1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се купува стан или да се чекаат подобри времиња?

ДТЗ
21 април 2023

Прогнозите на бизнисмените од областа на градежништвото се дека цените ќе стагнираат, но тешко дека ќе паднат. Од агенциите за недвижности очекуваат затишје до октомври, а потоа нов пораст на цените.

цена на станови
Да се купува стан или да се чекат подобри времиња? Фотографија: Fotolia/svort

Да се купува стан по секоја цена или да се почекаат подобри времиња, кога можеби цената на недвижностите значително ќе падне? Ова е една од главните дилеми со кои се соочуваат граѓаните коишто се во потрага по нов дом, викендичка или недвижност за издавање, откако цените на становите изминатиот период достигнаа неверојатни височини. На атрактивни локации, во центарот на Скопје, или на крајбрежјето на Охридското Езеро, цената за квадратен метар скокна и над 2.000 евра, со што за многумина и купувањето на гарсониера остана само пуста желба. Становите од 40 и 50 квадратни метри во новите згради се продаваат веднаш. Послаб е интересот за стари згради, каде е потребно реновирање, а нема голем интерес ниту за купување на куќи. Прогнозите на бизнисмените од областа на градежништвото се дека цените ќе стагнираат, но тешко дека ќе паднат. Од агенциите кои се бават со продажба на недвижности очекуваат затишје до октомври, а потоа нов пораст на цените. 

Покрив над глава по разумна цена

Дали ќе може во иднина да се обезбеди покрив над глава по разумна цена - е дилемата која што се наметна деновиве по најавите на директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев, дека цената на становите во следниот период ќе се намалува благодарение на намалувањето на цените на градежните материјали. 

„Според она како што се движи сега, има некое намалување на градежните материјали и во секој случај цените ќе одат надолу. Ние сме државна фирма кои сме и регулатор на цената и затоа за брзо време ќе почне градба во старата воена пекарница, па така ќе можеме во ова лудило во државата и во целиот регион да бидеме некаков регулатор за цената на квадратен метар. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад“, рече Ѓоргијев (19.04) по увидот во градежните работи за изградба на социјална зграда во Општина Бутел.

Засега нема информации колку ќе изнесува цената на становите за квадратен метар. Ѓоргијев смета дека трендот на енормно зголемени цени за квадратен метар се забележува не само во државата, туку во регионот и во цела Европа, но во периодот што следува се очекува намалување.

Прогнозите на бизнисмените од областа на градежништвото се дека цените ќе стагнираат, но тешко дека ќе паднатФотографија: DW/A. Dimitriveska

Нереални очекувања

Но, бизнисменот Никола Велковски од Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија (СКМ) не очекува пад на цените. „Може да има стагнација на цените, но не и да паѓаат“, вели тој за ДВ. По рекордниот раст на цените на недвижностите во 2022 година, тешко е да се очекува дека цените на становите можат драстично да паднат. Иако се забележува пад на цените на материјалите за градење, растат цените на работната рака.

„Работници сѐ потешко се наоѓаат, а проблемот можеби уште повеќе ќе се продлабочи со изградбата на коридорите, кога голем дел од работната сила би можела да биде ангажирана на тој проект“, вели Велковски.  

Токму работната сила се очекува да ја држи висока цената на становите. „Нема доволно квалификувани работници. Во полоша состојба сме од Германија, бидејќи не можеме да увеземе квалитетна работна сила - немаме како да ги привлечеме, ниту да им понудиме високи плати“, вели градежниот експерт. 

И Донка Филиповска од агенцијата за недвижности „Бастион“ за ДВ вели дека се нереални очекувањата оти цената на становите ќе паѓа. „За жал нема да одат надолу, туку напротив - ќе растат. Моите очекувања се дека ќе има стагнација до наесен, но потоа, од Нова Година, нѐ очекува нов бран на зголемување на цените на становите“, вели таа. Ваквиот тренд, смета таа, ќе биде резултат на зголемувањето на даноците во градежништвото.

Становите сѐ понедостижни

03:45

This browser does not support the video element.

Трендови

Цените на становите пораснаа по пандемијата и пред големата инфлација во 2022 година. Во анализата на Фајнанс тинк „Животен стандард на тенка линија“ се наведува дека овој раст главно се должи на растот на цените на суровините за градежништво, но значајна улога игра и побарувачката. Четвртиот квартал од 2022 година бележи раст од 20,6% на цените на станови, додека за целата 2022 година цените на становите пораснаа за 17,8%. Рестриктивната монетарна политика може да предизвика намалување на побарувачката, а со тоа и намалување на цените на недвижностите, се посочува во анализата.

Но, пазарот на недвижности не мирува. Иако се чувствува спласнат интерес во споредба со минатата година, кога побарувачката за станови доживеа бум, граѓаните сѐ уште се во потрага по нов дом, но и по станови и дуќани коишто планираат да ги користат за комерцијални цели. 

Дел од градежниците се обидуваат да ја зголемат цената, па во недостиг на понуда на квалитетни станови, граѓаните често се одлучуваат да платат и поскапо, само за да ги избегнат главоболките со реновирање на домот. Со тоа граѓаните се тие коишто всушност и ја одржуваат ваквата вртоглава цена на становите, особено во главниот град.

Побарувачката ја крева цената, а побарувачка за станови во Скопје сѐ уште имаФотографија: DW/A. Feilcke

Побарувачката ја крева цената

„Побарувачката ја крева цената, а побарувачка за станови сѐ уште има. Трендот почна од минатата година, кога граѓаните почнаа да ги повлекуваат парите од банките и да ги вложуваат во недвижности. Таков е трендот и во другите европски држави“, вели Велковски.

Нема застој ниту во градежната инвазија. Граѓаните во моментов гледаат поволна шанса да ја продадат секоја педа земја која што ја имаат, а не ја користат, што е шанса за инвеститорите, кои веднаш започнуваат со изградба на нови згради. 

Притисокот за купување станови е најголем во главниот град, но интерес има и за внатрешноста на земјата, каде исто така се забележува тренд на пораст на цените на становите.

Донка Филиповска од агенцијата „Бастион“ за ДВ вели дека најмногу се бараат станови од 40 до 50 квадратни метри, во централното градско подрачје или во некои поатрактивни населби. Во центарот на Скопје квадратот лесно достигнува цена и над 2.000 евра. Поголемите станови потешко се продаваат, а цената за нив се движи од 1.500 до 1.700 евра, во зависност од тоа колку е зачуван станот.

„Центар, Дебар Маало, Капиштец, Тафталиџе, Козле, Аеродром и понатаму се најатрактивни локации на кои се бараат станови. Поретко има интерес за купување на стан на Водно“, вели Филиповска. Се купува уште додека зградата е во изградба, но нема еуфорија како што имаше минатата година. 

„Куќи многу помалку се продаваат, оти нема секој можност и средства да купи таков имот. Особено младите двојки бараат помали станови, кои се поедноставни за одржување“, вели Филиповска. 

Студентски маки со прескапи станови

02:34

This browser does not support the video element.

Шампион во градење нови станови

Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари 2023 година се издадени 352 одобренија за градење, што е за 40,8% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите е за 258,1% повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

„Карпош е на првото шампионско место со 523 стана предвидени само во месец февруари 2023, во јануари имало 151, а во октомври 129 стана. Потоа следува Аеродром со предвидени 253 стана во месец февруари 2023 и 215 во јуни 2022. Гази Баба и Центар се тука некаде заедно, Гази Баба со 180 стана во април 2022, 168 во декември 2022, 118 во ноември 2022, а Центар со 124 стана во ноември 2022, 102 во февруари 2023 и потоа скоро секој месец дали 60, дали 30 или 40 стана.

Во Чаир се предвидени 132 стана во јули 2022, во Кисела Вода 94 во јуни 2022, а во Ѓорче Петров 67 во мај 2022. Во Скопје продолжуваат да никнуваат нови згради со нови станови во истите општини каде и претходните години се градело“, посочуваат од невладините организации.

Над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени, покажуваат податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика.  Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град - 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари. Охрид е втор град на листата со станови во кои не живее никој. Според статистиката, во овој туристички град има 17.820 празни станови, додека во Струга - 10.153. Во Битола, пак, се евидентирани дури 16.063 станови без домаќини. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми