1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заплените на марихуана ја разгореја политичката сцена

9 февруари 2026

Заплената на 5 тони марихуана отвори истраги и жестоки политички обвинувања меѓу ВМРО‑ДПМНЕ и СДСМ, со најави за тужби и барања за одговорност.

Плантажа на марихуана 23.12.2023
Заплената на 5 тони марихуана отвори истраги и жестоки политички обвинувањаФотографија: Production_24K/Pond5 Images/IMAGO

Заплените на марихуана во Србија и во Македонија, отворија нов бран политички конфликти и обвинувања меѓу власта и опозицијата. Тензиите ескалираа со барања за извинување и најави за тужби од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кого ВМРО‑ДПМНЕ јавно го поврза со случаите за заплена на медицинска марихуана. 

Една недела по објавувањето на случајот со заплена на околу пет тони марихуана во Србија, по што следеше акција во која беа откриени 40 тони  дрога и во Македонија, во јавноста постојат низа дилеми и неодговорени прашања. Опозициската СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања: кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница?

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вели дека „нема информации дека запленетата марихуана во Србија била излезена од Македонија“. „Јас не знам, а мислам дека и МВР не знае“, рече тој деновиве, одговарајќи на новинарски прашања. 

Обвинителството ја истражува поврзаноста меѓу двете заплени - во Србија и во Македонија. Велат дека  континуирано се преземаат активности и се разменуваат информации со српските органи, со цел да се утврди евентуална поврзаност меѓу случаите во двете земји и потеклото на марихуаната.

Како 5 тони марихуана ја напуштиле Македонија?

Од СДСМ прашуваат како „пет, десет или можеби повеќе шлепери со дрога“ поминале граница без приведени или осомничени лица. „Како е возможно од центарот на Скопје да излезат пет тони дрога и незабележано да ја преминат границата?“, велат од партијата. СДСМ тврди дека „без логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат пет тони дрога“.

„Одговорност мора да има од прв до последен, што значи и до врвот на власта“, изјави генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ.

Обвинителството ја истражува поврзаноста меѓу двете заплени на марихуана - во Србија и во Македонија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој стои зад фирмите каде се запленети десетици тони марихуана?

Пратеникот на ВМРО‑ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, обвини дека Зоран Заев и Венко Филипче се директно поврзани со фирмите во кои е запленета дрогата. Според него, околу 70% од запленетата марихуана потекнува од фирма во сопственост на кадар близок до СДСМ. Петрушевски тврди дека фирмата испорачала 19 тони марихуана во скопската фабрика каде што започнала акцијата.

Тој додаде дека лиценците за фирмите се доделувале во 2020 година, додека Заев бил премиер, и повика Обвинителството да ја истражи неговата поврзаноста со случајот. Според него, Заев се јавувал во институции и се интересирал за запленетите пет тони во Србија.

Поранешниот премиер, пак, реагираше дека обвинувањата се „лажни и клеветнички“, најави тужби доколку не добие јавно извинување и порача дека ќе ја „исчисти дамката“ од своето име.

„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа“, вели Заев.

Вонредни проверки во сите компании со дозволи за канабис

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека запленетата марихуана, маслото (полупроизвод) и биомасата кај правните субјекти се резултат на непочитување на законот, што треба да се потврди во судска постапка. Тој посочи дека досега се запленети 40 тони марихуана, а до крајот на акцијата можно е бројката да достигне 100 тони. Тој најави вонредни проверки во сите компании со дозволи за канабис.

Мицкоски оцени дека законското решение е добро, но спорен е правилникот донесен дополнително. Според него, било јасно уште од почеток дека одгледувањето и складирањето на отворено не може да произведе производ што ги исполнува ГМП стандардите за медицински извоз. „Дали тоа се правело намерно или со друга цел, ќе утврди истрагата“, рече премиерот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми