1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западни политичари бараат посилен притисок врз Србија

Обработка: Немања Рујевиќ
8 август 2023

Политиката на Западот кон Србија е препопустлива во однос на Косово, тврдат шефовите на комисиите за надворешна политика на парламентите во Германија, САД, Британија и други земји. Тие бараат посилен притисок врз Србија.

Михаел Рот, шеф на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот
Михаел Рот, шеф на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, е еден од потписниците на писмотоФотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

„Српскиот претседател Вучиќ води кон сѐ поголема ескалација на тензиите со Косово. Западот е воздржан во критиките - а тој пристап веќе не функционира, велат политичари задолжени за надворешни работи“, пренесува берлинскиот весник Тагесшпигел.

Тој весник имаше пристап до писмото (кое во меѓувреме е објавено во целост) потпишано од „водечки политичари задолжени за надворешни работи на различни западни земји“, во кое од министрите за надворешни работи на ЕУ, САД и Велика Британија се бара „покритичен став“ кон Александар Вучиќ.

„Обидите на Србија да ги попречува демократските избори во Косово мора јавно да бидат критикувани како странско мешање, мора да се преземат конкретни мерки за од Србија да се бара одговорност доколку таа продолжи да ги поткопува слободните и чесни избори“, се вели во писмото.

Најистакнати потписници на писмото се шефот на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Михаил Рот, како и Боб Менендез, човек кој ја има истата функција во американскиот Сенат.

Покрај германскиот социјалдемократ и американскиот демократ, писмото го потпишаа и шефовите на комисиите за надворешна политика во парламентите на Велика Британија, Чешка, Украина, Ирска, Естонија, Летонија и Литванија, како и други политичари од понизок ранг

Меѓу потписниците од Германија тука е уште еден социјалдемократ, пратеникот Адис Ахметовиќ од Комисијата за надворешни работи. Има и двајца политичари од Зелените - шефот на Комисијата за европски прашања Антон Хофрајтер и членот на таа комисија Борис Мијатовиќ. 

„Дипломатија на одвраќање“

Според нивната проценка, Западот е премногу попустлив кон Србија и Вучиќ.„Бараме меѓународната заедница да извлече поуки од нашето минато и да се погрижи да не водиме 'белградоцентрична' политика на Балканот“, се наведува во писмото.

Се потсетува дека Косово се соочило со „значителни реперкусии“ по обидот на четворица градоначалници да влезат во канцелариите на северот на Косово. Се додава дека нема рамноправен третман на двете страни, бидејќи „недостигаше притисок“ врз Србија по апсењето на тројца косовски специјалци и нападот врз војниците на КФОР.

Како што пренесува Тагешпигел, потписниците на писмото бараат да се разгледа „deterrence diplomacy"- кон Србија, што може да се преведе како „дипломатија на застрашување“ или „дипломатијата на одвраќање“. Ова, како што се вели, може да спречи ново влошување на безбедносната состојба на северот на Косово.

Насилство на демонстрациите на косовските Срби во Звечан Фотографија: Laura Hasani/REUTERS

Политиката на ЕУ и САД е „попустлива“ кон Србија

Во писмото се истакнува дека откритијата за „складирање оружје“ на северот на Косово и извештаите за „шверц со оружје“ појасниле колкави се ризиците од нова ескалација.

„Косово е суверена држава и функционална демократија. Овој факт треба да биде основа за нашата заедничка политика во актуелната криза“, цитира Тагешпигел од писмото.

Како што оценува тој весник, ЕУ и САД водат „попустлива политика“ кон Србија од страв дека „Белград ќе се приклучи на рускиот табор“. „Владата на Вучиќ не учествува во санкциите против Москва“, се наведува во текстот.

„Рускиот претседател Владимир Путин ужива симпатии меѓу српското население, додека многу Срби одбиваат полноправно членство на нивната земја во ЕУ - членство кое не е на повидок“, заклучува весникот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми