одговорат сите прашања?

САД Њујорк 2025 | Протест пред кулата Трамп: Се бара објавување на досиејата на Епстин
„Објавете го документите Епстин сега“ - транспарент во рацете на демонстрант пред кулата Трамп во ЊујоркФотографија: John Marshall Mantel/ZUMA/IMAGO

Кој профитирал од системот на трговија со луѓе и злоупотреба на Џефри Епстин на почетокот од 2000-тите години? Кој учествувал, кој гледал настрана и колку независно биле спроведени истрагите?

Конгресот бара транспарентност: 30 дена рок за објавување на сите досиеја за Епстин

За да се одговорат овие прашања, генералниот јавен обвинител треба да ги објави сите досиеја на обвинителството, ФБИ и судовите – во рок од 30 дена по стапувањето во сила на законот.

Ова вчеравечер (18.11) го изгласаа пратениците и сенаторите од двата дома на Конгресот на САД. Во Претставничкиот дом имаше само еден глас против. Во Сенатот беше применета посебна постапка за законот што побрзо да му биде доставен на претседателот за потпис: тој се смета за усвоен без формално гласање, бидејќи не беше поднесен приговор.

Натпартиска поддршка под јавен притисок: Зошто Републиканците гласаа „за“

И републиканските пратеници гласаа за заедничкиот закон со опозицијата – затоа што притисокот од јавноста е голем и тие сакаат да бидат повторно избрани на следните парламентарни избори.

Поранешната поддржувачка на Трамп, Марџори Тејлор Грин, на пример, му замери на претседателот од сопствената партија дека го прекршил ветувањето за транспарентност во врска со Епстин. Доналд Трамп потоа јавно ѝ ја одзеде поддршката.

Вчера Грин пред новинарите на скалите од Капитол предвиде уште еден тест: дали Министерството за правда навистина ќе ги објави сите досиеја или со повикување на тековни истраги ќе задржи суштински информации?

Досега не е објавен никаков доказ дека Трамп направил кривично дело во врска со случајот ЕпстинФотографија: Thomas Krych/AP Photo/picture alliance

Децениско одложување: Зошто администрациите на Трамп и Бајден ги задржуваа документите

Трамп во изборната кампања ширеше непоткрепено тврдење дека владата на САД ги прикрила резултатите од истрагата во случајот Епстин за да заштити влијателни сторители.

Навистина, и Џо Бајден, а претходно и самиот Трамп за време на неговиот прв мандат како претседател, одбија да ги објават досиејата за Епстин, притоа повикувајќи се на заштита на информаторите и на веројатно повеќе од 100 жртви кои сè уште не излегле во јавност. Покрај тоа, требаше да се избегне компромитирање на понатамошните истраги.

Опасност од дезинформации: Предупредувањата на Мајк Џонсон за „лажни обвиненија“

Со последната промена на власта во Белата куќа ситуацијата повторно се смени: Демократите бараа објавување на досиејата, додека претседателот Трамп и претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, го блокираа предлог-законот.

Конечно, оваа недела прво Трамп, а потоа и Џонсон попуштија под притисокот од двете партии. Џонсон истовремено на прес-конференција предупреди на последиците: Министерството ќе биде обврзано да објави и такви изјави и обвинувања кои ФБИ веќе ги оценил како неверодостојни. Овие лажни информации, според Џонсон, би можеле да го уништат угледот на невини луѓе.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, предупреди дека Министерството за правда ќе биде обврзано да објави и такви изјави и обвинувања кои ФБИ веќе ги оценил како неверодостојниФотографија: Tom Williams/CQ Roll Call/Sipa USA/picture alliance

Во досиејата би можеле да се појават и имиња кои Епстин само ги користел за да ги намами своите жртви. Или луѓе кои го познавале Епстин, но не знаеле ништо за неговите злосторства.

Дали Доналд Трамп е вмешан?

И Трамп го познавал Џефри Епстин. Но, од 20 години истражна работа под четири претседателства досега не е објавен никаков доказ дека Трамп направил кривично дело во врска со случајот Епстин. Ниту една жртва не го обвинила, ниту еден сведок не го оптоварил – додека изјавите и навестувањата на самиот Епстин од неговото време како обвинет во кривична постапка се сметаат за малку веродостојни.

Митот за Епстин живее од верувањето во една заговорничка теорија, која ја имаат поттикнато и Републиканците и Демократите во САД. Затоа изгледа невозможно дека некогаш до крај ќе се разјаснат сите отворени прашања. Дури и ако Доналд Трамп навистина го сака тоа.

Автор на текстот: Самуел Јакиш, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми