1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

ЕУ од Израел очекува деескалација

Бернд Ригерт
16 април 2024

ЕУ и Г7 бараат Израел да се воздржи од жесток одговор на нападот од Иран кој беше одбиен. Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска (16. 4.) дискутираат за тоа на вонреден состанок.

Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел апелира на деескалацијаФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат денеска попладне на специјален, виртуелен состанок на чиј дневен ред е само една точка: последиците од  директниот напад на Иран врз Израел.

„Нашата главна грижа е деескалација. Во самата ЕУ и во контактите со нашите надворешни партнери концентрирани сме да обезбедиме да не дојде до натамошна ескалација“, најави Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. 

Натамошна ескалација, односно возвратен удар на Израел, „би довел до работ на нова, непредвидена ситуација на Блискиот Исток“, изјави Петер Стано во Брисел.

„Дефанзивна победа“

Исто како и  американскиот претседател Џо Бајден,  и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вели дека Израел во принцип веќе однесол победа со тоа што успешно одбил речиси 300 дронови и проектили лансирани од Иран.

„Таа дефанзивна победа сега треба да се обезбеди дипломатски“, истакна германската министерка. Натамошна одмазда всушност не е потребна, сугерираше Бербок во понеделникот, на маргините на конференција во Париз.

„Правото на самоодбрана значи одбрана од напад. Одмаздата не е категорија во меѓународното право“, тврди Бербок. Таа инаку тоа уште минатата недела му го рекла на својот ирански колега, но очигледно без поголем ефект.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок: Одмаздата не е категорија во меѓународното правоФотографија: Christophe Ena/dpa/AP/picture alliance

Иран својот жесток напад  на Израел го оправда со  нападот од 1 април врз зградата на иранската амбасада  во сириската престолнина Дамаск. Тој напад, во кој беа убиени двајца водечки луѓе на иранската Револуционерна гарда, се припишува на Израел. Владата во Ерусалим тоа не го коментираше.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги отфрли наводите дека Унијата еднострано ги осудува само акциите на Иран. „Ние на 2 април недвосмислено го осудивме нападот на иранската амбасада“, рече Стано.

Дополнителни санкции?

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за различни опции, вклучително и заострување на санкциите или класифицирање на иранската Револуционерна гарда како терористичка организација.

Еторе Греко, заменик-директор на Италијанскиот институт за надворешна политика, истражувачки центар во Рим, смета дека тоа нема да се случи, и дека веќе има големи санкции против режимот на иранските мули.

„Некои земји можеби ќе сакаат да применат повеќе мерки. Не го очекувам тоа, пакетот санкции е веќе многу голем. Може да има некои дополнувања, но тоа не е пресудно додека ситуацијата е таква каква што е во моментов, значи без понатамошни дејствија во стилот: како вие кон нас, така и ние кон вас“, вели Еторе Греко во интервју за ДВ.

Европската унија и земјите од Г7 воведоа различни трговски санкции кон Иран за да го спречат производството на нуклеарно оружје, беспилотни летала и висока технологија. Воведени се санкции и против луѓе и институции на Иран за различни прекршувања на човековите права и смртта на Џина Махса Амини, 20-годишната девојка која почина во полициски притвор во 2022 година, откако беше уапсена поради наводно прекршување на правилото за носење шамија. Нејзината смрт предизвика протести низ Иран.

Г7 исто така се залагаат за деескалација

Министрите за надворешни работи на седумте најважни западни индустриски земји (Г7) од среда под италијанско претседателство ќе се занимаваат со ситуацијата на Блискиот и Средниот Исток.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, чија земја припаѓа на Г7, но не и на ЕУ, го повика Израел да одговори на нападот на Иран „паметно и грубо“ (smart und hart), но и да не го ескалира конфликтот дополнително.

Израел успешно се одбрани од иранскиот напад со дронови и ракетиФотографија: Israel Defense Forces/Handout via REUTERS

Камерон на британското радио рече дека е важно на Израелците да им се стави јасно до знаење дека Иран не успеал со своите „непромислени и опасни акции“. Поддршката на Иран за терористичката група Хамас, која сѐ уште се бори во Појасот Газа, исто така е неуспешна, изјави британскиот министер за надворешни работи.

Велика Британија и САД, најважната земја на Г7, ќе продолжат да го поддржуваат Израел доколку е неопходно за да се одбијат дополнителни воени напади од Иран. По видео конференцијата на шефовите на влади на Г7, американскиот претседател Бајден јасно стави до знаење дека неговата земја нема да учествува во возвратен напад на Израел против Иран. Покрај САД и Велика Британија, во Г7 се и Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада.

Дали политичкиот притисок функционира?

Ниту Европската унија ниту Г7 немаат директно влијание, ниту врз Иран ниту врз Израел, смета експертот за Блискиот Исток Џулиен Барнс-Дес од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), истражувачки центар во Брисел.

Можно е Израел да ги игнорира добрите совети за деескалација. „Начинот на кој беше одбиен иранскиот напад може да го наведе Израел да верува дека Иранците се слаби, немаат волја и капацитет за подлабок ангажман. Сега можеби е време Израел да му го зададе долгоочекуваниот голем удар на Иран и неговите регионални застапници“, шпекулира Барнс-Дес.

Затоа, смета тој, препорачливо е ЕУ тесно и посветено да соработува со САД за да се спречи понатамошна ескалација. „Прво, мора да се изврши притисок врз Израелците да не возвраќаат, а потоа да продолжат напорите за прекин на огнот во Газа“, советува експертот за Блискиот Исток. Војната меѓу Хамас и Израел дополнително го разгорува пламенот на конфликтот на Блискиот Исток.

Што е со договорите со Иран?

Официјално, Европската унија сè уште сака некако и во одреден момент да го оживее договорот со Иран за запирање на неговата програма за нуклеарно оружје. Но, во моментов, се чини дека до тоа нема да дојде. Иран отворено ги прекршува условите од договорот.

А откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот, администрацијата на Бајден не се врати ниту на преговарачка маса со Иран.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми