1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: Руски дрон го оштетил саркофагот на Чернобил

ЖА
14 февруари 2025

Според МААЕ, при експлозија е оштетена заштитната обвивка на поранешната нуклеарна централа Чернобил. Украинскиот претседател Зеленски обвинува за руски напад со беспилотно летало. Нивото на радијација засега е стабилно.

Поранешната нуклеарна централа во Чернобил
Поранешната нуклеарна централа во Чернобил, УкраинаФотографија: STR/NUR Photo/picture alliance

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) извести за експлозија во поранешната нуклеарна централа Чернобил во северна Украина. Според информациите, експлозијата се слушала од обвивката која ги штити остатоците од оштетениот реактор, каде избувнал пожар. Противпожарните екипи биле на лице место за неколку минути и нема повредени.

„Нивото на радијација внатре и надвор од електраната остануваат нормални и стабилни.  МААЕ продолжува да ја следи ситуацијата“, додава агенцијата.

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски  за експлозијата обвини напад со руско беспилотно летало. Руско беспилотно летало го погоди куќиштето на уништениот блок на централата и предизвика пожар кој во меѓувреме е изгаснат, изјави тој. Нивото на радијација сè уште не е зголемено, додаде Зеленски.

Чернобил се наоѓа на границата на Украина со Белорусија. На 26 април 1986 година се случи катастрофата во  нуклеарната централа во Чернобил,  која подоцна ќе беше наречена супер-ГАУ, односно најголемата можна несреќа.

Нова заштитна купола за Чернобил

01:07

This browser does not support the video element.

Сѐ започнало со безбедносен тест. Во тоа време, инженерите сакале да го искористат ноќното исклучување на електраната за да симулираат прекин на струја. Сепак, поради низа несреќни околности, моќта на реакторот наеднаш драстично се зголемила за време на тестот.  Контрамерките преземени од инженерите го влошиле проблемот  наместо да го ублажат поради дизајнот на реакторот, по што се случи експлозија.

Со цел да се ограничат последиците и да се спречи радиоактивните честички да продолжат да влегуваат во атмосферата на неконтролиран начин, беше изградена привремена структура помеѓу мај и крајот на ноември 1986 година. Од самиот почеток беше јасно дека „саркофагот“ нема да трае вечно.

Во 1992 година почнаа да се развиваат нови решенија. Беше планирана и втора заштитна обвивка направена од челик и бетон, наречена New Safe Confinement. Поради високите нивоа на радијација, обвивката не можеше да се изгради директно над урнатините на реакторот, туку беше изградена веднаш до оштетената централа и подоцна беше туркана преку реакторот, користејќи шини, во текот на неколку дена.

Заштитната обвивка беше официјално пуштена во употреба од Зеленски на 10 јули 2019 година. Но, втората купола е исто така само привремена мерка. Во меѓувреме, не е јасно како уништениот реактор, вклучително и високо радиоактивната маса на стопено гориво и градежни материјали кои сè уште лежат таму, ќе бидат демонтирани и отстранети.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми