1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зборуваат за локални, целат кон парламентарни

23 април 2025

Дали АА води автентична политика или е нечиј инструмент во обидот да се испровоцира потреба од вонредни парламентарни избори?

Зајакнати сомнежите во јавноста дека Арбен Таравари и неговата АА се алатката на ДУИ за разнишување на коалицијата ВЛЕН
Зајакнати сомнежите во јавноста дека Арбен Таравари и неговата АА се алатката на ДУИ за разнишување на коалицијата ВЛЕНФотографија: Petr Stojanovski/DW

Каде се крои политиката на Алијанса за Албанците - во крилото на Таравари или во Мала Речица? Ова е прашањето кое се анализира во албанскиот блок, по изјавата на Зијадин Села, претседател на другото крило на Алијанса за Албанците, оти не е точно дека Таравари, како што самиот призна, имал само телефонски разговор со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

За разлика од Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ, кој пред две недели тврдеше дека во последниот период немало средба Ахмети- Таравари, односно дека „колку што тој знае - немало“, Зијадин Села го тврди обратното.

„Не е телефонски разговор (Таравари - Ахмети н.з.) бидејќи сум информиран. Средби се, две-три средби кои се реализирале меѓу Ахмети и Таравари. Така што, не е телефонски разговор“, потврди за ТВ 21, Зијадин Села.

Зијадин Села (лево) вели дека неговиот некогашен сопартиец Таравари (десно) имал две-три средби со лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: DW/P. Stojanovski

Динамична работа

Ова дополнитело ги зајакна изнесените сомнежи дали Таравари е алатката на ДУИ за разнишување на коалицијата ВЛЕН, која од Мала Речица ја сметаат за нелигитимен претставник на Албанците.

На тасот на ДУИ, натежна и лично Таравари со неодамнешната изјава за „360 степени“ дека „граѓаните мислат дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата“. Таа изјава беше и увертира во следот на настаните кои резултираа со одлука на крилото на Травари да има посебна листа за советници на локалните избори во октомври, што предзивика несогласување со партнерите во ВЛЕН.

Извор од крилото на Таравари вели дека нивната одлука да настапат на изборите со посебни листи била донесена со мнозинство во партиските тела. Но, признава дека немал сознанија за средби Ахмети - Таравари.

„Не сум знаел за такви средби. Можеби знаел некој во врвот (покрај Таравари- н.з.) Во основа, комуникација меѓу партиски претседатели треба да има, без разлика дали се од различна страна. Политиката е динамична работа - денеска сте партнери, утре противници, но елементарната комуникација не треба да биде доведена во прашање. Немам информација дали таа комуникација со Ахмети значи и нешто повеќе. Можеби Села има интерес да изгледа така“, воздржан е соговорникот. 

Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во АА и натаму се правдаат дека идејата да се натпреваруваат со посебни листи за советници била од октомври минатата година, а целта била да се поттикне конкуренцијата во партијата и коалицијата, за да се предложат најдобрите можни кандидати.

Веќе видено

Поранешен член на една од партиите во коалицијата, се сомнева во ваквото образложение, имајќи предвид го предвид „инженерингот на ДУИ“ за разбивање на многу партии кои се обиделе да функционираат надвор од нејзината орбита.

„Со исклучок на АА, од ДУИ ги третираат трите партии во ВЛЕН само како нивни ‘деривати’, отпадници, структури кои претходно биле кај нив, кои тие добро ги познаваат, им го знаат менталитетот и знаат како да ги испровоцираат. ДУИ е мајстор за такви игри. И најбрз начин да ги делегитимираат, е да им ја разнишаат или поделат коалицијата. Но, тоа не би било можно ако немаат ‘внатрешен партнер’ за тоа“, вели соговорникот.

Според него, целта не се само локалните избори, ниту тој кој со кого ќе се поддржува, туку да се испровоцира потреба од вонредни парламентарни избори.

„Играат на картата да го испровоцираат премиерот, да кажат дека едниот стролб во владата е разнишан. Иако и сега има одредени индиции, сепак, идните потези на AA на Таравари уште подобро ќе покажат дали таа партија со посебните листи се води од автентичен партиски интерес, дали нејзините одлуки ‘случајно’ и одат во прилог на ДУИ, или сето тоа е дел од поголем пакет, кој треба да изврши притисок да има и предвремени парламентарни избори, како што сака ДУИ, и само затоа што сака ДУИ. По изјавите од разни претставници на власта дека ‘ДУИ не одлучува дали ќе има парламентарни’, оттаму сакаат да покажат дека токму тие решаваат - без разлика што се опозиција, без разлика дали ќе се изложат лично или заткулисно ќе ги влечат конците и марионетите кои би можеле да ги доближат до целта“, вели соговорникот. 

Логото на коалицијата ВЛЕН Фотографија: Vlen

Работат на тоа

Неговата оценка ја потврдуваат изјави од претходно споменатите партиски субјекти. Како што пренесуваат медиуми на албански јазик, Блерант Рамадани - генерален секретар на АА од крилото на Таравари, одржувањето предвремени парламентарни избори заедно со локалните, го довел во корелација со пристапот на Владата кон нивната партија.

„Отстранувањето на Алијанса за Албанците од Владата може да наметне можност за одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори, бидејќи АА е политичкиот субјект кој гарантира стабилност во владиното мнозинство“, изјавил Рамадани. Идеите за двојни избори не се нови. Уште лани во септември Зијадин Села, партнер на ДУИ во Европскиот фронт, најавуваше дека ќе направат сѐ за да предизвикаат нови избори.

„Може Мицкоски си има свој легитимитет, но кога зема во коалиција слуги, кои се по избор на ВМРО, а не на граѓаните, и ние ќе направиме сѐ за да предизвикаме избори и тие што се легитимни да станат дел од власта“, изјавуваше тој.

Функционери на ДУИ во јавни изјави повторуваат дека партијата е подготвена не само за локални, туку и за предвремени парламентарни избори, и дека инсистираат и работат на тоа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми