1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан на чекање - помеѓу надежта и фрустрацијата

Марлон Амојал
10 октомври 2025

Берлинскиот процес ги поддржува неопходните реформи во Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, со цел да ги приближи тие земји до Европската Унија. Но, незадоволството во тие земји расте.

Заедничка фотографија од замокот Хилсборо, Белфаст: Шефови на дипломатии од Берлинскиот процес
Заедничка фотографија од замокот Хилсборо, Белфаст: Шефови на дипломатиите од Берлинскиот процесФотографија: Charles McQuillan/PA Wire/picture alliance

Облачен есенски ден во Белфаст, во замокот Хилсборо од 18 век, кој е официјална кралска резиденција во Северна Ирска и седиште на државниот секретар за Северна Ирска. Тоа е историско место, каде што во 1998 година се водеа преговори меѓу Велика Британија и Република Ирска, што доведоа до потпишување на Договорот од Велики петок. Тој стави крај на деценискиот крвав конфликт меѓу протестантите и католиците во Северна Ирска.

Тоа симболично место, според идејата на британските домаќини, на дводневниот самит на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, требаше да стави посебен акцент на - помирувањето.

Нова динамика за процесот на пристапување до 2029 година

Британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, на почетокот на состанокот нагласи дека стабилноста на регионот е во интерес на Европа: „Знаеме дека безбедноста на Западен Балкан има директно влијание врз безбедноста на цела Европа, вклучително и нас овде во Велика Британија“.

Германскиот министер за надворешни работи,  Јохан Вадефул,  истакна дека  Европската Унија  е должна да им понуди перспектива на земјите од регионот. Тој додаде дека процесот на приближување има потреба од нов импулс. „Луѓето почнуваат да ја губат довербата во Европската Унија во блиска иднина“, рече шефот на германската дипломатија, посочувајќи дека постојат добри перспективи за развој на нова динамика во процесот на пристапување до 2029 година.

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, истакна дека Европската Унија е должна да им понуди перспектива на земјите од регионотФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Во исто време, тој предупреди дека понатамошното одложување ќе донесе поголеми геополитички ризици: „Не можеме да си го дозволиме тоа, во спротивно постои опасност од враќање на старите времиња на непријателства, како и зголемување на улогата на Русија и Кина“.

Неисполнетото ветување од Солун

На самитот на Европската Унија во Солун во 2003 година,  на тие земји им беше ветено полноправно членство.  По крвавиот распад на Југославија во деведесеттите години од минатиот век, на земјите од регионот требаше да им се понуди европска перспектива.

Сепак, само Словенија и Хрватска потоа станаа членки. Другите земји се во различни фази од процесот на пристапување. Албанија и Црна Гора моментално предничат.

Берлинскиот процес: Коалиција на волните

Берлинскиот процес беше инициран во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. Целта беше да се даде важен придонес во подготовката на земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија, но во исто време да се подобри меѓусебната соработка на тие земји. Тоа е неформална рамка во која, покрај земјите од регионот и Велика Британија, има и неколку членки на Европската Унија.

Фрауке Зебас: Ова е, така да се каже, „коалиција на волни“Фотографија: privat

Тоа е, така да се каже, „коалиција на волните“, објаснува Фрауке Зебас од Германското друштво за надворешна политика, во интервју за ДВ. „Така, има поголема флексибилност, бидејќи нема зависност од едногласната одлука на 27 земји-членки, што често го парализира процесот“.

Блокади, конфликти и домашни проблеми

Поради сопствени интереси, одредени членки на Европската Унија беа во можност да го блокираат процесот на пристапување на некои земји од Западен Балкан. Спорот за името меѓу Грција и Македонија беше решен дури во 2019 година со Преспанскиот договор, со кој земјата беше преименувана во  Северна Македонија.

Сепак, дури и во земјите од регионот, постојат внатрешни проблеми кои се соочуваат со големи политички, економски и институционални предизвици пред перспективата за приклучување. Тие вклучуваат корупција, слабости во владеењето на правото и нерешени билатерални конфликти како оној меѓу Србија и Косово. Покрај тоа, сè повеќе млади луѓе го напуштаат регионот - одливот на мозоци е проблем во повеќето земји од регионот. Поради недостатокот на перспектива дома, многу млади луѓе ја бараат својата среќа во земјите од Европската Унија.

Растечкото влијание на Русија и Кина

Доцнењето во процесот на пристапување  го направи регионот привлечен за други актери како што се Русија и Кина. „Тие актери го користат празниот простор што го оставија ЕУ и САД при нивното повлекување од регионот“, вели Зебас. Таа наведува конкретен пример: „Србија склучи договор за слободна трговија со Кина во 2023 година, што не е во согласност со целта за членство во ЕУ, што српската влада постојано го нагласува. Особено загрижува соработката на Србија со руската разузнавачка служба, како и доделувањето српски пасоши на руски граѓани блиски до руските власти, кои потоа можат да патуваат во Шенген зоната“, вели Зебас.

Москва ја користи сè уште големата зависност на Белград од снабдувањето со руски гас и нафта. Традиционалното пријателство меѓу  Србија и Русија се манифестира во дипломатската „политика на две столчиња“ на официјален Белград. Така, земјата, која во процесот на пристапување е должна да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на Европската Унија, не воведе санкции против Русија што ги воведе Брисел по нападот на Русија врз Украина.

Безбедносните и миграциските прашања се на врвот на листата на приоритети

Затоа, во Белфаст, безбедносните прашања беа на врвот на листата на приоритети. Околу пет милиони евра се издвоени за зајакнување на отпорот кон сајбер нападите и за споделување искуства во борбата против дезинформациите. Дополнителни 11,5 милиони евра се наменети за поддршка на програмите во Западен Балкан кои се борат против нелегалната миграција.

Ова се мали чекори, но тие сакаат да покажат дека  Европа не го заборавила Западен Балкан. Како дел од Берлинскиот процес, шефовите на држави и влади на земјите учеснички во процесот ќе се состанат во Лондон на 22 октомври.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми