1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаВатикан

Збогување со Бенедикт XVI во базиликата Свети Петар

Ана Џордано | АРД
2 јануари 2023

Телото на поранешниот папа Бенедикт од денеска е положено во базиликата Свети Петар. Таму ожалостените верници треба да се простат од него до среда навечер. Надлежните очекуваат околу 35.000 посетители дневно.

Papst Benedikt XVI
Фотографија: Arturo Mari/OSSERVATORE ROMANO/AFP/Getty Images

Две фотографии од положеното тело на Бенедикт Шеснаесетти, објави вчера околу пладне.  канцеларијата за односи со медиумите на Светата столица. Поранешниот папа лежи на перници и облечен во црвена папска облека. На главата носи митра, традиционална покривка за бискупи. Во рацете држи бројаница.

Префрлување во базиликата Свети Петар

Денеска покојникот е префрлен во базиликата Свети Петар во Ватикан за да можат верниците да се простат од него. „Тоа е горчлив и тажен момент, но ние сме уште неколку дена тука и дефинитивно ќе одиме да се помолиме“, велат двајца туристи од северна Италија. „Би сакале да одиме и да се збогуваме со него, но сигурен сум дека има многу луѓе“.

И Дариуш од Полска, кој студира на Папскиот Грегоријански Универзитет, може да си замисли да го посети телото. „Деновиве ние дефинитивно ќе мислиме на него и ќе се молиме за него. Тоа впрочем беше и неговата, молба, неговите последни зборови беа: Молете се за мене“ 

Телото на починатиот поранешен папа Бенедикт од денеска ќе биде положено во базиликата Свети Петар во ВатиканФотографија: VATICAN MEDIA/REUTERS

Посетителите можат да се збогуваат со Бенедикт до среда навечер. Деновиве базиликата Свети Петар е отворена до 19 часот. Според римските власти, секој ден се очекуваат околу 35.000 посетители, во нормални времиња има околу 20.000.

Не се очекуваат гужви

Ватиканската полиција вчера почна со подготовка на мерките за претпазливост за посетителите кои ќе дојдат да се простат со папата Бенедикт. Но, за разлика од погребот на папата Јован Павле Втори во април 2005 година, не се очекува масовна посета. Пјетро, кој со децении продава пијалоци и сендвичи во својот киоск директно зад колонадата, сè уште добро се сеќава на тоа време. „Дали ја знаете оваа населба? Редот одеше до крајот на Виа деи Коридори", вели тој. Беше импресивно. Луѓето, исто така, чекаа во ред и во текот на ноќта. „Сите тие сакаа да го видат телото на Јован Павле Втори. Сега мислам дека нема да има толку посетители. Таква редица нема да има. Барем јас така мислам.“

На погребната церемонија се очекуваат 60.000 луѓе

Погребот на Бенедикт Шеснаесетти е закажан за четврток. Според желбата на починатиот папа, тоj треба да биде свечен, но едноставeн, како што соопшти прес-службата на Ватикан. Реквиемот ќе го предводи папата Франциско, кој на новогодишна миса се молеше за својот претходник. „Денес и го доверуваме нашиот сакан папа Бенедикт XVI на Пресвета Богородица да го придружува при неговото преминување од овој свет кон Бога!“ На погребот на Бенедикт се очекува да присуствуваат околу 60.000 луѓе, меѓу кои кардинали и шефови на држави. Своето присуство го најави и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми