Итна помош без лекови, директори со фиктивни дежурства
12 декември 2025
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) спроведе вонредна контрола на работењето и финансиското управување на службите за Итна медицинска помош и Домашна посета низ Македонија.Од 37 јавни здравствени установи (ЈЗУ), кај 23 не се утврдени недостатоци, но кај 14 се откриени проблеми – две во Скопје и 12 надвор од него.
Недостатоци во лекови и тимови
Седум установи немале одобрени ценовници од ФЗО и Министерството за здравство, туку користеле интерни. Кај две установи неправилно се фактурирале услуги кон ФЗО, а други две наплаќале услуги кои не смееле да ги наплаќаат. Во една установа недостигале ампули за болка и лекови во Итната помош, а друга немала тимови за испорака на услуги. На сите им е даден рок од два месеци да ги коригираат недостатоците.
Проблеми со исплатата на платите во 18 установи
ФЗО изврши контрола на исплатите на платите во 26 установи. Само осум биле без неправилности, а кај 18 се утврдени проблеми:
- Разлики во пресметка на дежурства.
- Исплата на додатоци за смена и дежурства истовремено.
- Прекувремена работа над законскиот лимит (повеќе од 32 часа месечно).
- Зголемени директорски плати надвор од закон и колективни договори.
- Недоставени документи за дежурства кај осум установи.
„Имаме четири случаи каде се исплаќале и додатоци за смена и додатоци за дежурства. Имаме два случаи каде е пријавено повеќе од 32 часа месечно прекувремена работа, што е надвор од законски дозволеното. Имаме два случаи каде директорските плати се зголемени надвор од законот и колективните договори и дури осум случаи каде не ни ги доставија бараните документи кои ги вклучуваат книгите за дежурства за дополнителна дејност“, вели генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.
ФЗО бара поврат на незаконски исплатените средства и најавува повторни контроли.
Следни чекори и можни кривични пријави
Клековски вели дека контролите се однесуваат на актуелниот период, а не на минатото. Извештаите ќе бидат доставени до Министерствата за здравство и финансии и до Државниот завод за ревизија. Дел од случаите имаат елементи на кривични дела и ќе бидат проследени понатаму. ФЗО најавува нови групни објави на извештаи во наредните недели.