1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Затвореник тепан во Идризово доби правда во Стразбур

27 февруари 2026

Станува збор за прва одлука на Европскиот суд за човекови права за повреда на член 3 од ЕКЧП во затворски предмет од Македонија.

Судот за човекови права во Стразбур 27.09.2023
Европскиот суд за човекови права утврди повреда на член 3 во случај на затвореник тепан во ИдризовоФотографија: Jean-Francois Badias/dpa/picture alliance

Затвореник тепан од затворски полицаец во Идризово ја доби правдата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ова претставува прва одлука за повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во затворски предмет од Македонија.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот комитет информираа дека Судот на 26 февруари донел одлука по пат на унилатерална декларација во предметот „Фитим Муслиу против Северна Македонија“, поднесен на 30 август 2022 година.

Случајот: Насилство врз затвореник пред кантината во Идризово

Настанот се случил на 3 август 2020 година, кога осудениот бил тепан од затворски полицаец пред кантината во КПД Идризово. Како резултат на нападот, затвореникот се здобил со телесни повреди.

По инцидентот, до Основното јавно обвинителство – Одделение за организиран криминал беше поднесена кривична пријава против командир на затворската полиција за „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ (член 142 став 1 од КЗ), „малтретирање во вршење на службата“ (член 143 од КЗ) и „расна и друга дискриминација“ (член 417 став 1 од КЗ).

Обвинителството ја отфрли пријавата, а Вишото јавно обвинителство ја потврди одлуката.

Настанот се случил на 3 август 2020 година, кога осудениот бил тепан од затворски полицаец пред кантината во КПД ИдризовоФотографија: Petr Stojanovski

Жалба до Стразбур: Повреда на член 3 и неефективна истрага

Пред Судот во Стразбур, Муслиу тврдел дека бил изложен на нечовечко постапување и дека институциите спровеле неефективна истрага, што исто така претставува посебна повреда на член 3 од Конвенцијата.

„Во унилатералната декларација, Владата призна повреда на правата на апликантот. Но, апликантот укажа дека декларацијата не содржи конкретни мерки за спречување на вакви случаи, ниту активности за надминување на структурните проблеми поврзани со насилство и неефикасни истраги во затворите“, се наведува во соопштението.

Стразбур: Државата и понатаму е должна да спроведе истрага

Судот посочил дека прифаќањето на декларацијата не ја ослободува државата од обврската да спроведе темелна и ефективна истрага, имајќи го предвид признанието за повреда на член 3.

Организациите предупредуваат дека одлуката ја потврдува долгогодишната системска нефункционалност во затворскиот систем, како и неефикасното постапување кон случаите на тортура, нечовечко и понижувачко постапување врз осудените лица.

МЗМП и Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека државата има позитивна обврска да ја заштити физичката и психичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба и под целосна контрола на државните органи.
„Затоа, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, велат организациите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми