Зеленски: Нови разговори со САД и Русија оваа недела
2 февруари 2026
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави нови разговори на средината од оваа недела во Абу Даби за прекин на војната. „Термините за следните трилатерални средби се утврдени – 4 и 5 февруари во Абу Даби“, соопшти тој на Телеграм. Од руска страна засега нема потврда за ова.
Трилатерални разговори – меѓу украински и руски претставници, како и американски посредници – веќе се одржаа минатиот викенд во Абу Даби.
Украина бара суштински преговори и поддршка од САД
„Украина е подготвена за суштинска дискусија, и заинтересирани сме за резултат кој ќе нѐ доближи до вистински и достоинствен крај на војната“, изјави Зеленски.
Зеленски вчера (1.02) разговарал со украинскиот главен преговарач Рустем Умеров. „За утре закажав состанок за да го усогласиме рамковниот документ за разговорите и да подготвиме сè", нагласи тој во своето вечерно видео обраќање. „До понеделник навечер тимот веќе ќе биде на пат кон преговори.“ Тој се надева на поддршка од САД. „Многу зависи од тоа што американската страна ќе може да постигне, за луѓето да имаат доверба и во процесот и во резултатите.“
Украинците и Русите првично најавија дека во недела (1 февруари) ќе ги продолжат директните разговори во Абу Даби кои по долго време беа повторно започнати минатата недела.
Преговарачот на Кремљ, Дмитријев, се сретнал во Мајами со Виткоф
Пред една недела разговорите се одвиваа зад затворени врати и со посредување на САД преку нивниот главен посредник Стив Виткоф. Виткоф во саботата во Мајами се сретнал со рускиот преговарач Кирил Дмитријев.
Русинот на платформата Х соопшти дека имало конструктивна средба со американската делегација. Тој исто така имал продуктивни разговори со работна група за американско-руските економски односи.
Виткоф, пак, напиша дека имало продуктивни и конструктивни разговори со Дмитријев во рамки на обидот на САД да посредуваат во решавањето на војната во Украина. Средбата го зацврстила впечатокот дека Русија работи на обезбедување мир во Украина. Според него, од американска страна присуствувале и министерот за финансии Скот Бесент, зетот на Трамп, Џеред Кушнер и владиниот советник Џош Груенбаум.
И покрај честите средби опишувани како „конструктивни“ и „продуктивни“, сè уште не се наѕира согласност за мировен договор. Клучно за Москва е барањето за територијални отстапки. Русија бара Украина да се повлече и од оние делови од Донбас – кој ги опфаќа областите Луганск и Доњецк – што сè уште се под контрола на Киев. Претседателот Зеленски повеќепати ги има одбиено таквите отстапки.
Повторно жртви во руски напади со дронови
Иако Русија, на барање на американскиот претседател Доналд Трамп, се изјасни дека поради екстремниот студ и големите штети во Киев и други градови привремено ќе се воздржи од нови напади врз енергетската инфраструктура, договорот, според руските информации, требало да важи само до недела, за да се создаде добра основа за преговорите во Абу Даби. Нападите врз други цели, меѓутоа, продолжиле.