1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалТурција

Завршена заложничката драма во Турција – напаѓачот е уапсен

ЖА
2 февруари 2024

Седумте заложници кои девет часа ги држеше вооружен маж во турска фабрика кај Истанбул, тврдејќи дека „работи во корист на Газа“, се ослободени. Полицијата го уапсила киднаперот.

Завршена заложничката драма во Турција
Завршена заложничката драма во ТурцијаФотографија: Ozan Kose/AFP

Турската полиција ја оконча заложничката драма во Истанбул при која маж во знак на протест против израелските акции во Појасот Газа во фабрика на американската фирма Проктер и Гембл во заложништво држеше повеќе вработени. Полицијата ги ослободила седумте заложници додека напаѓачот бил во тоалет, изјави гувернерот Седар Јавуз за новинарите во четвртокот ноќта. Во акцијата на спасување не се повредени ни заложниците, ниту киднаперот.

Фотографии и видеа на напаѓачот, направени од страна на еден на заложниците, прикажуваат лице завиткано со т.н. палестински шал со огнено оружје во рацете и еден вид експлозивен елек на градите, како стои пред нацртано палестинско знаме.

Турските медиуми јавија дека во фабриката биле повикани припадници на специјалните единици за да интервенираат против киднаперот и да ги ослободат заложниците.  

Војната на Блискиот Исток започна на 7 октомври со свиреп напад врз Израел од страна на Хамас, организација која ЕУ и САД ја сметаат за терористичка. Притоа беа убиени повеќе од 1160 луѓе и земени 250 заложници.

Во реакција на нападот, Израел започна масивна воена операција во Појасот Газа, каде според најновите информации на Министерството за здравство, контролирано од Хамас, а кои не можат независно да се проверат, досега загинале повеќе од 27.000 луѓе.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од почетокот на војната е еден од  најсилните критичари на Израел  меѓу шефовите на држави и влади. Ердоган ја осуди поддршката на САД на Израел, критикувајќи го Израел дека станал „терористичка држава“ и поддржувајќи го Хамас.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми