1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дронови над Србија - релаксација во Берлин

4 ноември 2022

Со трите договори за мобилност, во рамките на Берлинскиот процес е постигнат преговарачки успех за земјите од Западен Балкан. Тоа е придобивка за приближувањето меѓу Србија и Косово, смета Аделхајд Фајлке.

Хармонија во Берлин - самитот за Западен Балкан успеа да постигне одлучувачки напредокФотографија: Jens Schlueter/AFP

Во српските медиуми тоа недвосмислено беше тема број еден: Белград ги стави своите вооружени сили во борбена готовност бидејќи наводно биле забележани беспилотни летала над воените постројки во пограничната област со Косово. И тоа во момент кога Косово се инаети во спорот за меѓусебното признавање на регистарските таблички. Но, во весниците и порталите речиси и да немаше простор за вистинската сензација во билатералните односи. Приказната за дроновите го одвлече вниманието од Берлин, каде во четвртокот (3.11) беа преземени важни чекори кон регионалната соработка и релаксирање на односите, кои треба да ја олеснат мобилноста во целиот регион и да овозможат потесна соработка.

На германските дипломати и на нивните европски партнери притоа им успеа да издејствуваат вистински пробив во рамките на „Берлинскиот процес“: во иднина, шесте земји од Западен Балкан ќе ги признаваат личните карти, како и стручните и факултетските дипломи на нивните соседни земји. Трите договори на задна врата овозможуваат и нормализација на односите меѓу двата соседа Србија и Косово. И покрај тоа што српската влада продолжува категорично да го отфрла признавањето на Косово.

Овие договори со право можат да се сфатат како важни пресвртници на патот кон регионалната интеграција, бидејќи тие ја олеснуваат соработката на повеќе нивоа и овозможуваат слобода на движење на Западен Балкан.

Белград се придвижува, Босна и Херцеговина исто така

Посебно Србија во случајов, на општо задоволство, значително се огради од претходната блокада, бидејќи земјата сега ги признава и документите од Косово. За стотици илјади засегнати луѓе во регионот, ова е важен чекор кон заемно прифаќање меѓу државите.

Покрај оваа важна нормализација меѓу Белград и Приштина, договорите овозможуваат и пробив меѓу Босна и Херцеговина и Косово. Затоа што и самата Босна и Херцеговина сè уште го нема признато Косово, под притисок на босанските Срби. Конечно, луѓето сега можат да патуваат меѓу двете земји без виза!

Аделхајд Фајлке, авторка на коментарот

Добитници од овој германски преговарачки успех се пред сѐ луѓето од земјите од Западен Балкан, кои сакаат да бидат мобилни и со тоа да придонесат за пренос на знаење, бидејќи нивните квалификации сега се признати од соседните земји. Илјадници припадници на малцинствата во секоја од западнобалканските земји ќе имаат корист од ова и на тој начин ќе придонесат за нова жива разноликост во нивните земји и ќе помогнат да се намали етничката дискриминација.

Добитник на среден рок е и целиот регион, бидејќи овие договори за мобилност можат да ја олеснат имплементацијата на предвидениот внатрешен пазар и да го поттикнат економскиот развој во целиот регион. Планираната поблиска соработка во енергетскиот сектор секако дополнително ќе го зајакне регионот, со надеж дека ќе помогне да се намали континуираниот одлив на мозоци, односно миграцијата на добро образованите млади луѓе во странство.

Извонреден успех за „Берлинскиот процес“

Последно, но не и помалку важно: Берлинскиот процес преку овие договори делотворно се врати на стремежот да биде дипломатски мост меѓу Западен Балкан и ЕУ. Со овој потег, актуелната германска влада успешно го присвои овој некогашен проект на Ангела Меркел и на земјите од Западен Балкан им понуди јасна заложба за интензивна поддршка за членството во ЕУ за сите шест земји од регионот. Ова е поитно од кога било со оглед на растечкото руско влијание во регионот.

Секако, на маргините на самитот имаше најразлични дипломатски димни завеси, кои, како и мистериозните дронови, имаа за цел да го одвлечат вниманието од овој пробив. Затоа што најновите одлуки и натаму се спорни во домашната јавност во земјите од Западен Балкан.

Останува да се надеваме дека таквите дисонанции, како и наводните дронови, ќе исчезнат и дека тензиите на границите наскоро ќе се смират за луѓето конечно да можат лесно да патуваат од една во друга земја и регионот да има корист од вештините на своите луѓе од двете страни на границите. Токму задоволни луѓе кои можат да се развиваат без политички блокади, се оние кои го движат регионот напред и ја забрзуваат интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми