Кога пред единаесет месеци повеќе делегации од Македонија беа во Вашингтон на инаугурацијата на новиот светски патријарх тоа беше претставувано како допир со аурата на „божеството“. ПремиеротХристијан Мицкоскизборуваше дека македонските власти влегле во најблискиот периметар на американскиот претседателДоналд Трампи дека поради тоа златното доба заМакедонијае на дофат. Дека тоа е речиси неизбежно како што доаѓаат утрата. Мицкоски тогаш го кажа она што во скопските маала се кажува со децении – Нема втора шанса за прв впечаток – а потоа го повторуваше повеќе десетици пати дома за различни луѓе, за различни поводи и различни настани.
Единаесет месеци подоцна оваа скопска маалска досетка на шегаџиите е целосно passé, политички застарена, неупотреблива и е смешна каква што и е и намената. Се разбира, премиерот Мицкоски можеби немаше никакви претстави по која траекторија ќе оди претседателството на Трамп, но требаше да погледне подлабоко од идеолошката заблуденост и поклонението за светскиот патријарх.
Всушност, контактите со администрацијата во Вашингтон се маргинални. Стејт департментот веќе не испраќа дипломати на Балканот, тоа како да е пречкртана зона, освен за енергијата. Посетата на министерот за надворешни работи,Тимчо Муцунскина Стејт департментот во мај годинава помина речиси инкогнито. По неговите разговори со државниот секретар Марко Рубио, Стејт департментот објави само кусо соопштение во неколку реченици дека на средбата биле истакнати силните односи меѓуСАДи Северна Македонија, заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО. Тие разговарале за проширување на економската соработка, трговијата и инвестициите. И можеби најважната реченица: „Секретарот ја нагласи потребата сојузниците наНАТОда поддржат и да постигнат пет проценти од трошоците за одбрана“.
Во изминативе единаесет месеци нема ниту американски инвестиции ниту размавнување на трговијата (има само зголемени американски царини); Македонија не само што не е во периметарот на Трамп (како и многу други европски земји), туку администрацијата во Вашингтон се откажа од целиот Балкан, а по објавувањето на шокантната Национална безбедносна стратегија минатиот петок, САД изгледа како да се откажуваат и од Европа како целина.
Прашање за 10 долари е дали некој во врвовите на македонската власт размислува што носи ова тектонско геополитичко поместување, дали премиерот или претседателката направиле некои консултации со експертите што знаат, а не со некои што се идеолошки или политички подобни, за тоа што значи ова за Европа, континентот каде што живееме. Или пак воопшто и не се секираат каде ќе оди светот, и дали тие сакаат Македонија да се помрдне од местото и да тргне напред, кон ЕУ, единствениот пат којшто сега изгледа трасиран за одење.
ПретседателкатаГордана Сиљановска-Давковакако да не гледа од што се тресе светот и уште кажува чудни идеи како Македонија да тргне напред и додека Европа бара одговор по објавувањето на „нуклеарната стратегија“ од Вашингтон таа во вторникот зборуваше дека било можно да се променат заклучоците наЕУза Македонија. „Од наша призма можно е да се смени заклучокот, но ние не ја носиме одлуката. Точно е дека ние сме разговарале за излезни решенија. Можеби некој не го гледа тоа, но јас мислам дека има промена во реториката на највисоките претставници на ЕУ во поглед на ова прашање бидејќи не се работи само за еден преседан, туку за приказна што ќе се повторува доколку во стартот не се најде решение“. И така натаму, и така натаму, и така натаму. Како државните првенци да не гледаат дека Америка ни кажа збогум и нам и на другите Европејци, а ние чекајќи ја помошта од патријархот не сакавме поблиску да се запознаеме со Европа.
Американски бомби на европското небо
Бидејќи овде никој во власта не се занимава со американските бомби што се појавија над европското небо (или пак се толку исплашени или се екстремни опортунисти да го кажат тоа), ние ќе претставиме некои од реакциите. Секако, од светот.
Прво за една анкета што беше претставена во САД неколку дена пред фамозната Стратегија. Според таа анкета претставена во извештајот на Американското здружение за надворешни работи (АФСА) моралот никогаш не бил понизок во американската флота странски амбасадори. Шокантни 98 проценти од американските дипломати сметаат дека моралот на работното место драстично опаднал откако Трамп ја презеде функцијата во јануари. Од над 2.100 амбасадори и дипломати анкетирани од АФСА, 86 проценти рекле дека постапките на втората администрација на Трамп влијаеле врз нивната способност да ги исполнат своите дипломатски одговорности низ целиот свет, а речиси една третина размислуваат да ја напуштат својата функција.
Така стојат работите во американската дипломатска флота. Во европскиот конвој бродови Националната безбедносна стратегија се перцепира како формализирање на презирот на Трамп за Европа, дополнет со злокобен план за поткопување на ЕУ и зајакнување на крајната десница.
Неодамнешната анкета спроведена во девет земји за француската дебатна платформа Le Grand Continent, покажа дека низ цела Европа, трампизмот се смета за „непријателска сила“, а половина од граѓаните на ЕУ го сметаат Доналд Трамп за непријател на Европа. Новата доктрина за надворешна политика на САД објавена од Белата куќа минатиот петок ќе ги зголеми најлошите стравови на овие испитаници. Стратегијата за национална безбедност од 30 страници слета како бомба во Европа. И граѓаните можеби го разбраа тоа пред своите политички лидери во откривањето што би можело да значи погледот на светот на Трамп за Европејците.
Стратегијата опишува радикално поместување од етосот што ја поткрепува Атлантската алијанса, доктрината што ги врзува САД со Европа од Втората светска војна. САД сега ја претставуваат ЕУ како легитимна цел за идеолошка војна.
Администрацијата на Трамп сака да им помогне на „патриотските“ крајнодесничарски партии да дојдат на власт, додека ги легитимира расистичките теории на заговор. И се додава фантастичното тврдење дека Европа се соочува со ризик од „цивилизациско бришење“ ако се дозволи да продолжи „неевропската“ имиграција.
Доналд Трамп додаде керозин на ова гориво во интервјуто за „Политико“ во вторникот, опишувајќи ја Европа како „слаба“ и „во распаѓање“, тврдејќи дека „се уништува себеси“ преку имиграцијата и нарекувајќи некои неименувани европски лидери „вистински глупави“.
Многу интересно е што крајнодесничарските сили во Европа не се импресионирани од ова американско предвидување за европски армагедон. Единствената партија што малку посилно аплаудираше бешеАлтернатива за Германија (АфД),велејќи дека ги поддржува напорите за националистичко оживување на континентот. Другите националистички партии во ЕУ се многу повнимателни.
„АфД се бори заедно со своите меѓународни пријатели за конзервативна ренесанса“, изјави во средата портпаролот на партијата за надворешна политика, Маркус Фронмаер, додавајќи дека ќе се сретне со републиканците на МАГА во Вашингтон и Њујорк оваа недела.
Фаранцускиот Национален собир или шпанската партија Вокс се повнимателни затоа што се свесни за анкетите кои ја покажуваат непопуларноста на Трамп. Дури и нелибералната владаВиктор Орбанво Унгарија, најдисруптивната националистичка сила во ЕУ, се воздржа од директен коментар за новата стратегија на САД, иако министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, рече дека неговата земја „работи на патриотска револуција за повторно да ја направи Европа голема“.
Иако во голема мера ја споделува визијата на Трамп за миграцијата и ЕУ, Жордан Бардела, лидерот на Националниот собир, изјави за Дејли Телеграф: „Јас сум Французин, па затоа не сум задоволен од вазалството и не ми треба голем брат како Трамп да размислува за судбината на мојата земја“.
Крајната десница е внимателна не сакајќи да го навлече гневот на Трамп, кога веќе ја има неговата идеолошка поддршка. Но другите европски сили, особено политичките теоретичари и аналитичари, зборуваат отворено за опасностите што се надвиснуваат над Европа.
Нативистичкиот сон
За холандскиот политиколог Кас Муде, експерт за крајната десница, кој предава на Универзитетот на Џорџија, оваа стратегија значи дека Европа мора да ги смета САД од сега па натаму не како „неволен сојузник“ туку како „доброволен противник“. Пишувајќи во „Гардијан“, Муде рече: „Можеби сега кога е објавено во официјален документ, европските лидери конечно ќе разберат дека ‘тато’ е сериозен... Сегашната влада на САД верува дека нејзината национална безбедност најдобро се остварува со уништување на либералната демократија во Европа“.
Муде вели дека идеолошката основа на Стратегијата на Трамп има имаат силни призвуци на две теории кои се сметаат за основни за современите крајно десничарски кругови. Првата е „Падот на Западот“ од Освалд Шпенглер, чија теза за цикличниот пад на цивилизациите беше искористена од германската крајна десница за да ја критикува „перверзијата“ и „слабоста“ на демократската Вајмарска република. Втората е „Големата замена“, објавена во 2011 година, од францускиот писател Рено Ками, кој ги преведе долгогодишните „нативистички“ стравови во поексплицитна теорија на заговор, обвинувајќи ги европските елити дека ја користат имиграцијата за да ги заменат бунтовните „домородни“ популации и да увезат попослушно и зависно гласачко тело.
Токму нативистичкиот сон, содржан во обете идеи, ѝ дава на администрацијата на Трамп право, ако не и должност, да интервенира во европските работи, имплицира документот. Со други зборови, САД веруваат дека е клучно за нивната национална безбедност да „ја направат Европа повторно голема“ и дека европската крајна десница е единствената политичка сила што може да го постигне ова.
Едно од најголемите прашања што треба да се постават, според Пол Тејлор од Европскиот политички центар, е зошто постои толку недвосмислено прифаќање на Русија, но не се споменува како закана. Оваа најнова доктрина би можела да ја формира основата на американската меѓународна политика за преостанатите години од мандатот на Трамп, и многу подолго ако неговиот потпретседател, Џ.Д. Венс, го наследи во Белата куќа.
Макс Бергман, директор на програмата „Европа, Русија, Евроазија“ во Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон, рече дека политичкото мешање во Европа за поддршка на крајнодесничарските националисти сега е „клучен дел од националната стратегија на Америка“.
Бергман додаде: „Ова не е само говор од почетник потпретседател по неколку недели од новиот мандат (на Минхенската конференција – н.з.). Тоа е политика на САД и тие ќе се обидат да ја спроведат“. Лидерите на ЕУ „ќе мора да се соочат со фактот дека администрацијата на Трамп политички се бори против нив“, рече Бергман. „Дали тие едноставно прифаќаат дека Трамп го финансира нивниот политички пад? Или ова почнува да предизвикува неверојатни несогласувања?“
Стравот на Америка од иднината
Мина Аландер од Центарот за анализа на европски политики рече дека документот за политика е „всушност корисен. Тој кодифицира во политиката, црно на бело, она што е очигледно цела година: Трамп и неговите луѓе се отворено непријателски настроени кон Европа“.
Европските лидери „не можат повеќе да го игнорираат или објаснуваат фактот“, рече Аландер. „Секоја надеж дека работите ќе се вратат во старата нормалност изгледа сè поапсурдна. Европа конечно треба да ја искористи иницијативата и да престане да губи време обидувајќи се да му ласка на Трамп“.
Има и поделикатни толкувања. На пример, она на Стивен Холмс, професорот на Правната школа на Универзитетот Њујорк. Тој тврди дека „Трамп се обложува против иднината“. И објаснува зошто:
„Зошто администрацијата што се подготвува да се повлече од глобалните обврски треба да ги демонизира имигрантите? Зошто стратегијата фокусирана на Западната хемисфера посветува толку многу енергија на напад врз европската миграциска политика? Тоа е затоа што стравот што ја оживува оваа администрација не е Кина, Русија или тероризмот. Нејзиниот оживувачки страв е дека утрешната Америка нема да изгледа како вчерашната Америка. Националната безбедносна стратегија не е план за навигација во иднината. Тоа е израз на бес поради неизбежноста на иднината.
Ова ја објаснува предаторската економија. Сојузите што се граделе со генерации можат да бидат уништени за повеќе месеци. Старегијата обезбедува идеолошко оправдување - прекинување на врските што им овозможуваат на демократиите да работат заедно за да се соочат со сериозните предизвици на иднината.
Целта не е само да се игнорираат реалните закани, туку и да се редефинира самата закана како демографска промена - самото присуство на луѓе што Трамп ги нарекува ‘ѓубре’. Зошто да се зачувуваат сојузи за да се управува со иднината ако иднината нема да биде бела? Стратегијата е она што се случува кога надворешната политика ја кројат оние што ја доживуваат иднината како непријател. Не можејќи да го запрат времето, тие се задоволуваат со кршење на часовниците“.
На одреден начин и постојаното повторување на Христијан Мицкоски дека додека е тој премиер нема да бидат усвоени уставните измени е израз на бес поради неизбежноста на иднината. И кога во таа иднина кога оние околу одат напред а неговата држава стои во место, тогаш таа иднина се доживува како напријател и се прават комични обиди да се банализира.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
