1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот што ќе го замени балансерот усвоен од Владата

8 април 2026

Решението поминало низ сериозен правен филтер, со печат на Венцијанската комисија. Координативно тело ќе го мониторира и гарантира спроведувањето на законот во пракса.

Северна Македонија, Скопско | Владa зграда
Законот за правична и соодветна застапеност вчера доби зелено светло од ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Затворање на просторот за нејаснотии, импровизации и злоупотреби кои во минатото создаваа и злоупотреби и недoверба. Ова се очекува од Законот за правична и соодветна застапеност кoj вчера (7.04) доби зелено светло од Владата, со печат на Венецијанската комисија. Овој закон треба да го замени поранешниот „балансер" - алатка со која беше одредуван процентот на соодветна застапеност на вработените во јавниот сектор од секоја етничка заедница.

Балансерот беше укинат со одлука на Уставниот суд на 9-ти октомври 2024 година. Претходно, Уставниот суд на 18-ти септември 2024 година реши да поведе постапка за балансерот, откако судиите расправаа дали со оваа алатка се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Предметот беше оформен по иницијатива поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради злоупотреба на таа алатка при вработувањата.

Укинувањето на балансерот предизвика реакции кај опозициски партиите на Албанците, а ДУИ тоа го оцени како тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот договор и врз мултиетничката стабилност на државата. 

Кратко памeтење

Но, вистината е дека патот за укинување на балансерот го отвори и ДУИ, кога заедно со партнерите во Владата се согласија дека е надмината потребата од него. Тоа беше наведено во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 со Акциски план 2023 -2026. Станува збор за владин акт од јули 2023 година, донесен во мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ.

„Начелото на еднаков пристап до секое работно место, начелото на стручност и компетентност и начелото на родова еднаквост треба да се примарни и единствено применети во целиот процес на селекција, вработување и унапредување на сите нивоа во јавната администрација, додека во фазата пред донесување на одлуката за избор секако треба да се води сметка и за начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. На овој начин, од една страна се надминува потребата од примена на алатката наречена 'балансер', која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Со објективни критериуми и постапки на отворен натпревар за избор на најдобриот кандидат, спроведени од професионалци во администрацијата кои поседуваат висок степен на стручност и интегритет, ќе се направи брана од политичкото влијание“, беше наведено во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, донесена во време кога ДУИ беше владејачка партија.

Патот за укинување на балансерот го отвори и ДУИ, кога заедно со партнерите во Владата се согласија дека е надмината потребата од негоФотографија: DW/S. Toevski

Примарен и секундарен критериум

Како ќе биде сега? Како што објави Владата, посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на заедниците што се подзастапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор. Притоа се наведува дека „квалификациите, стручноста и компетентноста претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите“.

Законот предвидува и формирање на Координативно тело за следење на правичната и соодветна застапеност, кое ќе го мониторира и ќе го гарантира спроведувањето на законот во пракса.

Без таква алка на одговорност, велат од Владата, секој закон ризикува да остане само формален.

Не е донесен набрзина

Во рок од 6 месеци од донесувањето на законот, предвидено е усогласување на релевантното закондавство со подзаконски акти со кои ќе се утврдат деталите за имплементација на законот, со што ќе се рефлектира низ целиот институционален систем.

Од Владата потенцираат дека овој закон е изработен и усогласен по позитивното мислење на Венецијанската комисија, што значи дека не е текст донесен набрзина, туку решение кое поминало низ сериозен правен институционален филтер за поставување на темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.

„Со овој закон воспоставуваме баланс и истовремено ги поставуваме темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Силната администрација не е во интерес само на една заедница. Таа е во интерес на секој граѓанин. Кога институциите се правични и ефикасни, сите имаат придобивка“, посочи првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали.

Беким Сали: Со овој закон воспоставуваме баланс и истовремено ги поставуваме темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрацијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Систем кој не зависи од волјата, туку од законот

Коалицијата ВЛЕН го поздрави одобрувањето на овој нацрт-закон, опишувајќи го како историско достигнување и важен чекор кон институционална еднаквост, бидејќи по повеќе од две децении за првпат тоа прашање е регулирано со закон.

И според поранешниот прв вицепремиер од ВЛЕН, Изет Меџити, со овој закон се става крај на ерата на недовршени решенија и на културата на импровизации.

„Ова е чекор напред. Ги затвораме слабостите од минатото и градиме систем кој ќе биде фер, транспарентен и одржлив. Систем во кој правдата не зависи од волјата, туку од законот. Систем во кој секој граѓанин има еднакви можности и секоја заедница има достојно и еднакво место“, оценува Меџити.

За Албанците, додава тој, ова значи крај на политиките што создадоа илузија за застапеност, а во суштина оставија празнини.

„За државата, ова значи посилни институции. Ние не ветуваме лесни решенија. Ние носиме одржливи решенија. Тоа е разликата. Тоа е одговорност“, напиша Меџити на социјалните мрежи.

Алатката не ги исполни целите

И во извештајот на ЕК во 2023 година од скринингот за кластерот 1 „Темелни вредности“, беше оценето дека балансерот веќе не ги исполнува целите, дека формулата не ги одразува пописните податоци за населението во земјата и дека таа алатка може да ги поткопа принципите на заслуги при вработувањето.  

„Паралелните процедури за вработување поставени за да се зголеми вработеноста на малцинствата во јавниот сектор може да ги поткопа, во нивната примена, принципите на заслуги, ефективност и правична застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработените според потребите, следејќи ги потребите за правична застапеност“, оценија тогаш од Европската Комисија. 

По вчерашното зелено светло од Владата, законот за правична и соодветна застапеност ќе биде проследен до Собранието, каде што очекува сериозна дебата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми