„Меделин“ за почетници или трговска база на Балканот?
11 февруари 2026
Како тоа можноста за устоличување на прифитабилен бизнис се претворила во сомнителен бизнис и база за криминал? Вакви и многу слични прашања го следат случајот со откриените пет тони марихуана во близина на Крушевац, Србија, за кои постои сомнеж дека пристигнале од Македонија, по што на домашен терен уследија активности за заплена на десетици и десетици тони, заради сомнежи незаконско складирање и незаконско пуштање во промет.
Снимка од досега запленетите количини, премиерот Мицкоски објави на неговиот профил на Фејсбјук.
„Ова е дел од оние 40 тони цвет од канабис, нешто коешто претставува резултат на едни погрешни политики на едно време којшто не би сакале никогаш да се повторат“, вели премиерот.
Вонредни контроли
За да се спречи индустриско нелегално производство на медицински канабис и негов пласман кон нелегалниот домашен и меѓународен пазар, Владата на вчерашната седница донесе два закучоци. Прво, ги задолжи институциите во рамки на своите надлежности да извршат вонредни контроли на сите правни лица, кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на целата територија на Македонија и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата.
Второ, Владата ќе ги именува членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги, со оглед дека од 2017 година откако е формирана, комисијата воопшто не била активна и нема резултат. За работата на оваа комисија Владата во иднина ќе бара редовни извештаи.
(Не)правилник
Иако е јасно дека медицински канабис може да се одгледува исклучиво во затворен простор и под строго регулирани услови, во декември 2023 година стегите попуштиле. Со потпис на тогашниот министер за здравство, Фатмир Меџити, во сила стапил Правилник со кој се дозволува одгледување канабис и „на отворено“.
Во член 2 од „Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата, кадарот, начинот на обезбедување и чување на просторот на кој се одгледува канабисот", се наведува дека одгледувањето на канабис се врши: во затворен простор без природна светлина; во делумно затворен простор со природна светлина (пластеници, оранжерии) или на отворен простор (површина или земјиште) што е атмосферски заштитен.
„До просторот, односно површините наменети за одгледување на канабис треба да постои пристапен пат и манипулативен простор, како и да има лесен пристап за возила“, се вели во Правилникот.
Во членот 5 од Правилникот се наведува дека „отворениот простор за одгледување на канабис кој е атмосферски заштитен, треба да има конструкција за поставување на транспарентна фолија или мрежа и опрема и алати за одгледување на растенијата на отворено, почва/подлога за растење и систем за наводнување".
Планска демагогија
Што значи атмосферски заштитен, а на отворено?
„Не може медицински канбис да се одгледува на отворено, бидејќи тоа е најдиректен пат тој да не може да се искористи како суровина во фармацијата. Важно е при неговото одгледување да се запазат точно одредени стандарди, да се внимава да не се загади просторот, а со тоа и растенијата. На отворено се отворени сите можности за загадување“, вели познавач на процесот.
Тогаш, од каде мотивите за ваков правилник кој отворено си поигрува со законот, односно мотивира одгледување кое нема да заврши за медицински, туку за други цели?
Според соговорници кои ја следат проблематиката, тој Правилник уследил токму по некои претреси кои откриле дека се одгледувал канабис за медицински цели во услови целосно спротивни на прописите. На пример, таков е случајот со контрола над правно лице во село Оровник, општина Дебрца, во 2022 година, кога при претресот е констатирано дека видео-надзорот во целиот објект не работел, а биле пронајдени 2.388 растенија од канабис кои се одгледуваат во надворешни услови (на отворено), спротивно на условите пропишани со Закон. Во внатрешноста биле евидентирани двојно повеќе растенија од пријавените, како и садови за производство на масло од канабис, иако правното лице немало дозвола за производство на вакво масло. Биле затекнати и пет странски државјани кои биле работно ангажирани, но неевидентирани.
Ова не единствениот случај кој открива дека се изигрувал законот со производство на отворено, што потоа е „овозможено" со Правилник.
Кога беше акцијата во Оровник, албанската ТВ Ора њуз извести дека при акцијата бил уапсен и зетот на градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи, кој неофицијално бил „сопственик во сенка“. Џаколи демантираше поврзаност на неговиот зет во таква активност.
Го заборавија Колувија
Засега не знаема колку „сопственици во сенка“, се вртеле или се вртат во овој бизнис, но извесно е дека меѓу нив има протоагонисти од соседните земји, особено од Србија. Она што ја поврзува Македонија со запленетата марихуана во Србија, засега се две лица: едниот е уапсениот во Србија, Иван Драгниќ, сосопственик на „Алфафарм" ДОО Скопје, како и главниот осомничен организатор на групата, Александар Мијајловиќ, кој според истражување на БИРН, е сосопственик на друга фирма за производство на медицински канабис - „Грин лајф“ од Валандово. Ова не се единствените имиња од Србија кои го привлекоа вниманието во овој бизнис.
Во ноември 2019 година кога во Србија беше уапсен Предраг Колувија и со деветмина од неговата група беа обвинети за нелегално производство, чување и пуштање во промет на опојни дроги (случај „Јовањица“), српската истрага исто така водеше кон Македонија. Имено, сомнежите беа дека дел од растенијата што биле одгледувани на неговата нелегалната плантажа близу Белград, ги извезувал во една од двете македонски фирми во кои тогаш имал сопственички удел: „ТХЦ Квалити груп“ во близина на Росоман.
Случајно или не, неколку дена пред Колувија да биде уапсен во Србија, од меѓуресорската комисија за контрола на производството на канабис за медицински цели, отишле во редовна контрола на имотот на „ТХЦ Квалити груп“, при што меѓудругото, утврдиле дека таму не е водена соодветна евиденцијата и дека тоа понатаму може да индицира со нелегална дејност.
Набрзо по неговото притворање, македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата „ТХЦ Квалити груп“ во декември 2019. Тогаш се ширеа гласини дека таа била само параван преку кој Колувија набавувал опрема за неговата нелегална плантажа.
Трговска база на Балканот
Но, сомнителни актери не беа единствените што го компромитираа производството во Македонија. Во приказната влегоа и две пратки. Во август 2021 година, стигна веста дека 8,5 тони сув цвет од марихуана со посебен авион од Лесото ќе пристигне во Македонија каде што ќе се екстрахира во готов производ, кој потоа ќе се извезе во Европа. Информацијата ја соопшти директорот на јужноафриканската фирма Хајлендс инвестмант, Марк Коберт, во интервју за специјализираната веб страна Канабис Африка.
Од тогашната Владата никогаш не одговорија која е македонската фирма што увезува 8,5 тони сув цвет канабис, во период кога над 60 фирми веќе имаа добиено лиценца за производство на медицински канабис, а дел од нив и за екстракција на масло од канабис. Производителите на медицински канабис сметаа дека една од можните причини за увоз на толкава количина е двојно пониската цена што ја нудат производители од Лесото.
Во јануари 2022 американско-канадската фирма „Инстадосе фарма корп" објави дека од Јужна Африка во Северна Македонија била испорачана дотогаш рекордната пратка на марихуана: Пратката од 2.125 килограми била испратена од Јоханесбург во Скопје на 25.12.2021 година. „Инстадосе" соопшти дека марихуаната е наменета за западна Европа каде веќе е доставена, а е извезена во Македонија согласно дозвола издадена во ноември. Наведено е дека компанијата има соработка со лиценцирана фирма во Македонија.