Западен Брег: Живот во страв од израелските доселеници
10 ноември 2025
Палестинското семејство Абу Алија бере маслинки во Турмус Аја, на окупираниот од Израел-Западен Брег. Но атмосферата е далеку од празнична – семејството живее во постојан страв од напади од израелски доселеници. Оваа година жетвата е засенета од насилство врз Палестинците од страна на доселеници од Израел.
„Сите се плашат“ – сведоштва од терен
„Се разбира дека ми е страв. Сите тука се плашат. Страв ми е од доселениците и од армијата која секојдневно доаѓа во нашето село“, вели Латифе Абу Алија.
„Тука нема никаква заштита. Ако се појави доселеник, мораш да бегаш – друг избор немаш. Тој е вооружен, а ние не сме“, додава Радже Абу Алија.
Ајман Абу Алија бил нападнат пред неколку дена – видео го покажува нападот врз неговиот автомобил. „Побегнав низ врата која не ја чуваа. Најмалку 45 до 50 мажи ме бркаа“, раскажува тој. Ист ден, блиска роднина билa претепана додека берела маслинки и завршила во болница со повреда на главата. Новинар го снимил нападот.
ОН алармира - над 126 напади
Според Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања, од почетокот на жетвата во октомври се документирани повеќе од 126 напади на израелски доселеници врз Палестинци и нивните земјишта.
Вооружени доселеници, често придружувани од војници, напаѓаат земјоделци, сечат илјадници дрвја и палат маслинови насади – најчесто без последици. Во други случаи, израелските власти им забрануваат на Палестинците пристап до сопствената земја.
„Ова психички те уништува“
Уади Алкам стои пред она што останало од неговата маслинова градина – повеќето дрвја се исечени од доселеници од блиската населба. „Ова психички те уништува. Овие дрвја беа стари 25 години. Јас сам ги засадив, се грижев за нив како за свои деца“, вели тој.
За многу Палестинци маслиновите дрвја и производството на маслиново масло се речиси единствен извор на приходи. Дрвјата растат бавно и даваат плод дури по години.
„Тие ги сечат дрвјата затоа што гледаат во нив непријател – тоа се корените на нашиот народ, наше културно наследство. За нас маслиновите дрвја се благословени“, додава Алкам.
Она што се случува во Турмус Аја се повторува во сите палестински села и градови. Секаде каде што има маслинови дрвја, има и ноќни напади.
Денес е мирно. Колку долго – никој не знае.
Повеќе за војната на Блискиот исток.
Погледнете го и видеото (на германски јазик) на оваа тема: