Зеленски го претстави предлог-мировниот план од 20 точки
24 декември 2025
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за првпат јавно ги презентираше 20-те точки од мировниот план инициран од САД за ставање крај на војната. Според нацртот, предвидени се безбедносни гаранции за Украина по примерот на Член 5 на НАТО - клаузулата за взаемна помош - како и армија од 800.000 војници, како што изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Претседателот зборуваше за нацрт-рамковниот документ и ги повтори изјавите од претходниот ден дека се потребни дополнителни појаснувања и разговори. Прашањето за територијалните отстапки кои Русија ги бара за прекинот на огнот останува нејасно, особено во регионот Доњецк, кој е делумно контролиран од Украина. Исто така, мора да се разјасни контролата врз нуклеарната централа Запорожје, која моментално ја држи Русија, рече Зеленски.
Според него, документот содржи украински, руски и американски позиции. Зеленски наведе дека во многу точки имало приближување на позициите, а на некои места дури и консензус. Во текот на минатиот викенд, Русите и Украинците разговараа одделно со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, за мировниот план и ги оценија состаноците како конструктивни.
Зеленски сега ги наведе следните точки:
- Потврда на суверенитетот на Украина.
- Договор меѓу Русија и Украина за ненапаѓање со механизам за надзор.
- Сигурни безбедносни гаранции за Украина.
- Украина во мирнодопско време има армија од 800.000 војници.
- САД, НАТО и европските земји ѝ даваат гаранции на Украина по примерот на Член 5 на НАТО. Во случај на нов руски напад, сите глобални санкции против Москва повторно ќе стапат во сила. Доколку Украина ја нападне Русија, гаранциите престануваат да важат. Доколку Русија ја нападне Украина, гаранциите се активираат.
- Законска обврска на Русија да не ја напаѓа Украина и Европа, потврдена со закони и ратификација во Думата.
- Пристапување на Украина во ЕУ и дотогаш приоритетен пристап до европскиот пазар.
- Договор за пакет инвестиции и развој за Украина, вклучувајќи соработка со американски компании за обнова, модернизација на гасната инфраструктура и експлоатација на суровини.
- Формирање фондови за економско закрепнување со цел привлекување инвестиции од 678 милијарди евра.
- Украина го забрзува процесот на договор за слободна трговија со САД.
- Украина го потврдува својот неутрален статус како држава без нуклеарно оружје.
- Нуклеарната централа Запорожје се користи заеднички. Според американската идеја, Русија и Украина го делат управувањето, додека Украина предлага заедничко претпријатие со САД - без руско учество.
- Украина и Русија воведуваат образовни програми за меѓусебно разбирање и толеранција. Украина се обврзува на нормите на ЕУ за верска толеранција и заштита на малцинските јазици.
- Територијална поделба: Русија ги повлекува трупите од регионите Днепропетровск, Миколаев, Суми и Харков. Опцијата А предвидува замрзнување на фронтовската линија во Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон; варијанта Б - зона на слободна трговија во Донбас потврдена со референдум.
- По потврдувањето на територијалниот договор, Русија и Украина се обврзуваат насилно да не ги менуваат границите.
- Русија се обврзува да не ја попречува Украина во користењето на реката Дњепар и Црното Море.
- Формирање на комитет за хуманитарни прашања, вклучувајќи размена на сите воени заробеници и враќање на сите притворени цивили, вклучувајќи деца и политички затвореници.
- Што е можно поскоро Украина по потпишувањето на договорот да организира избори - прво претседателски, потоа парламентарни и локални.
- Договорот е правно обврзувачки и го надгледува мировен совет предводен од американскиот претседател Доналд Трамп, со претставници од Украина, ЕУ, НАТО, САД и Русија.
- По согласноста на сите страни, стапува на сила целосен прекин на огнот.
Зеленски додаде дека очекува одговор од Русија на 24 декември. „Тогаш ќе ги разбереме нашите следни чекори и можната временска рамка за одредени одлуки“, рече тој. Украина е подготвена за нова средба со САД на највисоко ниво за разјаснување на чувствителните прашања, како што се териториите. Зеленски повеќепати категорично ги отфрлаше територијалните отстапки кои ги бара Русија.
Украина се брани од руската агресорска војна речиси четири години. Крајот на конфликтот, и покрај преговорите, не е на повидок.