1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинскиот процес пред пресвртница?

Ненад Крајцер
3 ноември 2022

Веќе со години се слушаат критики дека „Берлинскиот процес“ не носи ништо друго за Западен Балкан освен можност за заедничко фотографирање за политичарите. Годинешниот самит во Берлин може да донесе промени.

На 21 октомври, во германската престолнина, во рамките на Берлинскиот процес беше одржана средба на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок
На 21 октомври, во германската престолнина, во рамките на Берлинскиот процес беше одржана средба на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и шефицата на германската дипломатија, Аналена БербокФотографија: Janine Schmitz/photothek/IMAGO

„Она што на некои не им звучи сензационално, всушност се историски чекори.“ Со овие зборови германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, го најави потпишувањето на договорот за меѓународно признавање на личните карти, како и факултетските и стручните дипломи меѓу шест членки на Западен Балкан.

Во нормални околности навистина не би било „сензационално“, но ако се земе предвид фактот дека меѓу земјите потписнички се и Србија и Косово, кои како држави не се признаваат меѓусебно, тогаш епитетот „историски“ со кој шефицата на дипломатијата го опишува овој чин, и е разбирлив по малку.

Германската дипломатска офанзива трае

За време на најавувањето на потпишувањето на овие договори, што треба да се случи денеска (3.11) на самитот на земјите од Западен Балкан и ЕУ во рамки на таканаречениот „Берлински процес“, Бербок не криеше дека смета оти овој успех е заслуга на германската дипломатија. По формирањето на новата коалициска влада во Берлин, Германија дополнително ги интензивираше дипломатските напори на Западен Балкан. Тоа, додуша, започна уште во последната година од владеењето на Ангела Меркел, која сакаше да го оживее политичкиот проект „Берлински процес“, кој сама го иницираше во 2014 година.

Кабинетот на канцеларот не пропушта можност да нагласи дека канцеларот Олаф Шолц уште веќе во првите месеци на функцијата разговараше со сите шефови на влади и држави во регионот, кој во меѓувреме и го посети. Интересот за регионот поради безбедносно-политички причини порасна и по рускиот напад на Украина на крајот на февруари.

Албанскиот политиколог Адријан ХакајФотографија: privat

Фокусиран пристап според принципот „чекор по чекор“

Ардијан Хакај, директор на тиранскиот Форум за поврзување, кој ги следи случувањата во рамки на „Берлинскиот процес“, исто така, смета оти првите видливи резултати од овој формат се заслуга на германската дипломатска офанзива. „Постојаниот ангажман на специјалниот германски претставник Мануел Сарацин во регионот, неговите редовни контакти со сите заинтересирани страни, како и многу фокусираниот пристап изграден на мали, но спроведливи чекори, осигураа механизам кој инаку недостига за насочување на локалната политичка волја“, вели Хакај за ДВ.

Тој, исто така, смета дека е исклучително важно вклучувањето на организациите од цивилното општество во агендата на „Берлински процес“. Така и овој најнов самит во Берлин, со три состаноци на министерско ниво, е проследен и со дводневна конференција на претставниците на организациите од цивилното општество.

Излез од ќорсокакот?

Богатата програма која на крајот би требало да заврши со свечено потпишување со присуство и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, според зборовите на професорот Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац и шеф на Центарот за студии за југоисточна Европа, би требало да сигнализира оти „Берлински процес“ не западнал во слепа улица, каков што е општиот впечаток во последните години.

„Договорите, според мое мислење, се обид да се испрати порака оти 'Берлински процес' сега е посилно насочен на конкретни успеси. Процесот во последните години тапкаше во место, па сега е многу важно да се оствари некој вид 'успех'. Во спротивно, сѐ заедно би изгледало како да оди по старо“, вели Бибер.

Флоријан Бибер, експерт за Западен Балкан и професор на Универзитетот во ГрацФотографија: Uni Graz

Усогласување на политиката со ЕУ

Проблемите на Западен Балкан не станаа помали: нестабилната политичка ситуација во БиХ, проблеми со отворањето на преговорите на С. Македонија и ЕУ, и на крај најголемиот безбедносно-политички проблем - нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. И сето тоа е уште од почетокот на годинава во сенка на рускиот напад на Украина и влијанието на Москва на центрите во регионот, особено во Белград.

Србија се наоѓа во центарот на вниманието, не само поради несредениот однос со Косово, туку и поради притисокот од Брисел, како земја кандидат за членство во ЕУ, да ја усогласи својата надворешна политика со безбедносната политика на ЕУ. Тоа се однесува на два аспекта: усогласување на визниот систем и приклучување кон санкциите за Русија.

Иако од владини кругови се дознава дека порастот на бројот на бегалци на таканаречената „Балканска рута“ не е официјално на дневен ред на конференцијата, за ДВ е изјавено дека „не е исклучено“ да се разговара и за таа тема. На маса се сите важни фактори кои играат улога во таа проблематика: Србија, која без виза во земјата пушта лица од земји како што се Индија или Тунис и кои потоа продолжуваат кон ЕУ. Потоа, Босна и Херцеговина, преку која мигрантите поминуваат кон Запад и на крајот членката на ЕУ, Хрватска, која сака да влезе во Шенген зоната наредната година, а која истовремено се обвинува оти илегално протерува мигранти во БиХ.

Оптимизмот можеби ќе ја замати потврдата за засега неофицијалната информација дека од Србија на самитот нема да дојде Александар Вучиќ, туку премиерката Ана Брнабиќ. Останува отворено дали е тоа потег кој служи како сигнал за Берлин или се работи за внатрешнополитичка тактика на претседателот на Србија.

Ања Квиринг, регионална директорка за Југоисточна Европа при Комитетот за Источна Европа на германското стопанствоФотографија: Privat

Тежиштето на создавање заеднички пазар

Но, во прв план на конференцијата останува прашањето за зацврстување на заедничкиот пазар. Најавените договори би можеле во добра мерка да придонесат за остварување на една од главните цели, а тоа е формирање на заеднички западнобалкански пазар со цел - подобро поврзување со европскиот. 

„Овие договори можат на мобилноста во регионот, а со тоа и економската соработка, да ѝ дадат нова динамика, а со тоа и важен допринес во создавањето на заеднички пазар“, вели Ања Квиринг од Комитетот на германскаото стопанство за Источна Европа. „Во моментов е тешко да се процени како овие договори ќе се одразат на бројките. Ќе биде важно и натаму да се продолжи со усогласување на законското и на регулативното ниво во регионот. Спред наше мислење, интензивираната внатрешнорегионална соработка меѓу шесте земји од Западен Балкан може да даде важен поттик за економски просперитет во регионот“, додава таа.

Соговорниците на ДВ се согласни дека едно е потпишувањето договори, а сосема друго нивната имплементација на терен. „Најголемиот предизвик е тоа што доаѓа сега, односно дали ќе се спроведат договорите? Во изминатите осум години имаше многу изјави, намери и одлуки, но тие често беа само делумно спроведени, бидејќи немаше кој да обезбеди нивна реализација. Се случуваше земјата домаќин често да има сопствена и нова агенда, односно да отфрли сѐ што беше пред неа“, вели Бибер за ДВ и додава: „Затоа, успехот не се мери преку потпишаните договори, туку преку она што ќе биде остварено од сето тоа“, заклучува Бибер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми