1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски и Бајден - обединети против руската инвазија

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Јохан
22 декември 2022

Испораката на Патриот-ракети не е единствениот резултат од посетата на украинскиот претседател Зеленски на Вашингтон. Даден е политички сигнал - во насока кон Москва, но и во друга смисла, оценува Бернд Јохан.

Се гледаат себеси како партнери - украинскиот претседател Зеленски и американскиот претседател Бајден во Вашингтон, 21.12.2022Фотографија: Andrew Harnik/AP/picture alliance

Ова секако не беше нормално патување во странство. Среде нова фаза на ескалација во руската војна против Украина,Володимир Зеленскиизненадувачки ја напушти својата земја за кратко време. За првпат од почетокот на војната пред повеќе од 300 дена. Претседателот на Украина во Вашингтон се сретна со Џо Бајден. За време на разговорите со неговиот американски колега и пред американскиот Конгрес, тој побара дополнителна помош за својата земја. Политичка, но пред сѐ воен помош, за Украина да може да продолжи ефикасно да се брани од руската агресија.

Поради тоа што нема напредок на фронтот на исток и на југ, Русија сега систематски ги уништува енергетските и водните системи во Украина. Луѓето зимава треба да останат без струја, парно и вода. А руските крстосувачки ракети, ракети и беспилотни летала ја гаѓаат не само инфраструктурата, туку и куќите - во меѓувреме низ целата земја. За Украина и нејзиниот народ, тоа е буквално прашање на опстанок.

Зеленски пренесува самодоверба

Претседателот Зеленски е под огромен притисок. Напнатоста беше јасно забележлива за време на неговата посета на Вашингтон. Но, тој пренесе доверба. „Украина не падна. Таа е жива и здрава“, и може да ја добие и ќе ја добие оваа војна со помош однадвор. Тоа беше неговата порака до Конгресот. Таа беше дочекана со голем аплауз. Така беше даден сигнал на единство и решителност. Тоа беше првенствено насочено кон Москва. САД и нивните сојузници остануваат со Украина. Русија нема да може да забие клин помеѓу Украина и нејзините партнери.

Бернд Јохан

За Украина е јасно дека САД се нејзин најважен поддржувач на меѓународно ниво. Од првиот ден на војната, САД презедоа водечка улога. Без американското раководство, помошта од другите земји за Украина сигурно ќе беше многу послаба. Особено кога станува збор за испорака на оружје. Важни европски земји, вклучително и Германија, постојано се двоумеа по ова прашање. И тоа сè уште го прават. Другите држави ќе следат само ако САД го предводат патот.

Сигнали до САД и Европа

Но, и во САД, особено меѓу Републиканците, се множат гласови кои наместо за натамошна американска помош за Украина, попрво би ги вложиле парите во инвестиции во сопствената земја. Поздрав од движењето „Америка на прво место“. Џо Бајден и неговата администрација стојат зад Украина. Но, и тие се под притисок по конгресните избори во ноември. Американскиот Конгрес наскоро треба да донесе одлука за пакет хуманитарна и воена помош за Украина од 42,3 милијарди евра. Добар знак е што Зеленски доби толку многу аплауз од американските пратеници за време на својот говор во Конгресот.

Украинскиот претседател во Вашингтон не настапи како подносител на молба, но и тој е свесен дека ниту САД ниту Европејците и другите поддржувачи не сакаат директно воено да бидат вклучени во руската војна против Украина. Бајден ова отворено го кажа на заедничката прес-конференција со Зеленски. На Украина ќе ѝ биде лиферувано дефанзивно оружје, ракетни фрлачи, муниција и друга опрема онолку долго колку што ѝ е потребно. Но, Вашингтон веројатно нема да ги даде офанзивните системи со долг дострел што ги посакува Киев, со кои Украина би можела да ги нападне воените аеродроми од каде што руските ракетни бомбардери ги започнуваат своите напади врз Украина. И ова е еден од резултатите на патувањето на Зеленски.

Небото над Украина да се направи побезбедно

Наместо тоа,  дополнително треба да се зајакне одбранбената способност на Украина. САД им даваат на Украинците единица од својот систем за противвоздушна одбрана Патриот.Киев разбирливо сака повеќе од тоа. Затоа што еден систем е доволен само за заштита на голем град. Помошта сепак е повеќе симболичен чин, тоа е уште еден чекор кон побезбедно небо над Украина. САД со тоа ја надополнуваат другата меѓународна поддршка во областа на воздушната одбрана. Тенковите Гепард и системот Ирис Т од Германија, на пример, веќе спасуваат животи во Украина.

Негодувањето од Москва како реакција на посетата на Зеленски на Вашингтон е апсурдно. Испораката на единицата Патриот не е ескалација. Таа ѝ помага на Украина во самоодбраната. А и германската влада сега треба повторно да размисли. Берлин вети единица Патриот за Полска, која Варшава претпочиташе да ѝ ја предаде на Украина. Но, Германија не го сакаше тоа.

Германија нема многу од овие системи. Но, таа може да ѝ обезбеди на Украина една единица. Таму Патриоти се итно потребни. Исто како што САД под Џо Бајден прават сѐ што можат, и Берлин треба да стори повеќе за да спаси животи во Украина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми