1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Брза лента“ за законските измени за коридорите 8 и 10д

ДТЗ
10 април 2023

Антикорупциската комисија бара поширока јавна расправа за законските измени, а претседателот Стево Пендаровски нема да ги потпише законите ако со нив се кршат граѓанските права.

Антикорупциска комисија
Антикорупциска комисија (архивска фотографија)Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Додека Коридорите 8 и 10д се обидуваат забрзано да се пробијат низ собраниските комисии и процедури, сѐ посилни се бранувањата и реакциите во јавноста коишто се обидуваат да спречат носење на законски решенија по скратена постапка. Антикорупциската комисија бара поширока јавна расправа за девет предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10д, со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби и корупција. Претседателот Стево Пендаровски чека да ја види конечната верзија на законите за автопатиштата, по што ќе го изнесе својот став дали ќе го потпише указот. „Ако ги повредуваат правата на граѓаните, ако завлегуваат во правата на трети лица, се разбира дека дел, или барем дел од тие закони нема да поминат, но да ги видиме во конечна верзија“, изјави денеска (10.04) Претседателот. 

Опозицијата најавува „суштински амандмани“

Но, и покрај ваквите реакции, Собранието денеска ја изгласа потребата од носење на измени и дополнувања на осум закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Во рамки на 112 седница изгласана беше потребата на дополнувањето на Законот за земјоделско земјиште, на измените и дополнувањата на Законот за експропријација, на изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, на измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, на изменување и дополнување на Законот за работни односи, на измените и дополнувањата на Законот за шумите, на измените и дополнувањата на Законот за градење, како и на измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола), по скратена постапка. По протестите на здруженијата на археолози пред Собранието, беа повлечени само измените на Законот за културно наследство.

Неизвесно е кога законите ќе се најдат на собраниски комисии.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и најави суштински амандмани. Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски порача дека ако се изгласаат измените тоа многу ќе ја чини државата, бидејќи нема да може да ги исполни сите ветувања, за што ќе плаќа пенали. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, оценија дека станува збор за најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години и порачаа дека не треба на секој проект да му се измислуваат наводни криминали. 

Потпишување на договорот меѓу Владата на РСМ и фирмата „Бехтел и Енка“Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Ризици од корупција

Антикорупционерите денеска повторија дека треба да се преиспита најавеното донесување на законите во скратена постапка од причина што, како што велат, со тоа се рушат основните постулати на правната држава, се зголемуваат ризиците од корупција и не се остава простор за јавна расправа, а пред сè не се остава простор за произнесување на стручната јавност за содржината на законските одредби.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) неодамна најави дека зајакнат тим ќе работи на предметот кој беше отворен за Коридорите 8 и 10д, откако во јавноста се појави сомнеж околу постапката за избор на компаниите за надзор на автопатите.  Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска порача дека веќе добиле дел од потребната документација за предметот што го отворија, а на кој ќе му дадат особено значење со цел да ја извадат вистината на виделина. 

„Со предложените измени на законите кои треба да се донесат во скратена постапка се задира во повеќе области меѓу кои и работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина и други. Оттаму, неопходна е поширока јавна расправа со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби, ризиците од корупцијата, како и ризиците од законски решенија чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми“, укажуваат антикорупционерите.  

Претседателот Стево Пендаровски нема да ги потпише законите ако со нив се кршат граѓанските праваФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Аргументирана расправа

Претседателот на државата Стево Пендаровски одговарајќи на прашање дали ќе го потпише указот доколку помине законот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 Д вели дека треба да се почека да се види конечната содржина на законите.

„Мојот тим на правници и во Кабинетот и надвор од него се веќе ангажирани во следење на дебатата и на тоа што ќе излезе како конечен продукт. Во однос на процедурата мислам дека иако одат по скратена постапка, не се со европско знаменце и ќе има доволно време и за опозицијата да поднесе амандмани, да се вклучи во дебатата и да имаме аргументирана расправа како што доликува за овој важен сет закони“, рече Пендаровски.

Измените и дополнувањата на девет закони се поврзани со автопатите коишто треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. За изградба на автопатите се предвидени 1,3 милијарди евра, а дополнително се планираат и 300 милиони евра за експропријација на земјиштето по кое ќе поминуваат трасите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми