1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија одобри нуклеарни напади во случај на проширена закана

Јури Решето
21 ноември 2024

Русија ја заостри нуклеарната доктрина и дозволи нуклеарни напади дури и во случај на напад од страни кои не располагаат со нуклеарно оружје, доколку уживаат поддршка од држави кои имаат такво.

Интерконтинентална балистичка ракета РС-24 „Јарс“ за време на парадата во Москва во јуни 2020 година.
Интерконтинентална балистичка ракета РС-24 „Јарс“ за време на парадата во Москва во јуни 2020 година.Фотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша ажурираната нуклеарна доктрина, со која се проширува списокот на услови под кои е дозволен нуклеарен напад од страна на Русија. Во новата верзија се наведува дека Русија го задржува правото да употреби нуклеарно оружје и како резултат на агресија од страна на држава која не располага со нуклеарно оружје, но ја ужива поддршката на нуклеарна сила.

Таков - дури и конвенционален – напад ќе се смета за заеднички напад врз Русија и може да резултира со возвратен нуклеарен напад. Иако во текстот нема конкретни референци за одредени држави, во контекст на војната во Украина постојат паралели со Украина (држава која нема свое нуклеарно оружје) и нејзините сојузници во НАТО (меѓу останатите и нуклеарните сили САД и Франција).

Стара формулација со ново значење

Независниот руски експерт за нуклеарно оружје Павел Подвиг во интервју за ДВ нагласува дека таквата формулација постои од 1995 година. Сепак, во тоа време „појдовна точка било спротивното сценарио - имено, нуклеарна сила се сметала за потенцијален извор на агресија - што секако подразбирало држава членка на НАТО, додека пак нејзиниот сојузник без нуклеарно оружје, требало да биде казнет заедно со неа“, објаснува Подвиг.

Владимир Путин на состанокот за нуклеарно одвраќање на Советот за безбедност во Кремљ (септември 2024 година)Фотографија: Aleksei Nikolsky/Pool Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

Со новата доктрина, агресија против Русија или нејзините сојузници од држава која е дел од воен сојуз како НАТО, се смета како агресија од целата коалиција.

Повеќе „воени опасности“

Во преработениот документ се вели дека Кремљ би можел да размисли за употреба на нуклеарно оружје дури и ако добие „сигурни информации за масовно користење на воздухопловни и вселенскисредства“ и нивно преминување на руската воздушна граница. Тука спаѓаат авиони, ракети и дронови.

Во доктрината е проширена листата на таканаречени воени закани кои ја оправдуваат употребата на нуклеарно оружје за заплашување и од сега составен дел од неа се и поседување на секаков вид оружје за масовно уништување што би можело да се употреби против Русија, како и воени вежби во близина на границата.

Освен тоа доктрината дозволува употреба на нуклеарно оружје доколку постои „критична закана за суверенитетот на Руската Федерација и конвенционално оружје“, при што не е наведено што сѐ подразбира „критична закана“.

Клучен е зборот „критична“

Павел Подвиг посочува дека во претходната верзија стануваше збор само за закана за „постоењето на самата држава“ На прашањето дали окупација на делови од рускиот регион Курск од страна на украинската армија или американски ракетни напади врз руски аеродроми, претставуваат таква закана за територијалниот интегритет на Русија, Пудвиг го истакнува зборот „критична“ во новата доктрина.

Поранешна фабрика за челик Азов во Мариупол, мај 2022 година.Фотографија: AP Photo/picture alliance

Нејасно е каков тип на закана може да се смета за критична, а каков не. Такви работи намерно не се дефинираат и во ваквите документи секогаш има простор за интерпретација. „Секогаш велам дека нема да одите на суд со документот, никој нема да одржува расправа пред нуклеарен напад“, иронично посочува Подвиг.

А, сепак ваквите формулации имаат некаква смисла. „На пример, како може да се сфати теориската загуба на анектираните украински територии? Русија секако може да тврди дека тоа претставува критична закана за територијалниот интегритет, но никој на светов не ги признава тие територии како дел од Руската Федерација“, анализира Подвиг и додава дека би било тешко да се тврди дека тоа е критична закана за суверенитетот на Русија.

Се заканува ли атомска војна?

Но, новата доктрина во никој случај не значи дека Русија веќе се подготвува за нуклеарна војна, вели Подвиг. Тој смета дека е крајно мала веројатноста да се употреби нуклеарно оружје против Украина во Украина. „Во воен контекст тоа нема смисла бидејќи ситуацијата на фронтот нема да се промени. Притоа треба да се има на ум дека реакцијата на таков напад би била крајно негативна и тоа од сите останати земји“, аргументира Подвиг.

Во документот Русија само си го задржува правото во ваква или онаква ситуација да употреби нуклеарно оружје. „Никаде не стои дека „ќе се употреби“ или дека е „должна да го употреби“. Сè е препуштено на одмерување на лицето што одлучува за нивната употреба“, вели тој и додава дека станува збор за декларативен документ кон надворешни адресати кој на сите можни противници им појаснува како Русија ја гледа улогата на атомското оружје во одржувањето на нејзината безбедност.

Дали нуклеарната доктрина е порака на Путин до тимот на американскиот претседател Бајден во заминување?Фотографија: Saul Loeb/Pool via REUTERS

Порака до Западот

Меѓу можните противници се и западните политичари, кои се примарни адресати на новата руска нуклеарна доктрина. Тоа го потврдуваат и коментарите во рускиот печат. Правда.ру наведува дека иако доктрината не содржи некакви радикално нови одредби, нејзиното значење се крие во фактот дека служи како важен сигнал за други држави.

„Земји кои се подготвени да влезат во конфликт со Русија ризикуваат нуклеарен одговор. Оваа доктрина е првенствено порака до тимот на американскиот претседател во заминување“, резимира рускиот политиколог Николај Костикин.

Портпаролот на рускиот претседател Путин, Дмитри Песков, го избегна прашањето дали има поврзаност меѓу обновувањето на доктрината и американското овластување за употреба на американски ракети на руска територија од страна на украинската армија. Насоките на претседателот за ажурирање на доктринате биле дадени одамна, посочи тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми