Изгледа како апсолвирана вистина дека без новинарството, тој слободен глас што го чекааат граѓаните во кое било општество, нема вистинска слобода. Ако новинарството е слободно и без ограничувања. И кое речиси секаде го анализира и става под лупа практицирањето на власта на оние што раководат во одредена држава. Не треба да имате никаква дилема – новинарите и политичарите не се пријатели, тие може да имаат добри односи, па дури и да се блиски. Одредени новинари може да служат на агендата на политичарите, особено кога се на власт. Тоа не е ниту невообичаено, ниту чудно. Но генерално, журнализмот е тој што ги открива работите, кој посочува на проблемите, кој ги анализира политиките, кој ги толкува тратекториите по кои се движи одредена држава, кој зборува за ограничувањата, кој зборува за успесите, а и за промашувањата.
Нема политичари каде било во светот кои не сакале новинарите да знаат што е можно помалку. А ако знаат да го знаат она што политичарите би сакале да го претстават. А тоа се успеси и само успеси. И ако можат, да го ограничат тоа новинарско „душкање“ онаму каде што не треба.
Битката за слободата на печатот (генерално, израз за слободата на медиумите и јавниот збор) се води секаде. А сега особено во државата која се смета за светилник на демократијата – Соединетите Американски Држави. Слободата на печатот беше како никогаш нападната за време на првиот мандат на Доналд Трамп. Во деветте месеци на неговиот втор мандат тој удар врз печатот е уште посилен и поорганизиран. Сега се користат и други алатки, кои пред седум години можеби не беа достапни. Или пак општеството не можеше да ги прифати. Сега и медиумските куќи, а и јавноста, се чини дека се посвитливи на притисокот на администрацијата на Трамп (затоа што претседателот освои силен мандат), а десничарските и крајнодесничарските медиуми (повеќето од нив се само онлајн) се обидуваат (а во многу случаи и успеваат) да ја диктираат политичката агенда, а со која потоа ќе се занимава јавноста.
Но има и граници коишто не можат да се поминат. Тогаш одговорот на печатот, кога се ограничува слободата и правото на пристап до изворите на информации, се обединува. Тогаш сите се заедно – и оние што ги поддржуваат политиките на Трамп и оние што ги критикуваат.
Нови граници
Случајот што предизвика вистински бунт на новинарите и нивните медиумски куќи изгледа како настан без преседан. Но, новинарите и нивните медиумски куќи сфатија дека ако доброволно ја поминат таа граница што им ја одредија политичарите, може не само да ја загубат не само релевантноста, туку и довербата на јавноста.
Бунтот беше предизвикан од новите правила за медиумите што ги одреди Пентагон (Министерството за одбрана, или за војна, по најново). Во средата попладне десетици новинари ги предадоа пропусниците и го напуштија Пентагон, наместо да се согласат со владините ограничувања на нивната работа. Со тоа владата ги истурка новинарите кои известуваат за американската војска подалеку од Пентагон, каде што децении беа таму.
Администрацијата ги нарече новите правила „здрав разум“ за да може да ги регулира „многу деструктивните“ медиуми. Медиумите едногласно ги отфрлија новите правила наметнати од министерот за одбрана Пит Хегсет, кои би ги довеле новинарите во опасност доколку се обидат да добијат информации – класифицирани или не – што Хегсет не ги одобрил.
Еве што објавија американските медиуми: Многу новинари во средата чекаа заедно да си заминат до 16 часот, крајниот рок на Министерството за одбрана за напуштање на зградата. Како што се приближуваше времето, кутии со документи ги исполнија ходниците на Пентагон, а новинарите донесоа столчиња, фотокопир, книги и стари фотографии од ненадејно напуштените работни места на паркингот. Кратко по 16 часот, околу 40 до 50 новинари си заминаа заедно откако ги предадоа своите пропусници.
Сликите на новинари кои ефикасно демонстрираат против пречките во нивната работа веројатно нема да ги трогнат поддржувачите на претседателот Доналд Трамп, од кои многумина не им се наклонети на новинарите и аплаудираат на неговите обиди да им ја отежни работата. Во изминатата година, Трамп беше вклучен во судски битки против „Њујорк тајмс“, Си-Би-Ес, Еј-Би-Си, „Волстрит џорнал“ и Асошиетед прес.
Така известуваа медиумите за нивниот мрачен Ден Д во Пентагон. Но како дојде до тоа и кои се новите правила што им се наметнуваат?
Министерот за одбрана Пит Хегсет побара новинарите до вторникот во 17 часот да се согласат со новата политика, според која ќе треба да се обврзат дека нема да добијат или користат никаков неовластен материјал, дури и ако информациите се некласифицирани - или да ги предадат своите прес-значки во следните 24 часа. Медиумите велат дека ова е кршење на нивните права од Првиот амандман. Одбивањата значат дека за прв пат од администрацијата на Ајзенхауер, ниедна голема американска телевизиска мрежа или публикација нема да има постојано присуство во Пентагон.
Новинарите и уредниците, кои ги повикаа претставниците на одбраната да ја преиспитаат политиката, велат дека ќе продолжат да известуваат за американската војска со или без пристап до зградата. Во заедничка изјава издадена во вторникот попладне, секоја од петте главни радиодифузни мрежи изјави дека нема да го потпише тоа.
„Денес, се придружуваме на практично секоја друга новинска организација во одбивањето да се согласиме со новите барања на Пентагон, кои би ја ограничиле можноста на новинарите да ја информираат нацијата и светот за важни прашања од националната безбедност“, се вели во соопштението. „Политиката е без преседан и ги загрозува основните новинарски заштити“.
Известување под директиви
Дури и десничарските новински организации, кои се поддржувачи на Трамп, се спротивставија на овие барања Единствениот медиум што се согласи со правилото е One America News Network, екстремно десничарски информативен и политички коментаторски телевизиски канал и веб-страница.
Според новите правила, на новинарите технички не им е забрането да истражуваат, известуваат или објавуваат стории за американската војска користејќи информации што се сметаат за чувствителни или некласифицирани, но тие би можеле да се сметаат за нејасен „безбедносен ризик“ доколку воопшто побараат такви информации од персоналот на Министерството за одбрана.
Тоа беше главната камен на сопнување за новинарите, соопшти Здружението за печат на Пентагон во енергична изјава минатата недела. Новите правила следат постојан прилив на директиви од канцеларијата на Хегсет, кои се обидоа сериозно да го ограничат пристапот до печатот и сместувањето во Пентагон од почетокот на годината.
Кон крајот на јануари, неговата канцеларија отстрани четири медиуми од нивните работни простори на Министерството за одбрана во рамките на таканаречената ротациска програма, заменувајќи ги со медиуми, вклучувајќи ги „One America News Network“ и „Breitbart News“, чии новинари поволно известуваат за администрацијата на Трамп.
Кога Здружението за печат на Пентагон побара појаснување од службениците зошто четирите медиуми беа конкретно цел, службениците одзедоа бироа уште од четири медиуми. Потоа, во мај, Хегсет им го ограничи пристапот на новинарите до повеќето ходници на Пентагон без официјална придружба, екстремна одлука бидејќи новинарите имаа пристап низ поголемиот дел од зградата со децении без да бидат следени. Безбедните или ограничените простори отсекогаш биле забранети за печатот без официјална дозвола.
Хегсет, кој често покажуваше непријателство кон печатот, а самиот до именувањето за министер работеше како водител на Фокс њуз, во понеделникот се потсмеваше на медиумите кои рекоа дека нема да се согласат со новата политиката, објавувајќи емотикони со кои се збогува на социјалните мрежи како одговор на објавите од „Њујорк тајмс“ и „Атлантик“, кои издадоа изјави во кои го критикуваат потегот.
Тој одговори на ист начин на изјавата од „Вашингтон пост“, во која се вели дека политиката ги поткопува заштитите од Првиот амандман „со поставување непотребни ограничувања за собирање и објавување информации“.
Шефот на Пентагон во вторникот инсистираше дека ограничувањата за печатот се „работи на здрав разум“ дизајнирани да ги заштитат класифицираните информации и да ги спречат новинарите да пристапат до одредени области на Пентагон.
Претседателот Трамп во вторникот ја поддржа политиката на Пентагон, нарекувајќи го печатот „многу нечесен“ и инсистирајќи дека правилата се неопходни, бидејќи Хегсет „смета дека печатот е многу деструктивен во однос на светскиот мир, а можеби и безбедноста на нашата нација“.
Трамп го поддржа Хегсет, кој седеше покрај него, сугерирајќи дека може да ги премести и новинарите на Белата куќа од зградата доколку така одлучи.
Том Боуман од Националното јавно радио (НПР) се сеќава на еден од многуте пати во неговите децении кога известувал за Пентагон кога вистинската приказна не била официјално одобрената приказна.
Тогашниот министер за одбрана Доналд Рамсфелд бил „екстатичен“ по падот на Багдад во 2003 година, инсистирајќи јавно дека тоа го покажува убедливиот успех на американската инвазија на Ирак, напиша Боуман во коментар за НПР оваа недела. Но, преку неформални разговори со офицери, Боуман наскоро открил дека вистината е многу покомплицирана - дека повеќе американски војници ќе мора да бидат распоредени во Ирак за да ги чуваат линиите за снабдување кои беа нападнати од поддржувачите на Садам Хусеин.
„Дали јас како новинар барав информации?“ напиша Боуман. „Секако. Тоа се нарекува новинарство. Откривање што навистина се случува зад сцената и неприфаќање на големо на она што го кажува која било влада или администрација“.
„Јоко Оно“ од Пентагон
„Дејли бист“ пишува дека било откриено тајното оружје кое го искористил Пит Хегсет за војната со новинарите во Пентагон. Тоа, наводно била неговата сопруга. Третата сопруга на Хегсет, Џенифер, беше продуцентка на Фокс њуз во „Фокс енд френдс“. Од 2006 година, Џенифер беше вработена во Фокс њуз, на крајот достигнувајќи статус на извршен продуцент.
Долгогодишните дописници за одбрана се убедени дека г-ѓа Хегсет била вклучена во планот на нејзиниот сопруг. Сега (неназначената) прва дама на Министерството за одбрана е критикувана за разбивањето на прес-групата на Пентагон. Нејзиниот прекар меѓу колегите на нејзиниот сопруг е „Јоко Оно“. Неправедно или не, Јоко презеде голем дел од вината за разделбата на „Битлси“.
Џенифер Хегсет беше во озлогласената чет група на нејзиниот сопруг на „Сигнал“, која беше информирана за претстојниот воен напад, и, според „Њујорк тајмс“, таа присуствувала на приватен состанок што тој го организираше за да разговара за начините за пренасочување на новинарите.
Според „Волстрит џорнал“, таа му се придружила и на најмалку два состанока на кои се дискутираше за чувствителни информации. Новинарите од Пентагон кои заминуваат шпекулираат и не се сомневаат дека таа разговарала за медиумската репресија со својот сопруг.
Но новинарите не можат така лесно да се стават во јасли, без оглед колку може да биде агресивна една американска администрација. Случајот со интервјуто на потпретседателот Џеј Ди Венс на Еј-Би-Си со познатиот и влијателен водител Џорџ Стефанопулос е извонреден пример за тоа. Стефанопулос го прекина интервјуто со Венс, откако тој одби да одговори на прашање за наводниот скандал со поткуп во кој е вклучен шефот за границите Том Хоман. Инцидентот се случи за време на емисија во живо во неделата.
Стефанопулос го праша Венс дали знае дали Хоман, познат како „Цар на границата“, зел поткуп од 50.000 долари како дел од операција на ФБИ пред неколку години. Наместо одговор, Венс го сврте разговорот кон темата за затворањето на владата и ги обвини демократите, нарекувајќи го прашањето „левичарска опсесија“.
Еве го транскриптот од целиот разговор:
ВЕНС: „Еве, Џорџ, зошто сè помалку луѓе ја гледаат твојата програма и зошто го губи кредибилитетот, бидејќи веќе пет минути разговараш со потпретседателот на Соединетите Американски Држави за оваа приказна во врска со Том Хоман, приказна за која прочитав, но не го знам видеото за кое зборуваш. Во меѓувреме, жените со ниски приходи не можат да добијат храна затоа што демократите и Чак Шумер ја затворија владата! Фокусиран си на лажна приказна. Инсинуираш кривично дело против човек кој не направил ништо лошо, наместо да се фокусираш на фактот дека нашата земја се бори затоа што нашата влада е затворена. Ајде да разговараме за вистинските проблеми, Џорџ. Мислам дека американскиот народ би имал многу поголема корист од тоа отколку од тоа да одиш во некоја чудна левичарска зајачка дупка каде што фактите јасно покажуваат дека Том Хоман не се вклучил во никакво кривично дело“.
ЏОРЏ: „Не е чудна левичарска зајачка дупка! Не инсинуирав ништо. Ве прашав дали Том Хоман прифатил 50.000 долари, како што се слушна на аудио-снимка снимена од ФБИ во септември 2024 година, а вие не одговоривте на прашањето. Ви благодарам за вашето време утрово“.
ВЕНС: „Не, Џорџ, реков…“
ЏОРЏ: „Веднаш ќе се вратиме“.
Последната слика од Џеј Ди Венс беше како гледа зачуден со отворени очи. Така е кога не се одговара на прашањата, туку се зборува за „левичарска опсесија“. Без разлика колку Хегсет, Трамп и Венс би го посакувале тоа, новинарството не е стенографија, а официјалната приказна често е само почетна точка за подлабоко известување што допира до вистината.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
